Потребно време за читање: 4 минути

41.

Ноќеска успеав да го завршам последното односно претпоследното масло од циклусот „Невидливи слики“-„Мрачнина на мртов како жив“. Почнува да се разденува, зорава е румена, а јас сè уште не можам да ја стивнам радоста во мене поради тоа. Го завршив во дваипол часот по полноќ и потоа око не склопив. Прилично неочекувано, тоа, богами, многу ме изнамачи. Велам неочекувано, затоа што додека бев жив и жив како мртов, па и сега мртов и мртов како жив, најмногу владеам со црната боја. А таа е единствена на платното. Заклучувам дека со мрачнината ќе се справувам уште долго време на моето сликарско творење.

Не сакам да се повторувам, но некогаш, како сега, тоа едноставно не можам да го одбегнам. Не за да акцентирам, објаснувам или дообјаснувам, туку за да нема какви било недоразбирања и да го одржам текот на раскажувањево на моето приклучение. За невидливите дела односно невидливото сликарство:

Тоа постоеше пред мене, постои сега без мене, а мислам дека допрва ќе добива на значење. Јас можеби го нагласувам, па и го изделувам од другите со моите дела кои неодамна почнав да ги создавам, со завршувањето на циклусот што сега ми се наметнува да го именувам „Боите на животот од раѓање до смрт“. Јас веќе реков дека невидливоста во суштина не е невидлива за сликарот, на неговите слики, а е секогаш присутна. Станува доминантна, дури единствена во делата не само на сликарите, туку на сите уметнички души, но е таква, а просто не можат да ја догледаат и согледаат обичните смртници, сите кои просто живееле дури живееле и умреле откако умреле. Мислам на оние чии тела умреле еднаш засекогаш, а нивните души продолжиле да живеат слободно во нивните дела откако излегле од нив и го живеат својот втор живот меѓу молк и тишина или меѓу паметење и заборав. Се обидов и да ја дефинирам невидливата слика: онаа што не треба да се гледа со живи очи, туку со чувства; најпрвин со чувството на допир. Баш така: гледање со чувство на допир.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Сега, откако ги насликав дванаесетте платна како невидливи, големи три со три метри-на денот, ноќта, раното утро, квечерта, полноќта, ниедното доба, потоа на крвта, водата, небото и земјата, како и на светлината и мрачнината, можам спокојно да чекам уште шест дена, да го чекам денот на отворање на изложбата во галеријата „Лично и единствено“ во Страдец. Спокоен? Да, затоа што си оставив доволно дена и ноќи, цела недела за одново да ја насликам непорочната љубов на платно шест метри долго и четири метри широко што изгоре во пожар; кое, да повторам, е моето главно приклучение, најпрвин како стремеж токму со непорочна љубов да ја совладувам безграничноста. Сигурен сум дека ќе успеам, ќе ја насликам дотогаш. Ќе биде централно, стожерно на изложбата? Се разбира.

Вчера пак бев во Плет, кај мојата Јасна од Спасе. Кога ѝ кажав дека ноќеска ќе го завршам дванаесеттото платно многу се израдува, што и го очекував. Баш зашто не веруваше дека ќе успеам. Сепак, сè уште се сомнева дека ќе успеам одново како невидлива да ја насликам мојата последна претсмртна слика со непорочната љубов. Да може да ми помогне, да ја сликаме заедно, секако би успеал. Би можела да дојде кај мене, во Страдец, да бидеме заедно, но се плаши дека ќе се случи повторно моја смрт штом ќе ја завршам. Овојпат и жив како мртов и мртов како жив.

