Потребно време за читање: < 1 минута

33. Лица на улица

Од ден на ден на улица се разминувам со сѐ повеќе извалкани лица. Извалкани од некој или некои од кои зависеле за нешто, може им зависела дури голата егзистенција, од некој или некои поради кои се понизиле, а можеби и од некој или од некои што ги изиграле, уцениле, застрашиле, посрамотиле.

Од ден на ден на улица се разминувам со сѐ помалку валкани лица. Од работа, пот, некоја мака, некоја жалост, несреќа. Ме привлекува нивната простодушност и ведрина, ми импонира нивната одважност и достоинственост. Сѐ повеќе ми недостасуваат во секидневноста.

На валканите лица им се радувам, па зашто ги среќавам сѐ поретко сум сѐ помалку радосен, а извалканите сѐ повеќе ми изгледаат како кловновски маски.

Од ден на ден сум сѐ помалку расположен да излегувам на улица.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here