Потребно време за читање: 2 минути

29. Политикант

Апостол Милески е најнесакан од политичарите и бизнисмените. Понесакан и понеприфатлив е од вторите. Првите не го поднесуваат, ама се воздржуваат да го изразат тоа, особено затоа што во помала, поголема мера или сосем зависат од него. Особено зашто неретко се поставува над нив, иако за повеќето тој нема поим од политика. Некои одвај се воздржуваат да му плеснат в лице дека се стекнал со големо богатство, станал голем бизнисмен само благодарение на вештото „играње“ политика. Бизнисмените, пак, не сакаат ни да се разминат со него зашто му го провериле бизнисменското знаење на пазар и спасил жива глава благодарение на негови политичари.

Најинтересно од сè во врска со Апостол Милески е дека тој никако не реагира кога некој ќе го нарече политикант. Не само што е рамнодушен, туку не ни помислува да побара објаснение или извинување. Сведочам за тоа.

Неделно сончево претпладне во Градскиот парк.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

-А бе политиканту ниеден, немој да мислиш дека кога-тогаш нема да ти дојде крајот!-му подвикна еден опозиционен политичар.

А тој:

-Зошто да ми дојде? Не ви чинев кога вие бевте власт и секако ве помагав и ве поддржував?

Политичарот:

-Нам не, туку само на оние на врвот што беа наши пред тоа, а станаа твои уште пред да станат власт.

Политикантот:

-Тоа не е мој, туку ваш, внатрепартиски проблем.

Политичарот:

-Да, да, се знае како ти во нивно време беше најуспешен бизнисмен. А си и сега, со овие. Нема што, ептен те бидува.

Околу нив се собраа млади и стари. Едни знаев, други познавав, трети ги гледав првпат. Многумина минуваа незаинтересирани.

Се вмеша еден средовечен господин во црн костум, бела кошула и црна вратоврска:

-Што е работава? Кој си ти што си му се нафрлил на господинот Милески? Не знаеш кој е тој?

Политичарот:

-Како може да не знам? Тој е угледен, голем, најголем, најуспешен, најспособен, највлијателен бизнисмен во градов.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Средовечниот:

-Да, тој е и таков е! Со својот бизнис им обезбедува плата и пристоен живот на три илјади вработени и нивни семејства. Да не е неговата градежна компанија…

Политичарот со кренат глас:

-Транзициски финансиски олигарх! Беден политикант!

Апостол Милески смирено и со рамнодушна насмевка:

-А што си ти, политичару? Знаеш што е тоа политичар?

Политичарот молчеше некое време, втренчено загледан во бизнисменот. Потоа одмавна со рака свртувајќи се и оддалечувајќи се.

Се оддалечив и јас. Оддалеку забележав дека кругот од млади и стари околу Апостол Милески станува сè поголем и сè поџагорлив!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here