Потребно време за читање: 5 минути

5. Изрод, лигуш, неранимајко

Здраво-живо народецу мој,

Ти знајш дека ја непара ти се жалам, ама сега ќе пукнам ако не ти изнакажам што мака имам. Знам дека ја имаш истата и зато просто ти се чудам како уште издржуваш да не пукнеш ко што сум јас-ептен за пукање. Непара ти се жалам за која било и каква било мака, така ми е како ми е, па кога сакам да ти се жалам тоа значи дека маката ми дошла до под грло што се вели, ми се качила на глава што се вели, ми дотежила та ми станала неиздржлива.

Голема мака си имам, лујѓе мои. Ненормално голема: дошле на власт изроди, лигуши и неранимајковци, ја сами дошле ја ги натуриле некои фактори сосе стратешки партнер, та владеат ко да ќе владеат вечно! Ко никој да не може да ги турне од власт, а после мрачина да ги изеј! Владеат со државичкава ни со арамилак, корупција, мафијаштво и непотизам, ко што се вели модерно и стручно! Па згора со предавства, па уште озгора на тоа згора со велепредавство! И замисли, народецу мој: никој ништо не им може! Баш никој! Ко што гледам, слушам и читам, дури ни ти! Зар?! Така ли?!

Пред некој ден појдов во канцеларијата на еден од нив, од главните. Одвај ме прими, не знам како се смилува кога разбра дека сум му дошол ја лично и персонално, дедо Громче. Но, сега знам дека уште е пишман што ме прими.

Скоро полсаат праевме муабет. Да се попраам, не праевме муабет ами јас му зборев, а тој слушаше ко онемен и едвај успеваше да ми влези во зборо со некое поткажуање и потпрашање. Ушите му се сторија жар, а мене вилиците толку ми се тресеа од брзо и изнервирано зборење што почнав да штракам со нив; одвај успевав да ги контролирам, да не ми испаднат од уста!

Сега ми е жал што станав и си заминав пред да му изнакажам баш сè што ми се собра во последно време. Ама ако останев уште некое време, гарант ќе му се плукнев на власта што му ја дале в раце и на тие што го нашле, што го избрале да биде власт, што му го натуриле на бет, сирот мој народецу.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози

Ме пречека со кисела насмевка, како да се знаеме одамна и како заедно да сме паселе овци:

-Кое добро, дедо Громче? Баш ми е драго што ти текнало на мене и си решил да ме посетиш.

Ја одбивајќи да седнам во големата кафена кожена фотелја:

-Море изроду, море лигуш низаеден, море неранимајко! Кај те најдоа тебе за власт?! Дека ептен си им погоден за замислата и целта? Не те знаеја кој си и каков си? Како да не! Те нашле зашто те научиле кој си, што си, каков си, а им требаат баш такви како тебе. Дибек! Недоветен!

Тој со зината уста:

-Што ти е, дедо Громче? Што ти станало? Немој така. Не е убооо…

Го пресеков ко со сатара и просскав змиски:

-Море и ти и сите со тебе што се како тебе да одат во мајчината! Во бестрага!…Џенем!…Изрод!

Тој со повишен глас, просто безобразно;

-Ај доста! Седни во фотелјава. Смири се, кажи што мака имаш, да ти поможам нешто ако можам, па да си речиме со здравје и секое добро…Јас изрод!

Тамам работа да го послушам. Не му појдов во канцеларијата за да му седам во фотелја. Малу се потсмирив, го стишав гласот и го прашав гледајќи го право в очи без да трепнам:

-Ти бре знајш што е изрод?

Тој:

-Знам и не сум.

