Потребно време за читање: 2 минути

20. Челад

Не знаев дека Румена и Цветан Савески имаат четири деца; три женски и едно машко. Бидејќи откога ги знам се сами, мислев дека немаат рожба и други ближни, а никогаш не ги ни спомнaле или да се пожалат за нешто поврзано со нив.

Кога им појдов на гости пред некоја вечер, при разговорот пред вечера некако спонтано се наметна проблемот на од ден на ден сè поголемата нетрпеливост во роднинството, особено меѓу младите и старите. Притоа, Румена се замисли, се натажи и рече:

-Тоа е се чини неодминливо во оваа квазимодерна живеачка. Откога ќерките ни се омажија и изродија дечиња, се иселија од земјава. Пред четири години едната, седум месеци по неа другата и една година по неа третата. Оттогаш од нив не сме слушнале ни глас…Не знаеме како им е, живеат ли добро, ни дали се сите живи и здрави…Синот, пак, ни се јавува одвреме-навреме по телефон, се слушаме и гледаме на Вајбер, ама нема шанса да дојде скоро. Далеку е Америка…

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази

Се изненадив, ја потпрашав:

-Вие имате рожба?!

Ми одговори Цветан:

-Не сме ти кажале досега?…Едноставно, не станало збор за што било поврзано со рожбите и роднинствата…Со тебе и се познаваме од скоро.

Се надоврза Румена:

-Јас ги спомнав за да потенцирам дека нетрпеливоста е помала, има поинаква форма и содржина или воопшто не доаѓа до израз на далечина. Колку подалечни, толку е таа поподнослива.

Ми дојде тоа малку чудно и прилично неприфатливо, па разговорот се престори во расправа со различни, дури спротивставени ставови. Јас тврдев и се обидов да аргументирам дека нетрпеливоста ја имало секогаш, што значи дека не е резултат на квазимодерната живеачка, како што вели Румена, туку е наметната, се форсира и поттикнува свесно, со јасна цел-разнебитување на припадноста кон заедницата, почнувајќи од семејната. Румена и Цветан беа едногласни дека се согласуваат делумно, но е многу поважна културата и тадицијата на живеење, поточно на опстојување на родството и роднинството. Јас инсистирав на важноста на односот помеѓу генерациите во одгледувањето и воспитувањето на потомството, имајќи ги предвид пред сè вредностите и искуството, а тие жестоко се нафрлија на нужноста од стамен систем односно организација на државата што ќе овозможи успешна одбрана на личноста од нејзина деструкција со наметнување на индивидуални, егоистички и фрустрирачки политикантски цели.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Пред да ја завршиме расправата и да седнеме на трпезариската маса на која Румена веќе ја беше поставила вечерата, ги замолив да ми кажат подетално за ќерките и синот.

Ивана е најстара, има четириесет и пет години. Пред да се омажи за Ристо, градежен инженер, завршила студии по индустриски менаџмент. Од нив им се внуците Јан и Астра. Последен пат се слушнале пред две ипол години, пред да се преселат од Окленд на Нов Зеланд во Мелбурн, Австралија. Јована, триесет и осумгодишна, со Костадин и ќерките Соња и Натали живее во Париз, Франција, а најмладата-триесет и двегодишната Солза со мажот ѝ Благој и внуците Гоце и Марјан го избрале за живеачка холандскиот град Утрехт. Со Ивана, Јована и Солза се немаат ни слушнато ни видено полни четири години. Најмногу ги боли тоа што очигледно заборавиле дека имаат сè уште живи родители. Синот Никола, со кого се слушаат и гледааат на Вајбер одвреме-навреме, има семејство-снаата Тања и внучето Горјан. Живеат во Чикаго, Илиноис, во голема куќа во елитен кварт. Имаат своја продавница на автомобили. Далеку е, нема шанса да дојде скоро со семејството или сам.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Со оглед дека обајцата се во години, снеможени и неизлечиво болни, на Румена и Цветан им е најтешко дека веројатно ќе умрат, а нема да бидат пак заедно со своите чеда.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here