Потребно време за читање: < 1 минута

16. Занесеници

Млад човек, дваесет и седумгодишен, и стар, на седумдесет и три. Седнати еден до друг во преполн автобус на Градскиот собраќај. Младиот со мобилен в раце и слушалки на ушите, а човекот во години загледан низ прозорецот во толпата на тротоарот.

По подолг меѓусебен молк, како непознати, младиот ги става мобилниот и слушалките во ранец и му се обраќа со простосрдечна насмевка:

-Извини стари, ама морам да те прашам. Ти си се занел некогаш во нешто или во некого?

Стариот:

-Ме прашуваш затоа што си ти, синко? Во некоја?

Младиот:

-Не е важно. Да?

-Прво да разграничиме, синко. Занесен во нешто, што било е една работа, а во љубовта е сосема друга. Разликата не е во силината и траењето, мислам на минливоста и неминливоста, туку во смислата.

Да, занесен сум во ликовната  уметност од млади години до денес. Не пропуштам изложба во градов. Познавам многу наши уметници и се дружам, комуницирам со мнозина.

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

А бев занесен…сум…во една љубов неостварена…неостварлива…од моите зрели години…Пред две ипол години разбрав дека се разболела тешко…Којзнае дали е уште жива.   

Знаеш, најубаво е да си занесен во некоја или нечија убавина. Има најголема смисла и му дава смисла на животот.

Слегоа на иста постојка. Поздравувајќи се срдечно, младиот му рече:

-Ти благодарам, стари. Од срце.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here