Потребно време за читање: < 1 минута

42. Обѕидувања

И Новиот град, како многу други, има стар, од дамнина, обѕидан со бедеми. Во него не живее никој, а според ископините, откриените гробови и богатите археолошките наоди живееле владетели, семејства на власт, видни и богати луѓе и војска. Од Новиот град е издвоен со длабок одамна безводен канал. Се влегува преку голем дрвен мост кој никогаш не се крева како некогаш. Туристите и намерниците најдолго се задржуваат на стражарниците од каде што надолж и нашир се гледа Новиот град; секој кварт, секое негово јавно, културно, образовно и спортско здание, секоја улица, булеварите, плоштадите, трговските центри, пазариштата.

Новиот град постојано се простира и се шири плански, прстенесто околу стариот. Гранични линии му се Бистра река на исток, одамна матна, загадена и без жив свет во неа; Гола планина на запад, со два остри и неосвоиви голи врвови изделкани како од вешта рака на вајар; на север продолжува Гола планина со три ридови еднакви по големина и два длабоки дола; на југ, пак, природна граница му е широко и длабоко сино езеро што со вода го полни и од која истекува Бистра река.

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Новиот град е модерен, со високи облакодери, широки булевари. паркови со безброј мали, големи фонтани и рекреативни патеки, шеталишта, сообраќајници, метро.

Но главно обележје на Новиот град, со што се разликува од сите други блиски и далечни градови, се квартовите и приградските населени места сите обѕидани со високи бедеми. Исти како бедемите на Стариот град!

А бидејќи граѓаните во нив имаат сѐ нужно и ненужно за секидневна живеачка, немаат, ниту чувствуваат потреба од соживот, каква годе соработка, меѓусебна комуникација, дружење и заедничко социјално дејствување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here