Потребно време за читање: 5 минути

5. Ум-Памет-Разум

Тешко им на луѓето во време кога има толку многу глупост за едни, што да нема доволно памет за сите. Особено кога се знае колку е многу глупоста, избројана и мерена, а никогаш не може да се знае колку е доволно памет.

Во ниедно време паметта не отстапува пред глупоста, ниту ја игнорира, без оглед на нејзината агресивност; туку ја исмева, ја покажува угул гола, ја унижува и ништожи.

Ум наспроти безумие, разум наспроти глупост. Така си е од веки веков. Ама во времето што било досега и во времево сега безумието и глупоста како сè уште да царуваат. Или се често, ма премногу над мудроста и разумот. Ги поразуваат на секој чекор, ги ништожат. Токму затоа секогаш ни се насушна потреба.

Македонски народни пословици и изреки

Има у мнозина ум, ама у малцина разум.

Кога дојде умот, си појде кумот.

Лош ум, готов суд.

На умната глаа и едно око је доста.

С учен до праг-с умен до век.

Тешко на умните меѓу будалите.

Ум имам, пари немам; пари имам, ум немам.

Ум има, разум нема.

Ум и разум сос пари не се купуат.

Умниот е јунак, а не силниот.

Умнио учи да бидит поумно.

Умот во глаата стоит, а не во капата.

Ум со пари не се купуат, ами со мака по наука.

Пословици и изреки од народи во светот

Никој не е секогаш паметен-освен глупавиот. (Англиска)

Во својот ум надевај се, со туѓ советувај се. (Руска)

Имаш ли памет, оди по памет; немаш ли памет, оди по пословица. (Руска)

Преголемиот ум не наоѓа пријатели. (Јапонска)

Својот дух да го збогатуваш и своето срце да си го олесниш; својот јазик да го одмориш и своите раце да ги умориш; полека да јадеш и брзо да спиеш-во тоа е сета моја мудрост. (Кинеска)

Паметен човек научува десет работи, а верува во една; будалиот научува една работа, а верува дека знае десет. (Кинеска)

Прв знак на паметен човек е со еден поглед да знае со кого има работа. (Кинеска)

Не е умот во годините, ами во главата. (Балкански народи)

Кој има памет, не му треба среќа. (Хрватска)

Кога паметта би се изнела на пазар, пак секој би си ја купил својата. (Арапска)

Делата сведочат за човечкиот ум, а зборовите за неговото знаење. (Арапска)

Мала е користа од очите ако е умот слеп. (Арапска)

Умот е како селска вила: кога е премногу рамна носи премалку, а кога е премногу свиткана го носи и она што не треба. (Мадагаскарска)

Паметната глава вреди стотина раце. (Бугарска)

Ако паметта ти е слаба, мораш да имаш јак грб. (Бугарска)

Под секоја капа има некоја глава. (Ерменска)

Латински изреки

На паметниот доста. (Sapienti sat.)

Прочитај и за ... >>  ДУМА, ОПИТ, УКА

Паметниот човек сè свое носи со себе (буквално значење).

Освен паметта, ништо не ни е потребно. (Sapiens homo omnia sea secum portat.)

Домисла, гесло, мисла водилка

Од двајца паметни луѓе, попаметен е оној што е физички поразвиен.
Литературнаја газета

Тешко е да се живее без разум, но често е потешко со разум.
Анонимус

Никој на светот сè уште кај жената или во мажот не ја сакал пред сè паметта.
Анонимус

Рекле, издумале

Ниеден човек не е во секој момент паметен.
Плиниј

Паметни се само оние што се паметни на време.
Душан Радовиќ

Паметниот човек може да поднесе секоја вистина. Глупавиот и себичниот ја поднесува само онаа од која има корист.
Душан Радовиќ

Доколку не можеме да се согласиме што е памет, значи дека памет нема.
Душан Радовиќ

Паметниот човек го прави веднаш она што будалиот го прави на крајот.
Балтазар Грацијан

Тешко да му се влее памет на оној што нема волја, а уште потешко да му се влее волја на оној што нема памет.
Балтазар Грацијан

Правило на паметните луѓе е да ги остават нештата пред тие да ги остават нив. Значи, не смееме да чекаме на залезот на своето сонце.
Балтазар Грацијан

Паметта е способност да се изрази силата на судењето.
Имануел Кант

Паметниот човек создава повеќе можности отколку што ги наоѓа.
Френсис Бекон

Ако се грижиш само за телото, тоа е знак на недостатна памет.
Епиктет

Паметниот човек не само што не зборува глупости, туку и не ги слуша.
Лудвиг Бурк

Најучените луѓе не се и најпаметни.
Џефри Чосер

Паметните луѓе научуваат повеќе од будалите, одошто будалите од паметните.
Марко Портиј Катон

