Потребно време за читање: 2 минути

34. Чесниот

Го викаат Чесниот и сите го знаат таков. Дури нагласуваат дека е „неверојатно“ чесен. Има многу зошто, а најмногу затоа што не знаат, ни чуле ни разбрале нешто нечесно од него или поврзано со него.

Чесниот е обичен човек. Буквално со ништо забележлив. Дури непрепознатлив. Дури за многумина непознат. Чуле за него, знаат за него, ама не го познаваат; никогаш не го ни сретнале, камо ли да се дружеле, да му биле блиски. Тоа е интересно, особено ретко: да знаеш за Чесниот, а да не го познаваш.

Како го знаат? Се разбира, според чесноста и како што го викаа. Просто е неверојатно никој, баш никој да не чул или разбрал за нешто, макар најмало нечесно од него. Како што, тврдам јас, може да се најде кај секој од нас. А се знаат и се паметат многу негови чесни постапки, дела и однесувања. Запишани и во весници, списанија, кажувани на радио, прикажувани на телевизија, раскажани во раскази и романи. Нема потреба јас да ги прекажувам.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Чесниот нерадо зборува за чесноста воопшто. За неговата, пак, никогаш. Иако многу знае за неа. Го знам тоа од еден наш долг разговор чии главни поенти сакам сега да ви ги пренесам. Не се прашувајте зошто сакам оти нема зошто. Едноставно, го сакам тоа сега оти верувам дека може да ви притреба во овој наш живот со многу, та премногу нечесности.

Го прашав Чесниот дали знае што пишува во Библијата за чесноста. Ми одговори:

-Како може да не знам? Од неа најнапред учиме не само за чесноста, ами за сите човекови доблести. Чесниот не лаже, за крадење ни да помисли, и постапува чесно оти има чиста совест. Значи, таа е предуслов за чистата совест. Чесноста на човекот е на најголем испит кога ќе се најде пред можност за материјална корист. Лесно е да се биде чесен, но е многу тешко во време во кое надвладеале себичноста и алчноста за пари. Тоа најмногу се случува во економска криза со тешки последици. Многу е важно човек да не очекува, да не посакува никаква награда или возврат за покажана или докажана чесност.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Ми стана излишно, ама сепак го прашав.

-Што е за тебе чесноста?

Воопшто не размислуваше:

-Реков доблест. Ќе доречам дека е нераскинливо поврзана најпрвин со искреноста, а потоа со вистината и борбата против лагата и измамата, со праводљубивоста, пристојноста, скромноста, па и со разумноста. Чесноста е суштествена за опстојувањето на човекот во свет на трајни и минливи вредности. Таа е дел од човековата природа. Клучна за пријателството и љубовта, како и за сите односи меѓу ближни.

Големиот кинески филозоф Конфучиј разликува три нивоа на чесност: површно, го нарекува Ли, а кое ги вклучува активностите што ги извршува човек со цел да ги исполни сопствените желби на краток и долг век, притоа демонстрирајќи искреност; подлабоко ниво, го нарекува Ји, при што човекот не бара свој интерес, туку чесноста е морален принцип на правдата заснован на реципроцитет; најдлабоко ниво, го нарекува Рен, кое бара саморазбирање на човекот за тој да ги разбира другите, односно однесување кон оние на пониско ниво на социјалната скала еднакво како што би сакал да го третираат претпоставените.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Му реков на Чесниот дека сметам оти човекот е свесен за својата чесност како природна состојба, однесување и постапување, но таа мора постојано да се покажува и докажува. Како неговата, поради што и го викаат Чесниот. На тоа не реагираше никако. Неговото молчење го протолкував како одобрение.

Во последно време Чесниот може да се сретне на Главниот булевар со еден голем волчјак кого го вика Трајко.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here