Потребно време за читање: 2 минути

111.

Од ден на ден сѐ повеќе ме болат, ме вртат коските. Знам, најмногу е од староста, ама е и од болеста што ми ја напаѓа. Лесно ја откри мојот доктор: ревма. Состојбата не е сериозна, уште помалку алармантна, ама морам да преземам превентивни мерки. Да, најмногу ме болат зглобовите на рацете и нозете при промена на времето, а овде во Сиднеј тоа се случува често, особено на есен. Никако да се прилагодам на влажноста на воздухот.

Секој што ме познава знае дека за неа веќе знам сѐ: таа е хронично и прогресивно воспаление на зглобовите, па постои опасност да ја ограничи нивната функција, со време и да ги уништи; симптоми се замор, намален апетит, лесно зголемена температура, болки во зглобовите и мускулите, отеченост на зглобовите; нивна утринска вкочанетост и болна чувствителност на допир; движењата сѐ потешко изводливи. И татко ми и мајка ми, и дедо ми и баба ми патеа од ревма, ама не знам за некој ближен да боледувал од артритис или остеоартритис.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Пијам некои лекови, сѐ  повеќе се одморам дење. Ги интензивирав прошетките, се разбира веќе со неопходниот поткрепувач-бастунот. Живеам здрав живот? Ах, којзнае…Кога е збор за исхраната сѐ ѝ препуштив на мојата Госпоѓа. Таа, пак, е најмногу посветена на чаевите.

Не пукам од здравина, па сепак можам да се фалам со неа. Сѐ уште воопшто не ме загрижуваат повремените ненадејни главоболки кои како да зачестија по исчезнувањето на син ми. Ги отстранувам со таблетка за смирување.

А познавам неколцина меѓу нашинциве, на мои години, кои одвај стојат на нозе. Лицата им се бели како варосани, испиени, вкочанети. Дишат ту забрзано, ту како да не дишат, и саде се жалат на срцата. Сѐ повеќе не ги слушале, им станале аритмични. На прашање „Како сте?“ одговараат „Претсмртно!“.

Еден од нив несомнено ќе замине многу скоро. Не му го знам името, не сум го прашал, а се имаме сретнато неколкупати. Начисто пропаѓа, гасне, се топи како свеќа. Побрза умирачка досега немам видено. Да, болен е неизлечливо и тој го знае тоа. Помирлив е, а токму таа негова помирливост мене просто ме запрепастува. Затоа што е конечен личен пораз? Не, туку поради прифаќањето на забрзаното умирање како неминовност.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Се обидов да го сепнам:

-Знаеш, другар, земјак, на стамен човек не му е својствено кога било и поради што било да му се предаде на забрзаното умирање, да ја чека смртта, да крене раце од животот. Не велам дека треба да се бори упорито кога знае дека е бескорисно. Велам дека напротив, треба да го зграпчи животот што му преостанува, да го живее колку може побогато, подинамично, порадосно и поспокојно.

Тој ме пресече, ме замолча. Зачуден:

-Јас стамен?! Таков ти изгледам? Со натежнативе години, со самоста во нив? И далеку од мојата родина? Без макар помисла да ја видам последен пат, да ја сетам топлината на родното огниште?

Откога исчезна син ми почнав повеќе да им се посветувам на смислата на животот и неговата минливост. Пред тоа одвреме-навреме, но потоа со нив на мојата Госпоѓа ѝ станав и ѝ станувам сѐ понаметлив. Речиси да нема мој исказ за што било, особено за минатото и древните цивилизации кој не го завршувам со промислување или мои стојалишта за нив.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here