Потребно време за читање: 3 минути

34. Семејство

Монолог

Сè знаеме за денешното семејство и знаеме многу малку.  Она што било од дамнина, како природна и основна општествена заедница, па сè до ова денес малку или многу различно, со општи назнаки и дури темелно видоизменето. Како универзална човечка заедница, на возрасни партнери и нивни деца, но и на подалечни сродници кои живеат заедно со нив-внуци, дедовци и баби. Знајна е нејзината клучна улога во социјализацијата и типовите и формите според структурата, функциите и вредносната ориентација. Сепак, најважно од сè било, е, но којзнае дали и ќе биде потесното семејство-мажот и жената со едно или повеќе деца…Кога е збор за семејството, секогаш треба да се има предвид и семејното право.

Секое промислување за денешното семејство треба да обрне посебно внимание на западното социолошко учење; според кое постојат сопружничко, што се состои од маж, жена и малолетни деца, кое е релативно независно од родителите и другите семејства, и нуклеарно семејство кое одржува релативно блиски врски со своите сродници. Второто го доведуваат во прашање семејните структури-мешовитите родители, самохраните и домашните партнерства.

Од круцијално значење е натамошното постоење на поширокото семејство, и тоа како синоним за сродничко семејство, кое го сочинуваат лица во крвно сродство, а во општества со доминантно сопружничко семејство тоа се однесува на сродство-егоцентрична мрежа на роднини која опфаќа и надворешни домашни групи кои не му припаѓаат на сопружничкото.

Токму беспрекорната непорочна љубов наметнува суштествена трансформација на семејството, притоа ставајќи акцент на крвното сродство.

Постоењето и натамошната егзистенција на семејството, како потесното и поширокото, така сопружничкото и нуклеарното, треба да се постојано наспоредни со огништето и огнот во домашното огниште. Не само метафорички. А во тие односи и соодноси само по себе како стожерна се наметнува грижата. Еднакво за себеси, за личната егзистенција и личниот напредок, социјалниот и општествен статус, и за другиот-ближниот или подалечниот. Поинаку речено, грижата за човечкиот живот и постојаноста на човекот, одржувањето на огништето сосе вкоренетоста во него и неугасливоста на огнот во домашното огниште ја одржуваат, надградуваат и ја богатат вредноста на семејството, сосе нејзиното значење за опстанокот на човечката цивилизација.

Неприфатливо е, но се чини е неминовно семејството во нашево време, особено како нашево-суштествено за љубов како нашава, да се сведе на сопружничкото. Се чини дека тоа е незапирлив процес, но од ден на ден како да се засилува, надежно, спротивната трансформација-враќање на поширокото односно сродничкото семејство.    

Дијалог

Сончев-Ѕе весело:

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 26

-Додека ја растеме и ја зрееме наша Кибела, додека се грижиме за нејзино безгрижно детство и младештво, Сончева, моја Ма, треба да се потрудиме за наша втора, па и трета рожба. Дури ни се плодни годините…

Сончева-Ма насмеана:

-Сè во свое и наше време, Сончев, мој Ѕе…Од каде сега тоа?!

Сончев-Ѕе:

-Сè почесто ги спомнуваш Китим, од Јавановите синови, Земјата китимска, и Каран, митолошкиот основач на Аргеадите. Просто си оддадена на нивно проучување…

Сончева-Ма низ смеа:

-Хахаха! а ти се обидуваш да ги обликуваш како скулптури, па да ги оживееш со човечки ликови…Ај да се договориме! Нашите следни две рожби да бидат машки и да ги именуваме со Китим и Каран. Што велиш?

Сончев-Ѕе сериозен и замислен:

-Договорено! Туку…Во последно некако сама ми се наметнува релацијата грижа-обврска-близост-семејство-заборав. И тоа визави непорочната љубов и огнот во домашното огниште. Сè повеќе се уверувам себеси дека таа е пресудна за опстанокот и и преобликувањето на човечката цивилизација.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 2

Сончева-Ма сериозна и замислена:

-Не сум размислувала за таа релација, но според мене баш непорочната љубов како нашава, која е сама по себе беспримерна, ја одржува, продолжувајќи да ги напредува грижата, обврската, близоста и семејството…Точно, во нашево време заборавот зема замав, освојува сè поголем простор и сè повеќе време од човечкото суштествување, но сум повеќе од сигурна дека на крајот на краиштата ќе надвладее паметењето.

Сончев-Ѕе со спокоен глас:

-Сакам да ти верувам, но…И сама знаеш дека Кибела ќе замине од нашево семејство за да создаде свое семејство…Семејството денес едвај се одржува како најтесно, во крвно сродство…Отуѓувањето е сè пожестоко, антагонизмот сè поголем, оддалечувањата на едни од други сè подлабоки…Особено кога е збор за огнот во домашното огниште како оставнина…Мислам дека човечкиот род мора да се врати на заедничката живеачка.