Потребно време за читање: < 1 минута

29. Свет што гасне

Со години, со векови,
од раѓање,
не знам од кога
јас сам го создавав
и за мене и за други;
да се вкоренува,
до небо да се извиши
и да ме надрасне.

А тој почна да гасне!

Не прифаќам дека е
природно,
така е со сите светови
за живи, за мртви,
за сите;
не прифаќам ни дека е
како сè што се раѓа,
како сè што заживува,
како сè што живее,
како сè што умира
и одново се раѓа.

Светов што јас сам
го создавав
со години, со векови,
од раѓање,
не знам од кога
за мене и за други,
е за да трае
барем додека сум
трага во нечиј спомен
или барем додека
некој мој потомок
не почне да создава
свој
за живи, за мртви,
за сите.

А тој почна да гасне!

Што му стана?!
Што му се случува?!
Некого разболе?!
Некого застраши?!
Некого навали?!

Прочитај и за ... >>  НЕИСПЕАНИ И НЕДОПЕАНИ ПЕСНИ, стихозбирка

Го фрли в оган
нечиј друг свет,
та го разгоре до небо,
та сега го гасне
за да не согори
сè пред себе?

Белки ќе успеам
со последни сили,
самосвесен
да не дозволам
пред моиве очи,
пред мојава свест,
пред моево сè уште
будно срце
сосем да угасне.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here