Потребно време за читање: 3 минути

41. Напразно

Тој напразно се обидува да ги разубеди луѓето дека животот никогаш не бил сведен, ниту може да се сведе на потребности и непотребности. Животот не е живот ако помеѓу нив нема и потребни непотребности и непотребни потребности. Се обидува, но не му успева зашто не ги разбираат, не ги препознаваат, не ги согледуваат од една, а од друга страна не наоѓаат такви означени. Напразно, но сè уште не крева раце. Има надеж, додуша веќе потајна, дека ќе успее додека не е предоцна. Кога ќе биде? Одамна има осознаено дека според нивните чекорења, држењето на телата, поточно сè поголемото веднење, а особено според сè пораширената и подлабока молчаливост, тие брзо, та пребрзо чекорат кон предоцна. И млади и возрасни и во години на снеможење. Дури и децата и сè уште несозреаните млади.

Во последно време претпладне сè почесто оди во Паркот на слободно беседење, се качува на бетонската трибина, па пред малубројна група возрасни и деца, подзапрени на прошетка, беседи за потребностите и непотребностите во животот. Секогаш исто, речиси од збор до збор.

Последната неделна, пред два дена:

-Луѓе, слушнете ме и послушајте ме. Соземете се дури уште има време за вас и за нас. Не си го сведувајте животот, не им дозволувајте на овие и оние да ви го сведат на потребности и непотребности. Тоа е бесцелна трка и напразно трошење на времињата на вашите животи. Знајте дека потребностите брзо, речиси преку ноќ стануваат непотребности, а непотребностите за кусо време ви стануваат потребности, дури неопходности. Да, мислам на навиките и знам дека нив ги прифаќате како неминовности. А тоа не е ништо друго, освен долга поразија на животот. Но, јас од опитност ви велам дека животот не е живот ако помеѓу нив нема и потребни непотребности и непотребни потребности. Не знаете кои се тие и какви се? Јас ќе ви кажам. Слушнете ме, послушајте ме и ќе научите. Бидете сигурни дека доколку ги прифатите ќе ми бидете благодарни за тоа.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Животот е живот со потребни непотребности. Тоа се оние што не ни значат којзнае што, значи не ни вредат, но без нив едноставно не можеме. Тие ни помагаат, со нив си помагаме. Еве конкретно: сте излегле на прошетка во овој наш Парк на слободно беседење, облечени лесно, кој како, а многумина од вас сте со велосипеди. Не се качувате на нив бидејќи парков е за прошетка, а не за возење на нив, но сте се возеле од дома до овде. И ќе заминете од него качени на нив. Тие ви станале потребни непотребности кои не ви требаат само за од дома до парков и до дома, туку и за одење на работа, на пазар, за одење по покупки. Колку да се раздвижите? Да бидете во кондиција? Може затоа, ама првенствено за да потрошите што помалу време од вашата секидневност.

Ви велам, луѓе мои, дека животот е живот со непотребни потребности. Знам дека многумина од вас нив не ги разбираат или тоа не им е баш лесно, не научиле да ги препознаваат, не ги согледуваат, а не наоѓаат такви означени. Јас сакам да ви помогнам, па слушнете ме и послушајте ме.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Непотребните потребности се оние без кои можете, не морате, а сепак ги имате за себе. За не дај Боже. Сигурен сум дека секој од вас има на себе или при себе не една, туку повеќе такви-непотребни потребности. Ослободете се од нив. Верувајте ми, ќе ви биде многу полесно и поубаво во животот.

На пример, вие од понежниот пол што носите чанта проверете што сè имате во неа. Можеби сте заборавиле, можеби и не знаете. Сигурен сум дека имате многу нешта кои којзнае од кога не сте ги извадиле и не ви ни паѓа на ум да ги искористите. Непотребни потребности, ништо друго.

Од групата се јави еден седокос средовечен маж со дете в раце:

-Забораваш на потрошувачкото општество. Во кое живееме сакале ние или не. Тоа што го изнакажа не е само против него, туку и против развојот на економијата, против стандардот, богатењето и разновидноста на животот.

Тој го насочи своето беседење кон него:

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

-Господине, Вие очигледно не ми ја следевте внимателно мислата. Јас сум против сведување на животот на потребности и непотребности. Што е всушност сè што сами наведовте како супштествено за потрошувачкото општество, за развојот, за секакво напредок на човеештвото. Дури потенцирам дека тоа не е ни возможно. Јас укажувам дека животот не е живот ако помеѓу нив нема и потребни непотребности и непотребни потребности. Кои човек мора да ги разбира, да ги препознава, да ги согледува. Особено зашто обично не се означени како такви. Зошто? За да изгради критериум и да биде селективен. Во спротивно, ако ги има или ги нема секогаш при рака, брзо, та пребрзо чекори кон предоцна за сè. И тоа со сè поголемо веднење и во сè подлабока молчаливост.

Луѓе, се надевам дека не ви беседев напразно. Благодарам на вниманието.

Слезе од трибината и си го фати патот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here