Потребно време за читање: 4 минути

127.

Никому деновите и ноќите не му се сосема исти. Некому така му изгледаат некои од нив поради навики, постојаност на ритамот на живеачката, еднакво на редот на задоволување на основните егзистенцијални, материјални, духовни и психофизички индивидуални и колективни потреби. Не се исти ниту во различни простори и времиња, во различни предели, поднебја и средини, во различни точки на светот. А нивната различност, пак, најмногу зависи од личните доживувања, приклученијата, моментните расположби, замислите и стремежите.

Што е со истоста и различноста помеѓу секој еден ден и секоја една ноќ? Значи, јас нив не ги проблематизирам помеѓу денови во низа и ноќи во низа, туку помеѓу денот и ноќта во нивното заедничко траење од дваесет и четири часа.

Најпрвин, истоста не е предизвик и обично човекот не ѝ посветува особено внимание. Најмногу е поврзана со личното здравје, со секидневните работни и домашни обврски, но и со годините. Тоа значи дека зависи од личноста, едновремено од нејзината широчина и ограниченост, а незначително од оној со кој или од оние со кои е во редовна или повремена комуникација.

Што се однесува на различноста помеѓу денот и ноќта во дваесет и четири часа, таа во најголема мера се однесува на остварување на очекуваното, заедно планираното и ненадејното, потоа на извесноста и неизвесноста, како и на динамиката на промените што ги придвижуваат други. Времето и годишните доба влијаат врз нивната рамнотежа. Па така, кога денот трае подолго од ноќта човекот и физички и психички се троши повеќе, што значи побрзо се уморува и старее. Кога, пак, ноќта започнува порано со квечерта и му овозможува на денот да започне подоцна, надежите, копнежите, замислите и сонувањата ем се во поголем број ем траат подолго одошто при помалку часа до полноќ и по неа, сѐ до утрина рано. Ги нагласувам почетокот на квечерта, до полноќта, по неа и утрината рано затоа што се тие мошне важни за расположбата и, како што е веќе научно потврдено, особено за стресните состојби во дневниот и ноќниот живот.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Му го изнесов ова промислување на писателот во квечер која на обајцата како да натежнува врз нас повеќе од другите досега поминати заедно во собава. На обајцата не ни се излегуваше во дворот на домов или, пак, секој да излезе во своја прошетка низ некој кварт, авенија, улица, национален парк, знаменитост, на некое од шеталиштата на Сиднеј. Засега ниеднаш не сме биле во заедничка. Му го изнесов промислувањето во кусо заедничко одморање од пишување; тој нешто на својот таблет, а јас на мојот лаптоп ново продолжение на мојот исказ за огништето и огнот. Го ислуша со внимание, па коментираше:

-Знам што Ви го предизвика, ама ќе бидам искрен. Мене воопшто не ми е инспиративно. Деновите и ноќите во Сиднеј воопшто не се поразлични од оние во други мегалополиси во светот. Досега ниедно мое дело не сум го создал разработувајќи ги нив макар маргинално. Моите денови и ноќи се нешто друго и се сосем независни од нив.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Јас:

-Да, така е. А оние надвор од нив, во мали населени места, во други предели, на други страни на светот?

Писателот:

-Не знам, можно е тие да се поинакви, можеби и исклучителни. Сакам само да кажам дека денот и ноќта во дваесет и четири часа, исто во низа, всушност се ограничувачки за животот, како негови рамки. Наметнуваат форми и содржини со кои му одземаат од слободата и индивидуалноста. Лично не знам, ниту сум прочитал дело, сеедно прозно или пооетско, посветено на нив како важни, суштествени или пресвртни.

Се согласив:

-Во право сте. Промислувањето ми е појдовно за имагинарна преселба во моето родно огниште и за истакнување на долготрајното, но неминовно гаснење на огнот во него. Верувајте ми дека деновите и ноќите, сеедно дали во низа или во дваесет и четири часа, во моето Долно Дивјаци се единствени во светот и неповторливи. Тоа можам да го потврдам споредувајќи ги со во други населени места и далечни ненаселени предели. На пример со оние во Нунавут, на Арктикот, животот на Инуитите во и надвор од нивните иглоа. Или со белите ноќи во гратчето Пиексемеки, во источна Финска, што се наоѓа на околу триста километри североисточно од Хелсинки, а кои лично сум ги доживеал. Незаборавни ми се особено оние неколку што ги минав со неколкумина мештани на замрзнатото езеро Пјекса, ловејќи риби со јадици во издлабени дупки во мразот.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Писателот:

-И во Вашето Долно Дивјаци ноќите се исти или слични?

Јас :

-Не, никако. Тоа е во сосема друг предел, на друга надморска височина, со сосема поинаква клима. Финското гратче е на надморска височина од само сто и дваесет метри, подрачјето е рамничарско до ритчесто, а Долно Дивјаци е планинско село, на надморска височина од осумстотини и шеесет метри, во шумски предел и има две реки. Деновите во него се со сиви утра, спокојни претпладниња, пладниња и попладниња, а белината на ноќта зиме е највпечатлива во времето на бабарите на празникот Василица, кога се пали голем оган сретсело. Неа не можам да ја опишам, ја немам таа дарба, а и тој што ја има би требало попрво да ја доживее.

Туку, мене ми е поважна од сѐ врската помеѓу деновите и ноќите, денот и ноќта, огништето, не само родното, и огнот. Особено огнот во крвта. Наспроти долготрајното, но неминовно гаснење на огнот во огништето, огнот во крвта никогаш не гасне. Дури и по смртта.

Тој:

-Мислите конкретно на?

Јас:

-Мислам конкретно на чувсвтвото на припадност на човекот и на националната самобитност. Поконкретно, на македонството кое обично се дефинира како севкупност на особините на Македонците, на припадност кон македонскиот народ како посебен ентитет.

Писателот:

-Ова го запишав. Следниот пат ќе Ве изненадам со нешто според што сум особено познат во книжевните кругови.

Веќе е време за вечера. Нѐ чекаат во трпезаријата.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here