Потребно време за читање: 3 минути

145. Јас помеѓу Јас книжевник и Јас олбичен смртник подвикнувам, па промислувам:
Фатете ги крадците!

Логиката вели: крадците мора веднаш да се фатат за да не продолжат да крадат. Крадецот си е крадец, па може да стане некрадец само ако биде фатен и казнет за сторената кражба. Потоа врз него да се применат воспитно-поправни мерки односно, како што се вели модерно, да се ресоцијализира.

Ако не биде фатен, или барем да дознае и почувствува дека е бркан за да биде фатен како таков, тогаш тој не е крадец. Напротив, почесен е од оној граѓанин кој не ни помислува да украде нешто. Крадците, пак, и оние што треба, но не ги гонат па не ги фаќаат, со право му велат:

„Ти си наивен и будала“.

Имаат право бидејќи се покажало и докажало, секидневно се покажува и докажува: украденото од нив не е украдено. Што значи дека природно им припаѓало, а само дошло време да си го земат оти сѐ до нив било неправедно и неправилно кај друг(и).

Што се случува кога, на пример, дознаваме дека некој бил и е „и тоа каков крадец“? Ништо особено, освен дека изненадени, речиси стаписани и крајно возбудени успеваме да викнеме заедно со други на сет глас:

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Фатете го крадецот!

А што би било ако го фатат откако така ќе викнеме? Еве што би било и што е:

Прва реакција-кој е; втора реакција-каде е; трета рекација-невозможно (и) тој да е; последна реакција-пуштете го, тој не е!

Не ви е верно дека би било така? Да, може да има уште една, најпоследна реакација: да ве фатат вас што сте викнале заедно со други, па да бидете обвинети (на суд, ами како!) за клевета, а богами и за викање. Може и со прст покажување (ако ви текнало тоа) на оној што е од чесен почесен затоа што не може, ниту некој сака, ниту се обидува (нека проба, ако смее) да го докаже спротивното.

Според моето скромно искуство и знаење, во транзиционо-реформска средина и околина е многу поважно не да се вика „Фатете ги крадците!“, туку да се фатат и прописно да се казнат оние што не ги казнуваат и кога односните „случајно“ ќе бидат фатени.

Скромно мислам и од искуство знам дека тоа би имало повратен ефект врз фатените во меѓувреме, а особено врз сè уште нефатените.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Ми доаѓа малце да промислувам за евентуалната спрега помеѓу крадците и полит-бизнис олигархијата. Ама веднаш (навреме?) се препнувам, се сепнувам, се протресувам. Ми текнува: ако ја има, ако постои, тогаш се коси со една друга логика.

Имено, иако се знае дека нема мали и големи крадци, излегува дека има. Со таа разлика што малите се големи и многу полесно и побрзо се фаќаат, а големите се мали и воопшто не се интересни за фаќање. Па фаќачите не ни помислуваат на нив и за нив да губат дел од своето драгоцено фаќачко време.

Има и трета логика која вели: не треба да се вика „Фатете ги крадците!“, зашто тие ќе слушнат и ќе избегаат односно ќе се скријат навреме, уште поодносно ќе ги сокријат. Треба конкретно, акционерски што се вели, да се помогне независно, непартиски и сл. да се откријат, да се откриваат (ненаместени), па и да се помогне во нивното фаќање.

Ама мене лично ме буни нешто сосема петто (четвртото им го оставам на позиционерските и опозиционерските коалиции за да им користи во предизборните кампањи, на пример): кому тоа им викаме или треба да им викаме за да ги фатат?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Се разбира знам, на органите. Знам и на кои сѐ не: на внатрешните и надворешните; на политичките и неполитичките; на свеста, потсвеста, совеста и одговорноста.

Најмногу, пак, ме збунува нешто како претпоследно: во последно време сѐ погласно се вика:

„Каде се парите-милијардите!“?!

Луѓе мои, па тоа се пари! Навистина, каде се, каде би можеле да бидат?

Да ви кажам најискрено, кога би биле кај мене буквално би умрел од страв кај да ги сокријам.

Се покажа дека помеѓу независниве ни медиуми имало некои од кои не можеш ни швајцарски сметки да сокриеш! А за под перница или под јорган планина ептен се многу, не ги собира! Знае некој каде се?

И конечно, по ова што сосема на крајов ќе го речам комплетно занемувам до следниот момент-кога ќе бидам предизвикан или изваден од такт:

Народе наш насушен! Да не дошло конечно времето кога наместо „Фатете ги крадците!“, треба да не викаме, ами да си речеме помеѓу себе, со шепот или само во себе: „Ај да ги фатиме“. А? Мислам, дури не ја дувнале, на пример, во туѓина-јабана, па да си останеме секој со својот прст в уста!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here