Потребно време за читање: 5 минути

120.

Ми беа потребни две недели за да се приберам, да ја повратам рамнотежата на емоциите по болката што ми ја предизвика смртта на мојата Госпоѓа. Да, очекувана, и таа беше подготвена уште пред сосем да ја зароби деменцијата. Ама најболни се загубата на ближен и помирувањето со вистината дека веќе не е дел од твојот живот, од твојот свет. Да, животот продолжува, мора да продолжи. Ама како идат годините, тој е сѐ позависен од секој од оние со кои го споделуваш. Па кога ќе се соочиш со загуба на некој од нив, најпрвин мора да ја совладш токму зависноста. Или со сопствени физички и духовни сили сам да ја надминеш, или да му ја препуштиш на некој друг. Велам, ми беа потребни цели две недели за да се вратам на редовниот колосек на старечкото секидневие во дом за стари.

Денеска продолжив со моите искази за древните цивилизации. На инсистирање на дамата со големи очила и седа коса собрана во пунџа, пензионираната универзитетска професорка по математика, за месопотамската религија со евентуални врски со древномакедонската. Во изминативе денови забележав дека таа се обидува постојано да биде во моја близина, дури да ми е друштво. Ми помага во навременото земање секидневна терапија, ми ги дава според точниот распоред, а од негувателката го презеде приготвувањето на чаеви. Признавам , тој нејзин зголемен интерес и доближување до мене ми годи. Особено оти е почитувана од сите, сите разговараат со неа час-два за што било. Секако и тоа што е скромна, ненаметлива, молчалива, секогаш стокмена, елегантно облечена. Засега внимателно се воздржувам да ѝ возвратам. Внимание им посветувам на сите, се дружам со сите. Разбирливо, повеќе на дамата и петтемина господа на кои им ги изнесувам своите откритија, сознанија и заклучоци. И ова: благодарение токму на неа, сѐ повеќе време посветувам на библиотеката, мошне богата со енциклопедиски изданија и белетристика; им препорачувам на други што каде да прочитаат, на што да посветат поголемо внимание. Во вечерните часови сѐ почесто заедно гледаме документарни филмови на телевизијата. Засега одбегнувам да влегувам во нејзината соба, не ја ни прашувам каква е здравствената состојба на неподвижната старица со која ја дели, иако сите знаат дека ѝ се избројани часовите. Ниту таа побарала или смислила некаква причина да влезе во мојата. (Сѐ уште сум сам по смртта на мојата Госпоѓа, но веќе ми најавија дека ќе сместат некој познат писател во години, но на нозе и мошне витален; кој, како што ми потенцираа, сигурно ќе ми „одговара“.)

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Почнав:

-Тигар и Еуфрат се главните причини и извори најнапред на култовите на старите жители на Месопотамија, но и животните во пустината. Тоа иде од обожувањето на природата и нејзините форми и манифестации.

Прво се јавува богот на мудроста Еа, кој ги научил на разни занаети и вештини. Во водата Сумерите ја гледале првородната божествена стихија во се корените на почетокот на животот. Тамуз е богот на водата, го нарекувале „вистински син на водената длабочина“, „син и лик на богот Еа“. Пронајден е сумерски печат на кој е претставен Еа седнат на престол, во рацете држи сад од кој течат два млаза вода, а од нив излегува мала фигура на богот Тамуз.

Стара татковина на Сумерите била источната планинска земја, а од неа е обожувањето на планината. Врховниот бог на земјата Енлил се нарекува „голема планина“. Живее на „висока планина“ која досегнува до небото и го спојува со земјата.

