Потребно време за читање: 5 минути

124.

Ретко и нерадо се навраќам на моето детство минато во село Долно Дивјаци. Немам некоја особена причина за тоа, освен дека ми минало во немаштија, глад и мачнотија; не многу љубопитно, во две-три игри бесцелни и желно за сѐ што на каков било начин ќе допреше до нас. Се разбира, многу од него ми е незаборавно, како на секому. Секогаш прво ни било играњето, после учењето на школо и од постарите искуството, а не мал  дел од денот и вечерта, во зависност од возраста, им помагавме на возрасните и старите на поле, во корија или по дома.

Во суво време, кога не врнеше, сретсело игравме три игри, која како ќе ни дојдеше: куса магарица, мижитатарка и игра со челик на дупка. Кога ќе надојдеше реката Жаба, под мовчето и околу него правевме вирови со камења и во нив со раце фаќавме риби.

Куса магарица ни беше најиграна и сигурен сум дека никој од оние што ја играле не ја заборавиле. Зашто се играше долго, со часови, се заборававме од играње, и многу се смеевме:

Едно од децата ќе застанеше до ѕид, друго ќе се наместеше спроти него со главата во скутот, велевме „за бабина душа“, како да му дава зоб. Другите едно по едно ќе го вјаваа без да се кажат кои се, а тоа што како да му дава зоб ќе го прашаше: „Кој те јавна?“ Тоа одговараше „Кусата магарица!“ и кажуваше име. Ако го погодеше, ќе лежеше тоа, а ако не, продолжуваше да лежи дури не погоди.

Многу ја игравме и мижитатарка. Сегде кај ќе стасавме-меѓу куќи, меѓу камења и стени, на голите  ридови, а најмногу во коријата над селото. Немаше дете кое не ја знаеше:

Се збиравме сите и избиравме едно да мижи на едно мест и да брои. Сите други се криеја, кој каде мисли оти ќе биде добро сокриено, дури изброи до договорените десет, дваесет, триесет. Потоа тоа што мижи ќе извикаше „Барам!“. Ќе почнеше да ги бара сокриените и да дотрчува пред најденото до местото кај што мижело.  Секој што ќе дотрча пред него ќе плукне на местото. Мижачот ќе мижеше сѐ дури не биде побрзо од првото откриено. После ќе мижеше тоа. Се разбира, најмалку мижеа, можеше и ич да не мижат најсокриените и најбрзите.

Прочитај и за ... >>  118

Играта со челик на дупка ја играа машките деца, ама и од женските имаше понекое што беше рамно. Кај собирачот на македонски народни умотворби Марко К. Цепенков најдов точен опис. Еве го од збор до збор:

„Играчката со челик се играт со две страни деца, ватени со прсти од башариите. Откоа ќе се изнафатат децата на две страни, ќе шенголкаат челикот наземи и ќе си речат кој колку сакаат. Челикот је напраен од једна прачка дебела колку једен палец или потанка, долг близу једна педа. Челикот јет делнат од четирите страни и на двата краја чалдисан, за коа ќе стоит наземи, да јет крајо на скок за коа ќе го удираат со стапчето, да скока наугоре; едни крај чалдисан јет от едната страна, а другио од другата страна за да је згоден, и со два краја коа да падни наземи, со која страна ќе падни и да можи да скочи коа ќе го удрат со стапчето. Стапчето јет прибаре еден аршин долго, што ќе се играт со челикот. Во стредето од челико имат бележани белешки, од едната страна, а од другата две или крс. Коа ќе заиграат, ќе го фрлат наземи и ќе речат едните: „едно сакаме“, а друзите „две“, и која страна ќе погоди, така ќе праит. Ќе си ископаат една дупка наземи, долга колку една педа тукуречи и длабока колку три прсти, а широка колку да го бери крајо од стапчето што ќе се игра челико.

Таа страна, што не погодија белешките од челикот, ќе се истаат откај дупката баеги далеку и ќе се разредат за да го чекаат челикот, да го ваќаат: а пак другата страна ќе праат и сопрво ќе запраит некое дете најмало и најневредно што јет во играчката.

