Потребно време за читање: < 1 минута

10. Трн

Си стави трн во петата на левата здрава нога, искачувајќи се бос по змиулесто трнливо патче кон највисокиот планински врв. Десната му е толку болна што да не може ни да му ја додржи снагата, а камо ли да скока на неа напред или макар в место. Го прашуваат зошто по него бос и зошто баш кон највисокиот. Тој не знае да одговори. Едноставно, му дошло наум  и си стави. Длабоко, до коска, па може да се извади само со сериозен хируршки зафат. Можеби со отстранување на дел од неа.

Си стави трн во петата замислувајќи дека му е иста како на Ахил. Меѓутоа, никој од неговите ближни, пријатели и познајници не му ја прифати замислата. Напротив, сите го осудуваа и го сожалуваа. Особено кога им се пожали не само на болови, туку и на ширење гнојна рана околу него.

Еден од нив го праша:

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

„Ја знаеш легендата за Ахил?“.

И не чекајќи да му одговори му раскажа:

„Тој е совршен, неприкосновен во учењето, игрите и борбите. Бил воспитуван според македонски кралски обичаи. Верува во чест, искреност, вистината му е пред сѐ. Убива само кога е во опасност, а сета негова сила е собрана во една слаба точка што се наоѓа на петата, мислам на левата нога. Имено, според легендата мајка му кога го родила го фатила за неа и го избањала во реката Стикс верувајќи дека така ќе го направи бесмртен. Водата не допрела до неговата пета, па таа му станала единствено ранливо место. Тоа го открил Парис и го убил“.

„Кој не знае за Ахил?“, го праша. „Јас сум смртен и не верувам во бесмртност“.

Се јави во Градската хируршка клиника „Свети Наум Охридски“ и закажа операција на петата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here