Ја сретнав и Вера од Јане и ѝ се пофалив со нагласување дека сликите ги именував со нејзините метафори: „Ден за еден ден“, „Ноќ на заборав“, „При будење во рано утро“, „Квечер на исчекување“, „Полноќна страст“, „Ниедно доба со мене“, „Пламтеж на крв“, „Вода понорница“, „Небосклон на живи и мртви“, „Надежна земја“, „Надоаѓање на светлина“ и „Мрачнина на мртов како жив“. Ѝ кажав дека имам доволно денови и ноќи за создавање на платното со невидлива непорочна љубов и секако ќе успеам да ја завршам до денот на отворањето на изложбата. Ми рече по малку патетично:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

„И да ја насликаш пак, нема да биде истата. Таа изгоре во пожарот. Треба да ти биде цел нова. Изгорена или угасена непорочна љубов не може ни да се повтори ни да се обнови. Зашто во сечиј живот таа е една и единствена“.

Се обидов да ѝ докажам, но со нејзината рамнодушност не ме ни дослуша:

„Непорочната љубов не може ни да изгори ни да угасне. Неуништлива е и во животот и во смртта“.

При последното идење на мојот гроб на артистката, мојата таена љубов, пред две претпладниња, ја прашав зошто вистинскиот лик при своето присуство на отворањето на изложбата ќе го претвори во седумте ликови што ги играла во драмите на Шекспир. Ми одговори:

„Прво затоа што нашата љубов мора да остане каква што е, таена, а потоа дека невидливоста на твоите слики е иста како на нив. Шекспир ги создал невидливи како доживување и поистоветување со таа што ги играла сеедно еднаш или многупати“.

Потоа ме потсети на нив: сексуализирани, дрски, флертувачки, фатални, пожелни, непожелни, духовити, слободни, забрачени, но и чисти и чесни:

„Први се сексуализираните, дрските и флертувачките: медицинската сестра во „Ромео и Јулија“, Маргарет во „Многу врева за ништо“ и Одри во „Како што ви се допаѓа“; со низок социјален статус и кои често користат сексуални инсинуации.

Не помалку важни се трагичните и невините, како Јулија во „Ромео и Јулија“, Лавинија во „Тит Андроник“ и Офелија во „Хамлет“. Чисти на почетокот, но со трагична смрт по изгубена невиност.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Мислам дека најблиска до твоето невидливо дело „Квечер на исчекување“ е најпознатата според фаталноста Дама Макбет, со акцент на манипулацијата со Макбет и амбицијата да стане кралица; која ги води во смрт-нејзино самоубиство и негово убиство.

Духовита, а непожелна жена е Кетрин во „Тајмингот на лудилото“. Истовремено умна, храбра и независна.

Што се однесува на жената во брак, таа обично се чувствува како безбедна, без оглед на младоста, при што грижата за неа од нејзиниот татко преминува на нејзиниот сопруг. Таква е Миранда во „Бура“, омажена со Фердинанд.

Мене ми се мошне интересни ликовите на жени кои се облекуваат како мажи, а што најчесто значи нивна зголемена, поактивна улога, но и поголема слобода. Пример е Розалинд во „Како што ви се допаѓа“.

И јас, како многумина други артисти, артистки, драмски критичари и добри познавачи на Шекспировите драми, ги изделувам ликовите на жени лажно обвинети за прељуба, а кои дури страдаат поради тоа. Јас ја изделувам Дездемона, верната жена на Отело, убиена од него“.

Јас сомничаво:

„Но, освен Дама Магбет, што ја поврза со моето дело за квечерта, не гледам никаква директна или индиректна врска на другите ликови во кои на изложбата ќе го претвораш твојот лик. Освен таеноста“.

Таа не губејќи го доброто, дури весело расположение:

„Со нив на твоите дела ќе им дадам додатна невидлива содржина, па и драматичност. Како меѓу стварен и заумен свет“.

Ја пресеков во зборот со прашање:

„Мислиш меѓу молк и тишина или меѓу паметење и заборав?“

„Да. И сè тоа во твоето најголемо платно со насликана непорочна љубов“.

Долго со зачуденост ги гледаше контурите на гробницата-кораб.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here