Потребно време за читање: 4 минути

53.

Ноќ со ѕвезди и месечина. Ристо од Петар дамна мртов почувствува некаква нејасна потреба да ја види мртвата Вера од Јане, па ѝ појде на нејзиниот гроб. Ја најде крај него седната на клупа, во молк и загледана во небото. Таа како да му се израдува. Му се насмевна и го покани да седне до неа. „Да поуживаме во растуренине ѕвезди и месечинана со нив на нашево небо“, му рече. Седна.

Вера од Јане:

-Како помина отворањето на твојата изложба?

Ристо Петар живнат:

-Сè беше убаво. Прекрасно. Сè како што замислив. Перформанс и уметничка инсталација…На крајот се случи нешто ненадејно, сосем неочекувано.

Вера од Јане:

-Треба да жалам дека не можев да дојдам?

Ристо од Петар:

-Треба. Јасна од Спасе дојде мртва на крајот, извајана во мермер. Но, и таа не беше сведок.

Вера од Јане изненадена и нажалена:

-Јасна од Спасе умре?!

Ристо од Петар молчешкум потврди:

-Да…Знаеш дека подолго време беше неизлечиво болна…Се надевав дека ќе поживее, ќе дојде на изложбата и по неа ќе бидеме заедно живи, ама…

Вера од Јане по малку надежно:

-Што беше ненадејното, сосем неочекуваното на крајот на изложбата? Да не беше во врска со мојата песна?

Ристо од Петар:

-Не. Таа одлично се вклопи во концепцијата и содржината, па и при откривањето на невидливите слики…Во врска е со непорочната љубов, стожерната во целата „приказна“.

Вера од Јане по малку нестрпливо:

-Ќе кажеш ли конечно што се случи на крајот?

Ристо од Петар:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

-Мојата последна слика, со непорочната љубов насликана на платното што изгоре во пожарот, обновената, во еден миг оживеа!

Вера од Јане сосем изненадена:

-Како оживеа?! Што значи тоа?!

Ристо од Петар по неколку мига молк:

-Верувај, тоа и за мене беше големо изненадување. Но, и на изложбата нагласив и сега пред тебе тоа го протолкував само како остварување на мојот најголем творечки сон. Значи, успеав да го насликам равенството меѓу невидливоста и видливоста на светот. Исто како, како што знаеш добро, во подолг период на многу мои слики успеав да ја насликам едноста на животот и смртта…Тоа се случи во целосен мрак. А веќе во следниот момент изложбениот салон повторно се осветли и немаше никој до мене, пред мене и околу мене. Што и очекував. Баш никој!…Потоа на излезот ја здогледав мртва Јасна од Спасе. Гола, како извајана од мермер.

Вера од Јане по неколку мига молк:

-Тоа беше непорочната љубов? Нашата?…Оживеа во еден миг зашто се обиде да ја насликаш одново, и тоа како невидлива откако ни изгоре во опожарувањето на нашата куќа?

Ристо од Петар се изненади од прашањата, но одговори отсечно, по малку грубо неговата рамнодушност:

-Не! Не беше и не е непорочна нашата љубов. Го знаеш тоа…А пожарот во нашата куќа ја изгоре и неа со сè друго зашто се лажевме, се мамевме…Зашто бевме во заблуда…Јас и како мртов и мртов како жив друго открив, пронајдов, осознав со мигновеното оживување: оживеа пред малкумина живи и многумина мртви на свеченото отворање на изложбата мојата и непорочната љубов една за сите. Зашто е  единствената нераскинлива врска на пожарот на куќата и дамнешниот пожар во Молненик!

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Вера од Јане сосем збунета:

-Не разбрав. Кој пожар во Молненик?! Која твоја и непорочна љубов една за сите?

Ристо од Петар:

-Имам многу да ти кажувам, а само уште час до полноќ кога, како секогаш во последно време, ќе мораме да ја завршиме средбава, да се разделиме…Сега само ова од мене:

Молненик е збришан во пожар, изгорела и непорочната љубов една на сите, но останала неугасена. Значи, продолжила да ги одржува Молненичани-Земјенци, Изгревци и Рабенци во живот заедно со нивните предци и потомци. Во пожарот, пак, што ја опожари нашата куќа изгоре, но остана неугасена мојата лична непорочна љубов. Не твојата, не нашата…Ќе те оставам да размислиш за ова, но и ќе те прашам: што знаеш за Помпеја?

За Вера од Јане тоа  беше сосем неочекувано и сосем збунувачко прашање:

-Знам колку секој што се интересира за минатото; личното, колективното, цивилизациското, идентитетското…Зошто прашуваш за Помпеја?

Ристо од Петар упорит:

-Кажи ми!

Вера од Јане:

-Добро…Сигурно она што го знаеш и ти: Помпеја е урнат и речиси целосно затрупан град, заедно со Херкуланум, од времето на Римското царство. Вулканот Везув еруптирал на 24. август 79. година и ја затрупал Помпеја со оган и пепел. Пред тој да избувне, имало многу и чести мали земјотреси како најава. На 5. февруари 62. година се случил мошне силен и направил големи штети околу заливот и во Помпеја. Интересно е дека на тој ден биле планирани две жртвувања: едното во чест на годишнината од именувањето на Октавијан Агуст како „Татко на нацијата“, а другото во чест на духовните заштитници на градот. Во следните седумнаесет години, до ерупцијата на Везув градот не успеал целосно да се обнови.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Кога се случила катастрофата, Помпеја имала околу дваесет илјади жители. Таа буквално во еден миг ѝ го пресекла, ѝ го изгорела, ѝ го угаснала животот. Но и сочувала многу за паметење: форум, амфитеатар, аквадукт, бањи, кули, приградска населба со раскошни вили како Вилата на мистериите…

Претпоставуваш, за мене се многу важни и интересни сочуваните фрески како дел од античката уметност.

Ристо од Петар:

-Добро, доволно. А сигурно не си ја заборавила мојата слика „Вулкан“, што е во посед на Јасна од Спасе, на која ги насликав нашата необуздана страст и сексот до изнемоштеност? Го насликав богот Вулкан со оган наместо лице, а божицата Венера е гола магма крај него во пенлив морски бран. Во десниот долен агол, далеку од нив го насликав богот Марс во невидлива мрежа…За тој детал другпат.

Вера од Јане:

-Не сум ја заборавила. Тоа платно е едно од твоите најуспешни…

Ристо од Петар:

-Тоа сега не е важно. Тебе ти ја оставам за промислување врската меѓу пожарот во Молненик, изгорувањето на непорочната љубов една на сите, но неугасена, опожарувањето на нашата куќа со мојата неугасена лична непорочна љубов, Везув, Помпеја и Вулкан.

Настапи полноќ. Се разделија во ноќта со растурени ѕвезди и месечина на нивното небо.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here