Потребно време за читање: 3 минути

Ноќеска почина мојата Госпоѓа. Очекувано. Мирно, безгласно. Легнавме, заспавме, а ме разбуди нејзиното забрзано, испрекинато, отежнато дишење. По дваесетина минути се стресе, ме загледа, ми се насмевна и престана да дише. Штотуку мина полноќ.

Многу сум тажен, неизмерно. Не толку оти останав сосем сам, зашто не сум откога дојдовме, се сместивме во домов. Се запознав со сите неговите жители, се спријателив со повеќето, споделуваме денови и добар дел од ноќите. Веќе се навикнав на нејзиното забрзано губење, сушење, особено откога се изгуби сосем, ја обзедоа Алцхајмер и деменцијата, потона во молк и веќе не ме познаваше. Неизмерно сум тажен зашто нашата соживеачка беше со искреност, меѓусебна доверба и спомагање. Најважните нешта за луѓе во наши години. Што е многу тешко да се негуваат, едновремено секидневно да се богатат со повторлив ритам на навици; заедно или наспоредно со ретки неповторливи случувања и доживувања.

С сретнавме случајно при прошетка на шеталиште на кејот на Сиднеј, по неколку разминувања и загледувања. Никогаш ми нема кажано што ѝ го привлекло вниманието на мене, а ни јас немам одговор зошто се зближивме многу брзо. Сега помислувам дека во тоа најголема, можеби пресудна улога одиграла обостраната самост. Или поточно чувствата на неудобност и изгубеност во знаен, модерен, но туѓ свет; отфрленост од него, залудност на постоење не поради материјално и духовно живуркање туку оти од тебе се издвоиле, се оддалечиле, на овој или оној начин исчезнале ближни. Подоцна откривме дека сме имале и слични животни приклученија поврзани со заминувањето од родната грутка Македонија; не само печалбата и не само напуштањето и запустувањето на родните огништа и гаснењето на огнот во нив.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Да, конечно се спаси кутрата, се ослободи од болеста која навлезе во неа ненадејно и несетно, а со секавична брзина ѝ ги зароби, телото, душата, срцето и умот. Јас одвај успеав некако да се помирам со најнесреќната разделба со друшка што може да му се случи на човек во години-да биде со неа, да живее со неа, а да не е со него, да го мисли непознат или дека е некој што ѝ е само нејзе ближен. Најтешко од сѐ ми беше и ми е тоа што не можев никако да ѝ помогнам во кризните моменти, со ништо да ѝ помагам за полесно, пожизнено, па и поспокојно да ѝ минува времето до смртниот час. Со еден збор, макар како проблесок во мислата да ги обземе нашата љубов и близост. Му благодарам на Бога дека конечно ја успокои.

Заборавивме на патувањето во нашата родина, заедно да отидеме макар последен пат во Крушево и потоа во Долно Дивјаци? Се разбира не, ни кратко по доаѓањето и сместувањето во домов во Сиднеј; додека целосно не ја заробија Алцхајмер и деменцијата. Дури и потоа на неколку наврати се навраќаше на тоа. Еднаш ја најдов во собата како вади алишта од орманот и внимателно ги пакува во куфер. Кога ја прашав што прави, весело ми одговори: „Зарем заборави? Што чекаш? Утре тргаме, полетуваме со авион кон Македонија! Нѐ чекаат моето Крушево и Долно Дивјаци!“ Морав и јас да го пакувам куферот, а на негувателката накусо скришно да ѝ ја раскажам „приказната“. По два часа седеше во инвалидската количка во дневната соба, крај прозорецот што гледа кон 309-метарската Сиднејска кула, падната во заборав. Не знам, можеби го „повтори“ нашето искачување со лифт на нејзиниот врв, на платформата направена во стакло, во ресторанот, одушевувајќи се на неверојатно впечатливиот поглед на Сиднеј.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Ме прашаа дали има роднини и пријатели на кои ќе им јават дека мојата Госпоѓа почина, за заедно да ја испратиме во вечното почивалиште. Знаат дека е од Македонија, според документите родум во град именуван како Крушево, па можеби оставила аманет таму…Не, нема никого друг освен мене, одговорив, а не запознав никого од нејзин род или некој пријател. Ќе ја погребам сам, одговорив.

Ја погребавме јас и нашата негувателка во домот за стари лица. На зајдисонце, на сиднејските гробиштат Роквуд.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here