25. Попатна средба
Застанува и седнува да одмори под дрво со широка крошна, во ладовина. Наидува нему непознат, исто така уморен, исто колку него и седнува до него. Не се поздравуваат, не се запознаваат, а како да оделе до овде заедно, во чекор.
-Каде, пријателе?
-Не знам, пријателе. А ти?
-И јас не знам. Кај што ме води патов.
-А ако не те доведе никаде?
-Не може никаде. Макар на крстопат, па да не знам каде натаму.
-Мене, пак, ми се чини дека заедно ќе нѐ одведе до безживотна пустелија. Ладовинава под дрвово ми изгледа последна.
-Ти се чудам, човеку! Како ти изгледа дека е?!
-Не знам како, ама ми изгледа…Туку, да одморам уште малу, па да си продолжам.
-Ќе продолжиме заедно?
-Ако сакаш, ако не ти пречи и ако мислиш дека ќе ни биде полесен чекорот.
Зедоа здив, одморија, па продолжија. Молчешкум, замислено и со рамнодушен чекор.