Ја:

-Не знајш! Оту коа би знаел не би бил ни ти ни сите што се со тебе на власт. Изрод е, лигуш низаеден, чоек роден а ненапраен ко чоек, од семе кое без сакајње излетало од маж во секс…во сексуална страст при однос со жена, ко што се вели модерно. Па фатило корен во неа, таа не сакала да ја исчистат и…те родила надеајќи се на рожба за живот со љубов, во љубов и чоештина. Ама ти отко си пораснал се видело дека си неразбран, просто неарен во умо, може да те меси секој ко тесто. Си станал неразбран, си се изродил и од мајка и од татко и си станал изрод.

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози, 41

Тој:

-Добро, ти одбивам на навредата и да речиме дека сум изрод. Сакаш да речиш дека му е тешко и мачно на народо со мене како таков? Ами што да правам? Тоа сум и тоа….Па уште и лигуш!

Воздивнав длабоко, за уште малце да се смирам, па продолжив малце потивко:

-Да, да, лигуш си! И ти и сите со тебе на власт! И сите ко тебе, неранимајко!

Тој прилично развлечено, луто и малце тажно и рамнодушно:

-Ајдеее…

Ко да му дојде да заплаче, ко да почна солза да му навира во левото око. Ја крена десната рака со вперен прст во мене ко да сака де ме заплаши. Мене, дедо Громче да го заплаши, лигуш низаеден?!

Пак го поткренав гласот:

-Знајш што е то лигуш? Се разбира дека не знајш оту коа би знаел не би бил. Логика. Ја ќе ти кажам, а ти научи еднуш засекоаш: лигуш е чоек што се лигави пред некој погорен од него, лигуш како него, и сè му прај за да биде негов. Прав потрчко, прав подлизурко, прав загар. За да биде и после да остани на власт дур е жив, му коленичи и ни на крајо од умо не му паѓа да се испрај пред него. Камо ли да му кажи не, доста е…Ако се погледнеш во огледало, ја ти гарантирам дека ќе се видиш колку голем лигуш си станал…Знајш што вели мајка ти ако е жива? Вели: „Неранимајко низаеден! Неќу очи да ти видам!“

Прочитај и за ... >>  ДЕДО ГРОМЧЕ, сатирични монолози, 47

Тој стои пред мене со зината уста, ко дотепан од сè што чу од мене. Успеа да пропелтечи:

-Ддд-оста…бре, дедо Громче. Доста! Веќе не можам да те слушам. Па како си дозволи да изнакажеш сè што ми изнакажа? Да ме наречеш изрод, лигуш, па и неранимајко!…Немаш ни малу исав.

Решив да довршам:

-Тешко тебе ако немав исав…Ма не си ти на власт само неранимајко, ами и неранитатко…Прибидејќи ти не знајш што е то неранимајко, ја да ти кажам: нема врска со мајка ти ако е жива и не ја раниш. Тоа не се разбира буквалистички, што се вели. Се разбира како лош, расипан чоек, дибидус нечесен. Ама не само тоа, ами и растурџија на од друг, од други, од народ напраено. И трошаџија на пари, на народни прибидејќи си власт…И ова да си го знајш од мене ко од дедо Громче: ти си изрод, лигуш, неранимајко, но пред сè и над сè предавник, а најпредсе и најнадсе велепредавник!…Не викај обезбедување да ме соберат, да ме исфрлат од кај тебе. Си одам да го кренам на нозе народецов мој дури има време за спас од тебе и таквите ко тебе со тебе! Го дотеравте до питачки стап, се држите ко слеп за стапо на сранците и сранскио стратешки партнер.  Ќе кркате стап од него ја ко ти велам! Сто бројани ко еден!

И просто излетав од негоата канцеларија! Уште ми се тресат вилиците од брзото и изнервирано зборење. Замолчувам оту почнав да штракам со нив и се плашам да не ми испаднат од уста!

А то со моето кревање твое на нозе народецу мој, ти знајш дека си стојам на зборо. Не моом да стојам долго на нозе, сè појше ми тежат старцкиве годиње, ама има да те кренам, па после да умрам нема да ми биде жал. Ако треба, и на чело ќе ти застанам! Ја ко ќе кажам кажано је, нели?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here