Потребно време за читање: 2 минути

6. Уште еден обичен

Не ти докажувам, не те убедувам, туку само ти одговарам на прашањето што го претпоставувам: ако ги знаеш обичните луѓе, тогаш знаеш дека Владо Соколовски е еден од нив. Уште еден од нив. И те предупредувам дека кога ќе се сретнеме со него, кога ќе те соочам со него, да не го гледаш таков. Инаку, ќе мораш не само да му го опишеш обичниот човек, туку и да го претставиш како него.

Не ме прашувај зошто е важно дали тој е или не е еден од обичните. Нему му е важно зашто најпрвин не ја признава поделбата на луѓето на обични и необични. Ако го прашаш за неа, по малку налутено ќе ти одговори дека неа ја прават оние што побрзо ја прифаќаат припадноста одошто самостојноста. Смета дека секој човек е обичен, а станува необичен за обичните единствено со целосната посветеност на нешто. Токму со посветеноста секој на други им изгледа необичен. Од проста причина дека таа маргинализира сѐ друго, особено секојдневните дејствија, работи, обврски и навики. Човек просто како да се изолира, како да се затвора во себе. Но е секогаш расположен за она на што е посветен.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Според мене, Владо Соколовски е за сите обичен, а за неколцина блиски, меѓу нив секако и јас, необичен. Може сосем незабележливо да се меша во луѓе, со секој да биде како познајник, па и пријател, стварно или божем незаинтересирано да расправа со некој за што било. Дури и како учен, стручен, дури како искусен и мудар. Од друга страна, тој е навистина необичен кога некој ќе покаже интерес за неговата животна преокупација-музиката. На која ѝ е целосно посветен. Уште ако тој биде покажан среде создавање на ново дело…

За мене е неразбирливо тоа дека малкумина го знаат Владо Соколовски како композитор. Може да се рече само во музичките кругови. И тоа многу повеќе во странство отколку дома. Затоа многу повеќе го знаат како еден од обичните, не од необичните луѓе.

Уште еднаш те предупредувам да не го прашуваш многу за неговото музичко творештво, за она што го создал или го создава. Ќе ти се види необичен кога ќе почне да зборува надолж и нашир, особено за неговото најново дело кое или го почнал штотуку или го привршува.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази

Мислам дека јас и ти се согласуваме, а верувам ќе се согласи и тој дека луѓето не се обични и необични, туку значајни и безначајни. Исто како вредностите и дребнавостите во животот.

Кога ќе те запознаам со обичниот Владо Соколовски? Се надевам скоро. Пред малку ми се јави на мобилен и изрази жалење што не може да издвои слободно време зашто сосем го обзело творечкото.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here