Потребно време за читање: 4 минути

128.

Што беше изненадувањето на писателот? Беше изненадување? Како за кого, за мене и да и не. Да, ако се имаат предвид моите мошне скромни познавања на модерната повратна спрега помеѓу писателот и читателот односно консументот на неговото дело, а поради лична незаинтересираност; не, затоа што одамна сум осознал дека токму новите и сѐ понови комуникациски системи овозможуваат постојано доближување на формата и соржината, во најопшта смисла.

Го прашав, почна како оддалеку:

-Ви кажував дека јас сум писател различен од други, се разбира не единствен, кој своите дела не ги објавува во книжен формат, туку во наједноставен електронски. Моментно создавам интертекстуален роман, но едновремено истражувам и развивам други форми на комуникација, јас велам интеракција помеѓу творецот и консументот на неговото дело. На пример, му овозможувам тој да се вгради во него, сеедно именуван или не. Се прашувате како? Многу едноставно: тој искажува или раскажува некое свое приклучение, од својот живот, доволно во две-три минути или два три-реда, потоа избира времетраење или број на редови, плаќа навистина симболична цена и јас во договорен рок му испорачувам дело-кус, долг  расказ, повест, може и роман, во еден примерок; дополнително плаќа, пак симболично, за намножување во повеќе.

Јас со нескриена љубопитност:

-Тоа е навистина оригинално. Првпат слушам. Каков било исказ?

Помислив на мојов.

-Да, кус, подолг, устен, писмен. Нема проблем…Сега моето изненадување за Вас. Ви најавив.

Го запишав Вашиот исказ за геноцидот и етноцидот на малите народи од страна на велепредавничка октроирана власт од една, и патриотизмот односно македонството од друга страна.  Напишав кус расказ и еве, Ви го подарувам. Се надевам дека ќе Ви се допадне.

Ми предаде отпечатен лист кафеава хартија. Навистина ме изненади Со задоволство го вградувам во исказов:

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

„Патриот

Неговото патриотство се распламти откога целосно го осозна забрзаното геноцидно и етноцидно уништување на македонскиот народ од велепредавничката октроирана власт. Неговиот народ е мал, но многу важен, според многу нешта клучен за опстојот и развојот на светот од древни времиња до денес. Да, македонството во него е оган што се распламтил и е подтотвен да пеплоса сѐ до што ќе допре. Само да излезе, да се ослободи, да вивне.

На секој што се дружи со него детално му објаснува колку е силно чувството на припадност на човекот и на националната самобитност. Тоа е во секого, стишно, а неговата изразитост зависи од силовитоста на самосвеста. Како и секое друго, македонството е севкупност на особините на Македонците и на припадност кон македонскиот народ како посебен ентитет.

Образложува:

„Како сите други древни цивилизации, и македонската не исчезнала, тоа е напросто невозможно, туку продолжила и живее до ден-денес. Всушност, станува збор за континуитет на опстојот спротивставен на најголемото злосторство на ѓаволот во човекот-едновремени геноцид и етноцид. Моќните и силниците, кои ги вршат нив врз мали и немоќни народи, воопшто не размислувајќи за последиците врз човештината пред сѐ, имаат една единствена цел: да освојуваат и окупираат нови, нивни простори и да ги принудат да работат и дејствуваат во интерес на нивните интереси“.

Тој е неизмерно жалосен оти животот го однел далеку од неговото родно огниште. Ја губи надежта дека ќе се најде макар миг во него додека е жив“.

Одвај се кренав на нозе по неколкунеделно лежење в кревет, со паѓања во бессознание и враќања на свеста, постојан лекарски надзор,  инфузии, секакви лекарства, физикална терапија. Не мислев само јас дека е готово со мене. Мислеше и писателот, а мошне загрижена беше и Госпоѓата со косата во пунџа која се грижеше за мене како да ми е друшка. Мене, пак, најмногу ме загрижи сѐ почестата заборавност, почестите „закочувања“ на меморијата и непрепознавања на просторот, мојата соба во домов, и на луѓето до мене и околу мене. Затоа што точно знам што значи тоа, за каква болест станува збор. Дали неповратно исчезнувам?

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Огнот започна во градите, во срцето, и почна брзо да се шири низ крвотокот, да ми ги гори рацете, нозете, главата, целото тело. Многу брзо ми ја премали снагата. Каков оган? Распламтен, што пеплосува сѐдо што ќе допре, а сув, а речиси мразен! Најчесто го гледав без никаква друга содржина и цел, освен со мои мигновени преселби и престојувања во Долно Дивјаци, и тоа сам јас, пусто тоа; или во простори на древни цивилизации во кои веќе сум бил дружејќи се со нивни живи важни луѓе. Знаев дека ќе ме остави, ќе ме ослободи, ќе излезе од мене штом почна да тлее во моите очи.

Да, за чудо на сите, и на лекарите и на негувателите, се кренав на нозе, оздравев. Бев стариот. Или речиси сум. Одвреме-навреме како да ме заробува заборавноста, како да ми „закочува“ меморијата и не препознавам простор и луѓе, но тоа веќе не е толку често како кога лежев вкочанет в кревет.

Денеска од рано утро е убав, благопријатен зимски ден. Веќе е претпладне, сигурно околу единаесет. (Одамна не носам рачен часовник.) Сончев, исполнет со спокој, забавен и не толку бучен како другите. Се облеков, излегов од домот да се прошетам. Не зедов ништо со себе, го оставив и лаптопот. Не се поздравив со никого. Така е најдобро.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Запирам такси и му велам на шоферот да ме одвезе до аеродромот Кингсфорд Смит.

Конечно заминувам од Сиднеј, од Австралија, ќе полетам кон Македонија, кон моето Долно Дивјаци. Со намисла да не се враќам, да умрам крај домашното огниште. Во кое ќе запалам оган и дури сум жив нема да дозволам да угасне.

Исчезнувам.

Во исказот што го меморивав во мојот лаптоп како ворд документ, допишав или повторив веќе напишано, не паметам, за мојот престој во Куско, папокот на светот, Градот на Сонцето, главниот град на Инките. Високо во Андите, на три илјади и четиристотини метри.

Ми го претстави лично неговиот главен градител, царот Паќакути Инка:

„Ова здание, во центаров на градов, е нашиот Храм на Сонцето, Куриканќе. Изграден е од злато и сребро, а му го посветивме на богот Виракоќа. Во него ги славиме и култот на месечината, ѕвездите и сонцето.

Поплоченава улица по која чекориме е среде градот и го дели на четири подрачја, четири царски покраини. Во средиштето е обредниот плоштад Хуакапата“.

Посебно ме привлекоа  космологијата, астрономијата и календарската астрономија на Инките. Богот Виракоќа го создал светот од три елементи: вода, земја и оган. Земјата била извор на животот. Светот го поделил исто така на три дела: горниот, наречен Анан Паќа, со небото, со кое владеел богот, сонцето, месечината и другите божества, каде што оделе добрите кога ќе умрат, но не како духови, туку како човечки суштества; вториот, Урин  Паќа, долен свет, свет на распаѓањето, привремено престојувалиште на луѓето или рунас; и третиот дел, Уку Паѓа, средиштето на земјата каде што оделе злите луѓе, соодветен на пеколот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here