Потребно време за читање: 4 минути

122.

Ме изненади, наеднаш ми ги стегна градите, одвај се додржав на нозе. Срцевата аритмија ми е одамна откриена, ја контролирам, не ѝ дозволувам да тргне на полошо, сериозно да ми го нападне срцето. Досега неколкупати ми се случила, но со непрестано длабоко дишење и кашлање на секои две секунди сум ја смирувал, срцето сум го враќал на нормален ритам. Пак успеав така, ама многу потешко и подолго, а болката и стегањето во градите беа поголеми, одвај подносливи. Го измерив крвниот притисок, беше прилично повисок од нормалниот.

Ѝ се пожалив на негувателката во домов, а таа веднаш викна лекар, еден постар седокос господин. Ме прегледа детално и констатира дека не е срцев удар, туку срцева аритмија, но и оти срцето „почнало да ми се уморува“. Тоа се нарекува хронична срцева слабост која е честа кај луѓе на мои години. Лесен замор, отежнато дишење, болки во пределот на срцето, отекување на нозете (јас мислев дека тоа ми е од предолго седење пред лаптопот, пишување, пребарување на Интернет, читање и гледање телевизија), потоа болки под десниот ребарен лак… Ништо страшно, на почеток е со оглед дека не се пројавени главните симптоми-суво кашлање, забрзано чукање на срцето, нагло повишување на крвниот притисок. Ми препорача помалку течности и соли, намалување на телесните напори (воопшто не ми се големи); да не се изложувам на екстремни промени на надворешната температура (персоналот води особена грижа за тоа кај сите во домов); одамна ги имам избришано од личното мени јаката масна храна и изобилните оброци, а сум и тотален антиалкохоличар. Ми препиша диуретик. Се сомневам дека срцето почнало да ми се уморува, ама добро. Не му противреков. Тој е лекар, јас не.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Всушност, точно знам зошто ми се случи ненадејното стегање во градите. Беше последично, два дена по добивањето на писмото од син ми. Од Бризбејн, адресирано на мене со адреса на куќата што веќе не е моја. Нејзините нови жители знаат дека се сместив во домов за стари лица и го препратиле. Писмо од него по речиси две години!

„Татко,

Решив да ти пишам писмо за колку да знаеш дека сум жив и здрав, добро ми оди и немам на што да се пожалам. Се надевам дека со тебе е сѐ в ред, се држиш, годините сѐ уште не те премалиле.

Јас и натаму стојам на стојалиштето дека моето исчезнување, и чие било индивидуално не е последица на немање самосвесност, самопочит и лично достоинство, еднакво инфериорност и кукавичлук. Тој твој став го сметам за крајно осудувачки и не можеш да го конкретизираш на пример со мене. Јас сум исчезнат за тебе, за други ближни кои ме отуѓиле и за невистински пријатели. Сметам дека исчезнав од свет во кој веќе не можев да егзистирам физички и психички, смисловно, содржински, напросто да живеам сеопфатен живот. Ни сега, како при нашата разделба, нема да ти образложувам, да детализирам што значи тоа. Исчезнав. Тоа е тоа.

Живеам во абориџинска заедница, со луѓе кои се тука од почеток (знаеш дека тоа е буквален превод на „aborigine“). Ти ги проучуваше, ама не си поживеал ниту ден, ниту ноќ со нив за да ги запознаеш и да ја доживееш нивната неспоредност, срдечност, да те озрачи нивната топлина. Знаеш дека овде во Брисбејн се Јагерите. Со нив сум, меѓу нив, и можам да кажам дека благодарение на нив го научив животот не толку како опстојување на некогаш своја, а одземена земја, колку како истрајување и своевидна борба за одржување на сродството. Не се обидувам тоа да ти го доловам, ама сети се на нашето заедничко доживување при посетата на абориџинскиот кварт Редферн во Сиднеј, на сиромаштијата низ улиците од една страна, и амбицијата на видните Абориџини да го променат темелно, да извршат негова целосна реконструкција.

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Постапно ги проучувам абориџинската религија и култура како единствена, неразделна целина. Не ме изненади врската со природата и верувањето во духовните сили, но сум восхитен од сеќавањето на Почетокот односно на таканареченото „Време на соништата“. Кога боговите го создавале и уредувале светот, а на луѓето им ги пренесувале темелите на културата. Го прифаќам нивното гледиште дека светот создаден во согласност со силата, мудроста и намерите на митските предци е совршен, а тие се должни да го одржуваат каков што бил на почетокот. Имено, Абориџините сметаат дека материјалниот напредок е сосема небитен. Нивниот вредносен систем е изразито духовен, а го изразуваат низ обреди, церемонии и, што е за мене особено интересно, низ уметност богата со симболички речник. Некаде прочитав дека нивниот сон е длабока духовна стварност. Сонувањето, пак, за нив е нешто најважно.

Веќе и за мене, како за Абориџините, сѐ е создадено од еден праизвор,  а креативната сила што го создала светот е антропоморфна, машка, престојува на небото и е во татковски однос спрема сѐ создадено. Има различни имиња- Бајаме, Буњил, Дарамулан, Нурели, Мангела…

Во времето на соништата митските предци, кои имале животински и човечки облик, а имале способност да се преобразуваат од еден во друг облик, патувале низ земјата, ловеле, собирале плодови, се бореле, подигале табори, се забавувале и ги создавале планините, долините, реките, засеците, природните елементи. Ги создале Месечината, Сонцето, ѕвездите, животните и луѓето. Откако го создале разновидниот свет ги втемелиле законите и најсетне се повлекле во земјата, на небото, во облаците, во создадените суштества. Во сѐ создадено од нив останала нивната духовна моќ. Значи, сѐ е живо и важно и во сѐ се крие магија.

Прочитај и за ... >>  117

Чувари на абориџинската традиција се караѓи-„мудри луѓе“ или шамани, кои се мост помеѓу духовниот и земскиот свет. Тие го чуваат митолошкото и церемонијалното наследство.

Зошто ти го напишав сето ова, татко, иако знам дека ти е повеќе или помалку познато? За да потенцирам нешто што сосема го докажува и оправдува моето исчезнување или, поточно, настанување во абориџинскиов свет: дека религијата и културата на Абориџините, израснати во нераскинливо единство од Времето на сонувањето, го содржи колективното сеќавање на човештвото на неговите извори. Едновремено потсетува на вредностите кои модерниот човек ги занемарил и заборавил, а празнината од нив дури налудничаво настојува да ја пополни со материјален напредок.

Веќе нема да ти пишувам, а ти не се обидувај да ми одговориш. Ова мое писмо разбери го како обид да те уверам дека не сум тој што бев. Не сум твој син! И не се прашувај зошто не ти предложив да појдеш со мене, без оглед на твоите години. Преминувањето од еден во друг свет отсекогаш било, е и ќе остане исклучиво индивидуален порив. Збогум“.

Го склопив писмото на син ми, го вратив во пликот и го ставив на дното од дрвеното ковчеже со фотографии на мои ближни, предци и потомци. Да остане само мое додека сум жив.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here