Потребно време за читање: 2 минути

23.

Ристо од Петар случајно или намерно, повеќе намерно се најде во единствената ликовна галерија викана „Лично и единствено“. Сам во големиот салон во кој е поставена трајна изложба на дела на ликовни уметници кои живееле и создавале во минатото и кои живеат и создаваат денес во Страдец. Изложени се четири негови големи платна што ги избра сам како стожерни во неговото творештво.

Влегува неговиот најголем и најдоследен следбеник, младиот и мошне талентиран сликар Коста од Станко; став и на Ристо од Петар и на други уметници и ликовни критичари. Застанува пред неговото најголемо платно насловено „Црно и црвено во миг животворен“. Гледа втренчено во неа, се поместува чекор напред, па чекор назад. Потоа постојува некоја минута и пак се поместува овојпат чекор лево, чекор десно.

На Ристо од Петар му е драго што Коста од Станко дошол на изложбава и што своето внимание го концентрирал на негово дело. Тоа му предизвикува дури восхит зашто е единствен во салонот. Му приоѓа мртов како жив и со прашање просто го предизвикува на разговор.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ристо од Петар:

-Одамна не сме се виделе, пријателе Коста од Станко. Баш ми е драго што се среќаваме токму овде. Влезе во салонов баш кога решавав да излезам, да ја напуштам изложбава и овојпат безнадежен, повеќе разочаран дека никој жив нема да ја посети во мое присуство.

Коста од Станко:

-А мене, пак, баш ништо не ми значи што нема никој друг освен тебе. Напротив, можам да речам и дека ме радува. Дека стварно одамна не сме се виделе и се среќаваме токму овде. Јас мислам првпат по твојата од никој забележана смрт.

Ристо од Петар:

-Мораа моите ближни да постапат така. Мое завештание.

Коста од Станко, загледувајќи се во него на платното:

-Остави. Тоа е сосем неважно…Мошне возбудлива е истовременоста на црнава и црвенава боја во еден миг. Затоа животворен?

Ристо од Петар, речиси шепотливо:

-Мислам дека платново го откриваш како едно од моите стожери, а мислам и твој. Јас би ти препорачал да продолжиш како досега уште некое време. На твоите платна само црна и црвена боја, без додавање на друга. Ни бела. За животворноста…Тие бои се секогаш меѓу животот и смртта, односно меѓу молкот и тишината. Како дел од животот што го одживеав, како жив, а друг откога сум мртов. Возбудата ја предизвикуваат љубов и заедништво кои кулминираат во точка на вкрстување на стварниот и заумниот свет.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Коста од Станко го гледа на платното, му се насмевнува и заклучува:

-Не знам дали и еден од моите стожери. Не сакам да бидам ти…Разликата меѓу нас е токму во животворноста. Јас постојано, на секое платно се обидувам црната и црвената да ги држам на доволна оддалеченост. Просто да не можат да се доближат. Не ни помислувам да додавам друга, ни бела, ниту да да замешам во нив која било. Особено не од основните…Мојата животворност на нив не е иста како твојата. Мојата е меѓу два живота. И не меѓу молк и тишина, туку едновремено и во него и во неа.

Ристо од Петар:

-Нормално. Затоа што си жив и ќе бидеш уште долго. Ќе насликаш уште многу платна. Туку…Прифаќаш заедно да излеземе од салонов, а да закажеме друга средба за другите или само за едно друго мое дело? Мислам дека тогаш ќе имаме време заедно да загледаме и друго или други, на друг уметник. Сите застапени на оваа изложба со свои дела заслужуваат мое и твое внимание. Моето како мртов како жив, а твоето како мој следбеник со свој, препознатлив и лесно докажлив израз.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Коста од Станко само кимнува со глава. Излегуваат од салонот како од меѓу молк и тишина.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here