Потребно време за читање: 4 минути

123.

Одвај успеав да ми поверува Госпоѓата, да не го продолжи своето љубопитство, а се надевам и тоа да не почне да тлее во неа. Беше сосем случајно, неочекувано. Влезе во мојата соба, а јас го бев отворил лаптопот и фајлот во Ворд документи со мојов исказ насловен „Безмерноста на човековата самосвест“. Ги распределував прибраниот материјал, сознанијата и конечните заклучоци за животот на американските староседелци во резерватите. Застана крај мене, внимателно погледа во екранот, прочита некој ред и ме праша:

-Што е ова, Господине? Да не пишуваш книжевно дело? Можеби роман?

Одговорив воздржано, а сепак со нервозен глас:

-Нема врска! Од каде таа идеја? Ова се само прибелешки за нашата следна дискусија за древните цивилизации, огништето, огнот…Јас писател?! Смешно!

Таа:

-Зошто да не? Не ќе е тешко да се напише на пример роман со толку богат материјал, откритија, сознанија, стојалишта. Баш би бил интересен и читлив.

Досега воопшто не сум помислил на такво нешто. Точно, мојов исказ, со сѐ во него досега е прилично обемен, повеќе од триста страници, ама роман…Се сетив на слична ситуација со мојата упокоена Госпоѓа, на која ѝ го открив исказов како моја мала тајна, па додадов:

-Смислив ваков наслов оти во исказов има и мое лично и заедничко минато со ближни, потоа случувања, доживелици, секидневности, средби, разговори, пресвртни ситуации. А стожерно е огништето како самосвест, како идентитет, како корен, како самобитност. Од сите негови аспекти и со сета негова комплексност…Немам никакви посебни амбиции. Станува збор за мој исказ како трага на моето постоење и мојот опстој.

Госпоѓата:

-В ред, Ваша работа.

Излезе од мојата соба, со потсетување дека времето надвор е свежо, но сончево, тамам за час-два прошетка во дворот на домов. Ќе ме чека. Јас уште половина час потрошив на средување на материјалот, моите сознанија и заклучоци за Индијанците во резерватите, како и моја „мигновена посета“ на нивната држава Нунавут:

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Секому му е знајно дека домородечките народи што живееле во Северна, Средна и Јужна Америка до 15. век имале различни имиња. Заедничкото Индијанци, пак, го добиле по почетокот на населувањето на европски народи, пред сѐ Шпанци и Англичани. Така ги нарекол Кристофер Колумбо кој стасал на американскиот континент мислејќи дека ја открил Индија. Денес тие живеат во резервати скудно и мачно, но сѐ поинтензивно се интегрираат во општествата на Канада и САД.

Податоци:

Од вкупното население на САД, Индијанци сега има само 1%. Се проценува дека ги има вкупно околу 2,7 милиони. Повеќе од 10% се жители на Алјаска и Ново Мексико. Во Јужна Дакота, Оклахома, Монтана, Северна Дакота и Аризона тие се помеѓу 5% и 8%. Во останатите држави 2% и помалку.

Нивната единствена држава Нунавут, една од трите територии и федерална единица на Канада, е мошне пространа-има површина од речиси два милиона километри квадратни и околу 170.000 километри квадратни внатрешни води, скоро колку западна Европа. Таа е најмалку населена област во Канада и светот, со сенасе 32.000 жители!

Резерват:

Тоа е земјишна област со која управува признаено американско домородечко племе. Во САД постојат 326, поврзани со одредена индијанска нација, а останатите 241признаени немаат резервати. Интересно е дека некои имаат повеќе од еден, а некои делат резервати. Со продажба на Американци кои не се со домородечко потекло некои се фрагментирани, а секое парче племенско, индивидуално и земјиште во приватен посед се третира како посебна енклава. Колективните географски површини на сите резервати е 227.000 километри квадратни, со големина на Ајдахо. Најголемиот му припаѓа на Навахо нацијата, а е колку Западна Вирџинија. Најголемиот број од нив се наоѓаат западно од реката Мисисипи.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Во резерватите Индијанците живеат мачно, се борат со тешка сиромаштија. Најмногу одгледуваат пченка, која има посебно значење во културата, традицијата и верските обреди, како и крави, коњи, овци.

Најважно е сфаќањето на животот и живеачката. На пример, за нив е неприфатливо поради профит да се разорува земјата, да се уништуваат флората и фауната.

Во некои резервати главен извор на приходи е коцкањето, а ретко каде постои индустриско производство. Некои токму со приходи од „туристичко коцкање“ создале пристојни услови за живот.

Во индијански резерват во Ново Мексико, на врвот на една стена висока стотина метри се наоѓа најстарата трајна населба на американските староседелци Пуебло Индијанци во САД,  наречена Небески град. Во неа живеат 13 семејства на чело со племенски и верски лидери. Во куќите се влегува преку покривите со дрвени скали. Лидерската улога им припаѓа на Антилопите кои денес имаат воени шефови. Секој што сака да се насели во резерватот мора да добие дозвола од нив.

Нунавут:

Оваа федерална членка на Канада од 1. април 1999. година, со најголем и главен град Икалуит, опфаќа дел од континентална северна Канада, поголем дел од Арктичкиот архипелаг и сите острови во Хадсоновиот залив, Џејмсовиот залив и Заливот Унгава. Јужната граница е областа на тундрите без дрвја , а резерватот е речиси целосно во таа област, освен тајгите на југозапад.

Во текот на долгите поларни ноќи температурите паѓаат често до -50 степени Целзиусови, а средната јануарска изнесува -20 степени Целзиусови.

Инуитите во Нунавут живеат веќе 4.000 години. Според пописот во 2006. година, од 30.000 жители тие се најмногубројни. Стотина се Индијанци, околу 130 Метиси, а недомородци околу 4.500. Официјални јазици се инуктитут, го говорат најголем број жители-69,54%, инуинактун, што го знаат сенасе 1,02%, потоа англиски, го користат 26,75% и француски 1,27%.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Го меморивав фајлот, го затворив лаптопот и излегов во дворот. Беа излезени повеќето жители на домот, меѓу нив и Госпоѓата. Времето беше свежо, но сончево. Се ближи зимата.

Каква случајност! Или намерност? Вечерта на телевизија гледав документарен филм за една голема љубов што се родила и живее во Нунавут, во селото Арктик Беј, близу до рударскиот град Нанисивик, 700 километри од Арктичкиот круг. Познато е и како Икпиарјук, со сенасе 600 жители.

Во два-три збора:

Еден фотограф дошол во селото и прво што го  изненадило биле честите собирања на целата заедница за да игра и танцува. Во една локална продавница ја среќава својата голема љубов, Инуитка, и наскоро почнуваат да живеат заедно. Со време откриваат дека не можат да имаат деца, па решаваат да посвојат две, момче и девојче. Посвојувањето е распространет обичај во инуитската заедница, па и со согласување на едно семејство да му отстапи дете на друго на одгледување. Мајката на девојчето е блиска роднина на неговата жена. Децата посетуваат инуџук, единствено училиште во градот .

На почетокот од јуни градот речиси се празни оти луѓето заминуваат во дивина. Пронаоѓаат јајца, фаќаат езерска риба и ловат фоки.

Авион со залихи стигнува еднаш годишно во август, во локалната продавница се купуваат суви продукти, а останатата храна се набавува од природата, со лов и риболов.

Една од поентите на документарниот филм: суштината на културата на Инуитите е во делењето. Кога ќе се случи некоја трагедија, на пример пожар, луѓето се собираат и донираат мебел, облека и храна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here