Потребно време за читање: 4 минути

121.

Имав мошне интересен дијалог со дамата со големи очила и седа коса собрана во пунџа, пензионираната универзитетска професорка по математика, по потекло Италијанка. Веќе постојано ми е друштво, по цел ден. Ја презеде речиси сета грижа за мојата терапија, навиците и секидневниот ритам. Сѐ повеќе време заедно минуваме во библиотеката, читајќи најмногу енциклопедиски одредници. Во меѓувреме почина неподвижната старица со која ја делеше собата, па сме сѐ повеќе време кај неа. Најавениот познат писател во години, но на нозе и мошне витален, сѐ уште не дошол, па јас  сум сѐ уште сам, ама таа ми иде ретко. Не знам зошто. Не станува збор за некаква внимателност, некакви обзири, предупредување на какви било непријатности. Ова е дом за стари лица и сите во него сме толку зближени што никој не забележува поголема или помала близост меѓу едни и други. А и ако забележува, тоа најнапред му го припишува на заеднички судбини, радосни и тажни мигови во животот, на споделување на мисли и стојалишта.

Велам, дијалогот беше мошне интересен, а благодарение на нејзиното насочување конечно надминав едно лично сомнение што растеше во мене наспоредно со посветеноста на откривање и проучување на древни цивилизации: суштината на огништето во одржувањето, развивањето, континуитетот, па и обновувањето на светови со безвременски стојности.

Таа:

-Го потенцирате огништето како најзначајно за индивидуалниот и колективниот идентитет, за вкоренетоста, а го релативизирате огнот во него. Дури ми велите дека може без него, ако е угаснат да не мора да се пали, ако тлее да не мора да се распалува. Значи, тоа може да биде исполнето со пепел, одамна студено, само не засекогаш напуштено. Јас мислам дека огништето може без оган некое време,, но без него секако се запустува. За разлика од огнот кому огниште и не му треба, а во него е скротен, насочен, има различни определени улоги во различни времиња. Впрочем, кога е збор за огнот секогаш треба да се има на ум митот за окованиот Прометеј.

Прочитај и за ... >>  119.

Јас:

-Јас не го релативизирам огнот. Напротив, му давам значење на придвижувач на животот од раѓање до смрт. Притоа, мислам пред сѐ на неговата моќ да гори долго и дрво и камен, значи еднакво луѓе кои одвај успеваат да достојат на нозе пред слаби ветришта и луѓе кои умеат долго успешно да им се спротивствавуваат на пустошења, суши, скитања и преселби.

Долго сум размислувал за митот на окованиот Прометеј. Ни сам не знам колкупати ја имам прочитано Есхиловата трагедија. Најчесто сум запирал на прологот, носењето на Прометеј од страна на Кратос и Бија, односно на Моќта и Силата на Кавказ да го оковаат; сосе неговото оковување од една страна, и неговата непокорност од друга. Јас мислам дека огнот е нужно последен дар на Прометеј на луѓето, кога е на крајот од учењето како тие да му се спротивстават на боговите, дури и на нивниот создавач Ѕеус. Значи, прво да ги совладаат власта и силата, да им го всади разумното расудување и секогаш да се со надеж која во нив никогаш не умира. Никако не можам да разберам зошпто Ѕеус се налутил оти Прометеј ги научил да зборуваат, да се разбираат меѓу себе, да прават и користат оружја од камен и метали, да лекуваат со билки, да ги познаваат отровните растенија. Не ми е прифатливо образложението дека тој сакал сето тоа да им се дарува на луѓето постапно за да не стана непослушни. Тој ги создал, а се плашел да не му се оттргнат од потчинетоста, па и да почнат да му се спротивставуваат?! Тоа би значело дека, иако семоќен, тој не бил сосема сигурен во нивното создавање, особено не во совршеноста, а токму Хефестовиот оган ќе го согори неговото дело.

