Потребно време за читање: < 1 минута

27. Одамна како сега

Посакувам неповторливо
јас и ти да се подариме.

На пример, ти да си
во еден агол на сон,
јас во друг.

На пример, рацете
да си ги подадеме,
потоа ти да ги стегнеш
околу мојот глас,
а јас, пак, да ги отворам
високо до небо.

На пример, ти да ги
измиеш и исушиш
кожите на мртви воини
од последна војна
низ беспатје
меѓу војски сенишни,
па потоа јас да влезам
во нивниот крвоток
колку може повнатре.

На пример, ти да збереш
луѓе околу нас
во прослава на оган,
а јас да им донесам
извор за спокој.

Посакувам неповторливо
јас и ти да се подариме.

На пример, ти да влезеш
во еден часовник
што не брои наше време,
јас во два исти
за да не измислуваме
ново сонце.

На пример, ти цвеќе
да набереш,
а јас да се грижам
долго да не исуши.

Прочитај и за ... >>  ИЗВОРИ ВО СТЕНИ (НЕКОГАШ ИГРА II), стихозбирка

На пример, ти направи
длабока шума од дабје
извишено до небо,
со стари и длабоки корени,
јас, пак, ќе ги бранам
од глад, суша и самост.

На пример, ти повикај
животни и птици
да ни следат трага,
а јас, пак, ќе ги научам
совреме да им ја
одгатнуваат сушноста.

Посакувам неповторливо
јас и ти да се подариме.

Конечно ти да бидеш
на еден брег на река
животворна,
јас на двата со тебе,
па на двата во мене

и никаде веќе
и никогаш одново.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here