Потребно време за читање: 3 минути

46.

Според Ристо од Петар, човекот, пред сè творецот користи три говори со кои се искажува себеси, му се докажува на светот надвор од него и едновремено комуницира со него: говорот на телото, говорот на душата и срцето и говорот на свесноста. Неретко ги користи трите наеднаш. Се слуша еден, се слушаат сите одделно или заедно едновремено, како еден. Не се само за меѓусебно разбирање, туку многу повеќе за самоизразување и самодокажување. Токму за нив ќе зборува на свеченото отворање на изложбата со неговите невидливи слики.

Во рано пролетно утро на Градските гробишта во Страдец, пред неговиот и семеен гроб кој е веќе гробница-кораб, Ристо од Петар, неговиот син Јане и снаата Борјана.

Ристо од Петар:

-Добро е што имаше доволно простор околу гробов за да го направиме гробница. Не други веднаш до него, пред него и зад него, како што е со другиве околу. Речиси ја завршивте.  Колку што гледам, недостасува само кормило за да биде готова. Многу сум задоволен.

Борјана:

-Да, ја направивме точно како што замисли и скицира ти. Кораб кој како да ќе заплови во секој момент кон знајни и незнајни пространства и времиња. Од црно-бел мрамор. Влез на источната страна, труп доволен за повеќе мртви ближни, можеби за сите, и палуба на која можат на сонце, на ѕвезди и месечина да се збираат сите во спокој, во радување, во мечтаење. Кормило среде. Сличен, но не ист како гробницата-кораб на твојот пријател и можеби многу далечен роднина Ангел од Михаил.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Јане:

-Мислам дека баба Славјанка е задоволна. И твоја и нејзина и сигурно желба на другите досега погребани во ова вечно почивалиште…Се ближи денот и на нашето заминување.

Ристо од Петар:

-Веќе не ве одвраќам од намерата. Нема смисла…Страдец пропаѓа, гасне, се празни, се запустува. И сè близу и далеку од него што е остаток од дамнешната Ематија…Скоро ќе исчезне, ќе се претопи, ќе потоне во некој од од поголемите соседни…Сосе преостанатиот веќе претопен народ…Да не ми се годиниве и старечките болештини, и јас би заминал со вас…

Борјана:

-Не заминуваме за да не се вратиме…Сигурно ќе се вратиме еден ден…

Ристо од Петар:

-Немој, Борјана. Немој исто како сите…Може ќе се вратите како Ангел од Михаил…во гробницава-кораб…Да пловиме заедно…Ако и Градските гробишта не ги покријат пластови земја со времиња и невремиња, ако не станат возвишение како на севернана страна, како меѓана меѓу Молненик и Страдец. И ќе ве потикне некое предание за нивното напуштање, запустување и конечно збришување откако по цел век не останал ни камен на камен од гробот на последниот умрен мртов во Страдец. Како мене некојси Трипун од Злате…И можеби да го откриете и осознаете нашето семејно стебло како видливо. Како што скоро ќе почнам јас да го сликам моето до мене.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ја гледаа молчешкум долго и задоволно гробницата-кораб.

Јане:

-Кормилото на гробницава-кораб во твои раце, нели татко?

Ристо од Петар:

-Се разбира. Секогаш кога јас и ближните во неа ќе посакаме да запловиме низ живите и мртвите пространства на мојот и на семејниот свет како дел од светот на народот на кој му припаѓам.

Јане:

-Белки не мислиш скоро да им се придружиш.

Ристо од Петар:

-Да умрам? Што знам…Сеедно ми е. И досега бев и сега сум дамна мртов и мртов како жив…

Борјана:

-Остануваш на ставот дека смртта не е крај ни за живите ни за мртвите сè додека има смисла животот како траење со и во беспоговорно дело?

Ристо од Петар:

-Да, а особено дека непорочната љубов е таа што помага да бидеме заедно и живи и мртви и да има смисла тоа како траење со и во беспоговорно дело. Непорочна љубов една за сите ближни и далечни. Но, откако фактички и симболично ќе запловиме кон нови пространства и времиња.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Борјана:

-Знам дека ти, татко, си човек и уметник, човек и сликар дамна мртов. Станува збор за состојба, самост, рамнодушност на обичен смртник кој се гледа себеси како поразен со дело неважно за опстојот на народот, за одбрана на неговата самобитност. Но јас знам и биди сигурен дека не сум единствена, туку има многу како мене кои ги слушаат и разбираат твоите три говори-на телото, на душата и срцето и на свесноста. Ќе ти се докаже тоа на изложбата.

Јане:

-Не се обидувај да ни докажеш дека со сликањето на непорочната љубов наново и спрема неа си станал рамнодушен…и за неа ти е сеедно.

Ристо од Петар:

-Ма какво убедување?! Продолжувам да живеам за неа…Ќе се видиме на изложбата.

Заедно ги напуштија Градските гробишта и се упатија кон своите живеалишта.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here