Од ден во ден сè помалку ја ценам паметта.
Марсел Пруст

Училиштето дава знаење, но не и памет.
Мигел де Сервантес

Паметниот повеќе добива од непријателот, одошто глупавиот од пријателот.
Бенџамин Франклин

На паметниот човек му е полесно да му се потчини на глупак, одошто со него да управува.
Франсоа Ла Рошфуко

За паметни ги сметаме оние што мислат како ние.
Франсоа Ла Рошфуко

Полесно е да се биде паметен за други одошто за себе.
Франсоа Ла Рошфуко

Ништо на светот не е така добро распоредено како паметта: секој мисли дека ја има доволно.
Рене Декарт

Никој не е задоволен со своето богатство, ниту незадоволен со својата памет.
Антоанет д Луже Дешулие

Паметта е нешто сосема спротивно од парите: колку човек ја има помалку, толку е позадоволен.
Пол Масон

Само затоа што порано бев глупав, денеска сум паметен.
Јохан Волфганг Гете

На паметниот човек не му се случуваат ситни глупости.
Јохан Волфганг Гете

Никој не може да биде паметен со празен желудник.
Џорџ Елиот

Попаметниот попушта! Каква жална вистина која го втемелува владеењето на глупоста.
Мари фон Ебнер-Ешенбах

Има луѓе чиј разум свети и луѓе чиј разум блеска. Првите ја расветлуваат својата околина, другите ја замрачуваат.
Мари фон Ебнер-Ешенбах

Ако некој не пропушта ниедна прилика да каже нешто паметно, тогаш не е упатно да му се довери решавањето на тешки прашања.
Вилјем Хазлит

Ништо толку не уморува како недуховитата памет.
Иван Тургењев

Паметта служи за сè. Но не води кон ништо.
Шарл-Морис Талејранд-Перигорд

Луѓето на кои по несреќа добиле книшка памет личат на оние јадници кои вечно се занимаваат со своите мрежи, а со нив никогаш не ловат.
Рабиндранат Тагоре

Со паметта е како со талентот: подобро е воопшто да се биде без неа одошто да се има премалку.
Мил д Сомери

Човек кој го слуша Разумот е изгубен. Разумот ги попречува сите оние чиј дух не е доволно силен за да му се спротивстави.
Џорџ Бернард Шо

Кој сака да му се поверува на неговиот суд, нека го искаже ладно и без страст.
Артур Шопенхауер

Блазе тебе ако разум секогаш во срцето ти престојува.
Фридрих Шилер

Кога е човек 24 часа во право пред сите други, тогаш 24 часа го сметаат за човек кој нема здрав разум.
Антоан д Риварол

Војводата може една жена да ја направи војвоткиња, но паметен човек не може да ја направи паметна.
Антоан д Риварол

Да се презира човечкиот суд не е тешко, да се презира сопствениот суд е невозможно.
Александар Сергеевич Пушкин

Ги гледам границите на својот разум, но не ги гледам границите на човечкиот разум.
Јан Евангелиста Пуркине

Разумот е храна, а неа најчесто може да ја расипе човечката злоба.
Плутарх

Лесно е денес да се биде паметен за дваесет години наназад. Требало тогаш да се биде паметен.
Моша Пијаде

На заповедите на разумот треба појако да се покоруваме одошто на заповедите на господарот; зашто кој не го слуша својот господар, станува несреќен, а кој не го слуша својот разум станува будала.
Блез Паскал

Умот е даден за непослушност.
Весна Парун

Кој радо прибегнува кон акробатиката на умот, тој веќе и со пусто теоретизирање може да дојде до битни заклучоци.
Пал Панди

Кога сета памет на овој свет би се собрала во еден човек, и тој би правел глупости.
Никола Миличевиќ

Да се разбере е потешко одошто да се смее.
Антун Густав Матош

Тој човек имаше толку разум што повеќе речиси за ништо на светот не можеше да го употреби.
Георг Кристоф Лихтенберг

Сепак е многу полесно да се суди за нечија памет според неговите прашања одошто според неговите одговори.
Дук д Левис

Кој поради некои нешта губи памет, тој и ја немал.
Готхолд Ефрем Лесинг

Разумот и постои за човекот да го постигне она што го сака.
Фјодор Михајлович Достоевски

Кога на Земјата би било сè разумно, ништо не би се случило.
Фјодор Михајлович Достоевски

Еден ум е добар, а два-подобро.
Фјодор Михајлович Достоевски

За да се постапува разумно-малку е да се има само разум.
Фјодор Михајлович Достоевски

Војниците, свештениците и благородниците никогаш не навратуваат во домот на разумот.
Карло Доси

Кога некого го прашале што е најретко на светот, одговорил: Она што им припаѓа на сите, а тоа е здравиот разум.
Ѓакомо Леопарди

Меѓу здравиот разум и добриот вкус разликата е како меѓу причината и нејзините последици.
Жан д Ла Бриер

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here