Еве како ќе се праит: ќе го клаит детето челикот на дупката стреде  и ќе го пикни крајо од стапчето во дупката, та ќе се напнит, што да можи, со обете раце, држејќи стапчето, и ќе го фрли челико наугоре кај децата друзи што го чекаат. Ако му го ватат децата в раце, тоа дете веќе не играт, ќе си седни настрана и ќе запраит друго; на сите ако му го исфатат тие ќе дојдат да праат, а друзите ќе чекаат. А пак на кое дете што не ќе му го ватат, ќе го клаит стапчето над дупката и ќе фрлат од кај што паднал челикот за да го удрат стапчето; ако го удрат, ќе си излезит тоа дете од ојнот (играчката) и друго ќе праит, а пак ако не му го ватат или не му го удрат, бинек ќе праит. Ќе го поткошнит со стапчето челикот наугоре и откоа ќе паднит наземи, ќе го удрит на врвот со стапчето за да скочит наугоре и ќе печалит да го чалнит многу далеку; првиот пат ако не му скочит челикот, али ако му скочит и не го удрит со стапчето, али ќе му скочит и ќе го удрит, ама блиску ќе му паднит челикот, тогај според законот на играчката има прао детето да го удират челико до три пати за да му појдит уште подалеку; ако сака, можи и со едно удирање да го остаи или со две, праото му је до три пати да го мават, арно ама и со еднаш можи да го остаи, само четири пати немат прао да мават.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Откоа ќе го удрит челикот и ќе го отерат донекаде, отаде ќе му фрлаат друзите деца кај дупката за да му го удираат стапчето, чунки ќе бидит клаено на дупката. Ако му го удрит, не ќе праит тоа дете веќе, друго ќе запраит отпрвин.

Бинекот го играат и со тринога рипана, ако си речат „со рипана или со удирана“. Од кај што ќе го заудират сопрво детето челикот, ќе тргнит една чизија и од чизијата ќе го рипа башаријата од другата страна или стојанка ќе го рипа, или трчана, според како ќе им биди речено; ако го рипнат, ќе си излези детето од играчката и ќе праи друго; ако не го рипнит, пак ќе си праит со челикот, од дупка ќе им го фрлат и, ако не му го ватат или не му го удрат, пак бинек ќе си праит и, штом напраи до десет, ќе си седнит.

Така ако напраат сите деца по десет бинеци од едната страна, без да му го ватат челикот или да му го удрат стапчето, ќе `и вјаваат друзите деца.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман

За до кај да `и вјаваат законот јет: да го закачат челикот со врвот во дупката прао угоре и да го удрат со стапчето силно, та до кај ќе појдит челикот, дотамо ќе си вјаваат и после ќе запраат играчката вјааните деца. Ете таков јет редот на таа играчка“.

Фаќањето риби со раце во реката Жаба, со правење вирови, не беше толу детска игра, особено не бесцелна, а тоа овозможуваше да се истакнат посилните и поопитните деца. Особено оти требаше да се биде вешт во газењето во неа, скокањето од еден на друг мазен камен и прескокнувањето на брзаците.

Жаба е лева притока на Црна Река, изворот ѝ е под врвот Мусица на Бушева Планина, на 1.600 метри надморска височина, а баш кај Долно Дивјаци во неа се влева реката Распаќе, што ја викаат и Горноливадска Река.

Ловењето риби, најмногу клен, мрена, но и пастрмка, никогаш не им било особено привлечно на дивјачани. Барем не како основен извор на прехранување. Но тоа не значи дека ретко сме имале риба за ручек или вечера. Напротив.

Јас не бев многу вешт во фаќање риби со раце во вировите, а и бев на седум-осум години кога им се приклучив на фаќачите. Многу ми се лизгаа од раце, а неретко и паѓав во брзак обидувајќи се да ја држам фатената риба со обете раце на гради.

Паметам кога сам фатив голема мрена, речиси полкило. Ја чував дома жива во леген и цели четири дена не им давав на моите да ја испечат. Таа како да го знаеше тоа, па кога ќе дојдев од играње или учење и ќе се наведнев над легенот напросто се радуваше. Ме гледаше право в очи едновремено незабележливо мрдајќи ги перките. Не се тргаше и не бегаше кога ќе ја помилував. Кога мајка ми ја испече за ручек, јас бев многу жалосен со денови и ноќи. Од неа не ставив ни парче в уста.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here