Потребно време за читање: 3 минути

21. Лажливец

Уште еден лажливец пред мене! Да, уште еден од бројни досега кои лесно или тешко ги откривав и сум успевал да се оддалечам доволно за да не морам да трошам време во справување. Досега успевав само поради едно нешто: не разликувам мали од големи лажливци, исто како што не разликувам мали од големи лаги. Сите ми се исти. И ова: на ниедна лага не ѝ се спротивставувам со вистина, од проста причина што сметам дека на вистината ѝ е под достоинство да се соочува со каква било лага; освен кога е на тоа принудена, на пример да брани чест на човек.

Еве, и сега лажливецов пред мене не го гледам ни како мал ни како голем. Зошто не крај мене, спроти мене или зад мене? Затоа што јас не го дозволувам тоа! Тамам работа да дозволам, па да немам мир сè додека не го надминам. Впрочем, сите досегашни лажливци, а богами не се малку на број, сум ги надминувал лесно и за кусо време. Се разбира, откако ќе ги стасав, ќе ги соголев, па ќе си го продолжев патот. Добро, не велам дека сум немал проблеми, секогаш лесно и брзо сум се справувал, ама велам дека не сум дозволил и секако нема да дозволам лажливци да ме скршнат од патот. Ниту овој пред мене!

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Го забрзувам чекорот, му се доближувам на чекор, па му велам прекорно:

-Тргај ми се од патот, лажливецу!

Тој продолжува како да не ме ни забележал, а по неколку наспоредни чекори со моите ми вели рамнодушно:

-Многу ни е лажливо времево.

Решавам што побрзо да се справам со него:

-Кое лажливо бре, лажливец ниеден! Твое? Кое твое?!

Тој запира, ме погледнува и одговара уште порамнодушно:

-Нашево, се разбира. Моето не е важно какво е. Нашево е лажливо и како такво мора да мине што поскоро. И те молам воздржувај се, не навредувај, не ме нарекувај лажливец. Не сум бил и не сум таков.

Му ја напаѓам штотуку изречената лага:

-Те навредувам оти те нарекувам лажливец?! Па ти тоа си! Да не си, не би ни помислил дека е можно времето да е лажливо само по себе. Може да е такво само за тебе зашто ти го правиш. За да опстоиш во него, за да не се сневидиш, за да не загинеш бестрага. Да, да, само со тебе и со такви како тебе времето ни станува лажливо. Ај, мавни ми се од патот!

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Но, во меѓувреме се случи нешто што ме вчудовиде! Незамисливо: додека се справував со лажливецот стоејќи во место, до нас достасаа неколцина прави и здрави мажи со понекоја стројна жена меѓу нив и нè опкружија на исто отстојание. Нè слушаа немо, нè гледаа втренчено, очевидно заинтересирано. Моето вчудовидување стана неизмерно кога се свртев и забележав како со бавен чекор се доближува толпа, речиси е на чекор од мажите со по некоја жена меѓу нив кои, пак, сè повеќе го стеснуваа кругот.

Реагирав просто секавично:

-Лажливецу ниеден, многу си се осилил! Мислиш дека некој од овие околу нас и оние зад мене ти поверувале барем на една лага? Се лажеш! Ти си никој и ништо! Никој за ништо не те есапи. Тие од мене чекаат, на мене се надеваат да им ја откријам вистината на лажливците над тебе! На оние што ти дале власт за да го направиш нашето постоење лажно, да им бидеш понизен и да им слугуваш.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Мигум го ничкосав наземи, му ги врзав рацете и нозете со ортома и го обесив на ченгел што некој го ставил на копјето на споменикот на воинот на коњ. Сите во опкружувањето и толпата се загледаа во него, многумина покажуваа со прст смеејќи се громко, а јас си го продолжив патот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here