Прочитај и за ... >>  115

Според мене, мошне слоевита е ексодата во која Есхил го испраќа Хермес кај Прометеј, тој да се обиде да го натера на покорност пред Ѕеус, предупредувајќи го дека тој ќе продолжи со казнување. Не само со оковување, туку и со фрлање молња, пропаѓање во карпата и испраќање на џиновски орел кој секој ден ќе му кине парчиња од црниот дроб. Казна која се остварува.

Госпоѓата ме слушаше мошне внимателно и ме праша повеќе за да ме поттикне да продолжам:

-Добро, но не сте промислиле зошто е огнот божествен дар, а не украден од првиот и најсилниот меѓу боговите, од Ѕеус?

Го очекував тоа прашање, па одговорот го оставив за најпосле, да ми  биде завршен:

-Не е божествен дар, Госпоѓо!…Ова со Прометеј…Интересно во митот е вмешувањето на Херакле кој со нечесни измами постигнувал победи. Замислете, го величале како творец на свет безбеден за човештвото, кој се жртвувал за него уништувајќи опасни чудовишта. Меѓу кои и троглавиот пес Кербер за да го ослободи Тезеј од подземниот свет. Херакле го ослободува Прометеја ранувајќи го со отровна стрела кентаурот Несо кој, пак, го измамил убедувајќи ја Дејанира, неговата жена, дека ќе ѝ остане верен ако му облече кошула натопена со неговата затруена крв.

Јас сметам дека митот за Прометеј воопшто не ги симболизира херојството, без оглед што херојски се жртвувал за човекот. Ниту е тој олицетворение на љубов кон човештвото односно на творечкиот човечки гениј.

-Туку?-нестрпливо потпраша таа. Ѝ одговарам:

-Туку на вечна борба на човекот против моќта, силата и власта со знаењето, мислата, промислувањето и делото. Да не заборавиме дека Прометеј не му бил послушен на Ѕеус, го лутел, му се спротивставувал, дури и го исмевал. А тој, пак, го казнил сурово не само поради украдениот оган од Хефест.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

А за огнот како божествен дар…Сакам да ве прашам, Госпоѓо: дали сте чуле за лорандитот и Алшар?

Таа:

-Нешто имам прочитано. Каква врска имаат тие со огнот?

Јас:

-Алшар е рудник крај Кавадарци, во мојата земја, во Македонија. Лорандитот пронајден во него има натприродни, вонземни својства и го нема никаде на друго место на Земјата. Станува збор за руда на талиум со чија помош може да се осознае фазата на процесите во внатрешноста на Сонцето, односно реакциите кои доаѓаат директно од неговото јадро. Во лорандитот е огнот не божествен, не подарен од Прометеј, туку  „испратен“ од Сонцето!

Сега поврзете го ова мое стојалиште со митот за Александар Македонски, божествата на античките Македонци и нивниот култ кон Сонцето; конкретно оној дека во битките што ги водел секогаш точно напладне и со движење на војската од запад кон исток се јавувал силен одблесок од штитовите кој ја заслепувал противничката војска. А на штитовите на фалангата се наоѓало изгравирано познатото сонце од Кутлеш.

Госпоѓата се замисли, молчеше подолго време, па заклучи гласно, а како за себе:

-Значи, со „живото пренесување“ во световите на древните цивилизации Вие всушност ги докажувате нивните огништа како суштина на нивниот опстој.

Јас:

-Знаете, моето родно огниште е во едно мало село во Македонија, близу до Крушево, град со највисока местоположба на Балканот, на 1.350 метри надморска височина. Се вика Долно Дивјаци и има педесетина куќи како расфрлани на еден од повеќе ридови еден до друг. Веќе сум бил таму и секако скоро ќе одам уште еднаш. Може да биде и за последен пат и да останам, таму да ги оставам коските. Ќе се обидам да запалам оган во него, ама не ми е важно ако не успеам.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here