Потребно време за читање: 2 минути

6.

Само јас мртов сум и со мртви и со живи, се дружам и разговарам и со едните и со другите? Се разбира не! Сите мртви се како мене, без оглед кој кога умрел, кој кога го напуштил живиот свет. За разлика од живите кои замислуваат, сонуваат или се надеваат дека се со мртвите макар одвреме-навреме, ако не постојано. Всушност, тие по смрт на ближни или знајни и почитувани постојано мислат на нив и тагуваат, а по некое време се помируваат со нивниот замин во неврат убедувајќи се себеси дека мора да продолжат да живеат, мора да се живее. Јас како мртов во изминатото време можам да го докажам тоа со бројни примери, но сега ми е друга намерата. Само ќе бидам малку нескромен и ќе речам дека сум еден од малкутемина во мојов, семејниов гроб кој се изделува од сите други мртви според способноста со мртвите да се дружи и разговара како мртов, а со живите како жив.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Сега сакам да раскажам накратко за една моја единствена сè уште жива љубов, таена и од мртвите и од живите, со која бев едно време кога бев жив и со која сум откако сум мртов. Често доаѓа, остава на надгробната плоча крај мојата фотографија една црвена роза, пали свеќа, разговараме за сè и сешто и водиме љубов додека свеќата сосем не изгори. Како водиме љубов? Нормално, мртви како живи.

Не, не го откривам нејзиното име. Мислам дека е доволно ако кажам дека е многу убава, нема кој што не ѝ се восхитува, и е позната артистка со завиден број бележити театарски и филмски улоги. Имала многу љубови, за многу од нив знам, самата не знае на колкумина знајни и незнајни им се подала, но јас сум ѝ единствен. На ниеден од мртвите знајни и незнајни не им оди на гробот, не им носи ни црвена роза ни кој било друг цвет и не им пали свеќа. Сакам да нагласам дека е таа моја единствена љубов исто како што сум ѝ јас нејзе.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Во последно време најчесто разговараме за рожбата како продолжение на животот и неговото вкоренување во наши простор и време. Ја споделуваме грижата за сè побројните и сè почесто масовни умирања наспроти раѓањата и животворноста. Се согласуваме дека рамновесието помеѓу нив може да го воспостави само непорочната љубов.

-Нашата љубов е непорочна, нели?, ја прашувам.

-Несомнено. И неповторлива. Само не ми кажуваш зошто ти умре, а мене ме остави жива.

Ѝ велам:

-На смртта не ѝ значат ништо ниту годините, ниту здравјето. Нам, пак, ни значи дека ни мојата смрт не нè раздели. Како што ти ветив, еве и мртов сум со тебе како жив и ти ќе бидеш жива како мртва додека сме заедно.

Таа:

-Но не можеме да имаме рожба, сакан мој. Тоа е невозможно кога си ти мртов, а јас жива. Исто како што би било невозможно кога јас би била мртва, а ти жив.

Се обидувам да ја убедам:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

-Така е зашто нашава непорочна љубов е многу ретка меѓу живите, а не е честа ни меѓу мртвите. Твојава роза е наша рожба. Треба да бидеме трпеливи, сакана моја. Раѓањата и животворноста ќе бидат во рамновесие тогаш кога луѓето ќе научат дека и во мртвиот и во живиот свет мртвите за живите не се мртви, ниту живите за мртвите се живи.

Во последно време водиме љубов сè пострасно, свеќата гори сè побавно, а црвената роза вене сè подолго.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here