Племињата на Месопотамија ги обожувале и растенијата и живортните што ги опкружувале. Присутни се „свето дрво на животот“ и „дрво на вистината“ што ги штитат боговите Тамуз и Нингишида. Божицата Иштар ја прикажувале како жена од чие тело израснуваат гранки. Старосумерскиот бог Нанар, што го почитувале во Ур, е нарекуван „моќниот бик Ану“, а богот Нергал, царот на подземниот свет, е претставен во вид на страшно животно. Богот Еа е претставен со рибји опаш или риба на грбот, а Мардук-богот на бурата и врховен државен бог на Вавилон, е прикажуван во вид на фантастичен грифон, половина змија, половина птица грабливка.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Во стара Месопотамија се обожувале небото и небеските тела. Врховниот старосумерски бог на небото Ану, „татко“ и „цар на боговите“, живеел на третиот, највисок дел од небото, од каде што владеел со светот седејќи на својот небески престол. Значајно место заземале богот на месечината Син и неговиот син-богот на сонцето Бабар, вавилонскиот бог Шамаш. Бабр-Шамаш ја персофиницирал страшната и сушна сила на сончевата жега и благодатната животворна сила на сончевите зраци. За тој лик е врзан ликот на Тамуз, кој некаде се воведува во циклусот на соларни богови. На тој циклус му припаѓала и божицата на природата, животот и раѓањето Иштар, персонификација ѕвездата Венера. Обожувањето на небеските тела, таканаречениот астрален култ, довел до појава на сложен астролошки систем на пророкување на иднината од страна на сумерските и вавилонските свештеници, а врз основа на положбата на планетите и ѕвездите на небото.

Ме слушаа со внимание, молчешкум. Во еден момент јас се замислив како предавач на знаење кој на избрани им пренесува знаење што воопшто нема да им користи во преостанатиот кус живот. Не знам дали ме „препозна“ како таков, но мустаќесзтиот господин што седи на столчето вкочанет, ни да се помрдне, и втренчено гледа во мене, ни да трепне, погоди во „центар“:

-Месопотамците и древните Македонци биле блиски, соработувале, разменувале материјални и духовни вредности, ги споделувале, заедно ги богателе своите времиња. Секако и божествата.

-Од каде и како го заклучивте тоа,-го прашав заинтересирано.

-Ама не е тоа случај само со Месопотамците. Несомнено е дека древните Македонци и сите тогаш живи цивилизации биле поврзани и споделувале многу нешта. Без оглед на раздалеченоста помеѓу нив. Токму со помош и поддршка на нивните божествени светови.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Продолжив:

-Што се однесува на релациите меѓу религијата и моралот, нужно е да се потенцира дека моралниот аспект бил мошне присутен во вавилонската религија. Најдобар пример е Епот за Гилгамеш во кој божицата Иштар се обидува да го заведе Гилгамеш. Тој, пак, ги одбива сите нејзини обиди, прогласувајќи ја за зло затоа што  истата болка која можела да му ја нанесе нему веќе им ја нанела на сите нејзини претходни љубовници.

Во големите храмови секидневно се одржувале ритуали во кои учествувале голем број луѓе. Постоело дневно принесување на жртви, чистење на облеките на божествените статуи и чистење на храмовите. Секој култ имал свој фестивал, а главен бил Акиту или Новогодишен голем фестивал на богот Мардук, во Вавилон. Секој вавилонски град имал свое божество и скалест храм.

Споредбите на месопотамскиот и древномакедонскиот свет на боговите оставам вие да ги промислите, па потоа да формирате свои заклучоци. Јас само ќе ги истакнам главните.

Од месопотамските:

Ан (Ану)-бог на небото и татко на боговите; Енки (Еа)-бог на водата и мудроста; Инана (Иштар)-божица на љубовта, плодноста и војната; Нана (Син)-бог на Месечината и син на Енлил и Нинлил; Уту (Шамаш)-бог на Сонцето и правдата.

Од древномакедонските:

Дион (=Ѕевс)-татко на Македон; Артхија или Атхрија-божица на светлината, јасното и светло небо, мајка на Македон; Аретос (=Херакле) со епитет Пропатор и Патроисос; Ксандос-заштитник на војската; Тхаулос или Таумос (=Арес)-бог на војната; Дарон (=Аполон)-бог на сонцето; Ма-божица со соларни и воени обележја; Бах (=Дионис).

Мустаќестиот господин, вкочанет на своето столче и втренчено загледан во мене, како да насети дека завршувам:

-А за зигуратите?

Јас:

-Она што го знаете Вие и го знам јас за нив ќе го споделиме другпат. Се надевам дека ќе биде интересно за сите вас, а можеби за уште некој во домов.

Го затворам лаптопов оти ноќва ми се чини потешка од сите досегашни по смртта на мојата Госпоѓа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here