Потребно време за читање: 4 минути

170. Кулминација и расплет

Јас вистина не знам дали се воопшто потребни кулминацијата и расплетот во едно вакво дело: биографски бележник што не е тоа, биографија што не е тоа, збирка раскази што не се тоа, новела што не е тоа, роман што не е тоа, драма што не е тоа, исповед на една главна личност без споредни што не е тоа. Нешто помеѓу сè што не е тоа, што не се тоа ни релативно ни апсолутно.
Да, личноста е главна, единствено важна. Но: единствена, а сложена, која во себе има најмалку две, а неподелена, не двојна. Јас еднаш како раскажувач, другпат како запишувач; третпат јас книжевник, четврти јас обичен смртник. Петти пат обајцата јас, шести како рамноправен и рамносилен со нив; седми тие како јас…
И сега кулминација и расплет, значи завршување, крај на делово. Не таа, па тој, таа надолж и нашир, па тој бавно, чекор по чекор, со ниеден сокриен или премолчен детал, туку и таа и тој едновремено или брзо, што е можно побрзо. Ако може само во два-три збора. Брзам? Се брзам, се брзаат Јас книжевник и Јас обичен смртник? Зошто?! Нема ни зошто ни затоа!
Јас мислам дека е тоа затоа што кулминацијата како што ја разбирам јас е тоа ако е во една точка, на самоти врв. Сè што било е во неа и само расплетот односно крајот е по неа. Неретко и тој во неа. Расплетот односно крајот, пак, може, но не мора да уследи по кулминација. Неа може воопшто да ја нема, значи да ја „претекне“, а може и да не е тоа. Со други зборови, да биде што било друго само не расплет. Впрочем, што има да се расплетува во ова дело?
Прашањата и дилемите што ги приведов ми даваат за право да се определам, сам на себеси да си дадам задача: да има или да нема кулминација, таа да го содржи или да не го содржи расплетот. Или, пак, расплетот да ја пренебрегне кулминацијата, таа да не е е во него, односно да не биде дел од него. Притоа, определувајќи се да ја измислам неа или него, во неа него или неа во него, затоа што во природите, поточно во карактерите на јас како книжевник и јас како обичен смртник нема, ниту може да има каква било кулминација и или некаков расплет. Особено ако се има предвид дека и кулминацијата и расплетот им се својствени пред сè на драматски дејствија односно на драматично „развивање“ на животот, настанот или настаните, доживувањето или доживувањата во него и во други поврзани со него.
Во тој контекст измислувањето на кулминацијата и расплетот единствено значат дека конечно сега решив да го завршам ова мое дело. Кое, ќе повторам нешто што го имам изложено, според мене е сепак најблиско до роман.
Значи, прво кулминацијата:
Со оглед на сите ситуации и состојби, Јас како книжевник и мислител решава да престане да создава дела! Создаде колку што создаде, а создаде многу, за многумина дури премногу. Може аргументирано да тврди дека неговото творештво е грандиозно, па вели: „Од мене толку, народе!“
Се разбира, никој од оние што го почитуваат и признаваат и од оние што воопшто не го сметаат за творец и мислител не може на никој начин да влијае на таа негова одлука. За првите е секако разочарување, имаат притаена надеж дека сепак ќе се предомисли, не е во природата на творецот и мислителот да престане наеднаш, наврапито, што значи да замолчи и да молчи до смрт. А на вторите им значи олеснување, ослободување, дури радување.
Всушност, кулминацијата, поточно кулминативната точка е неговото решение кое произлегува од престанувањето: сите создадени дела да исчезнат, да ги снема со него! На каков било начин: тој сам да ги изгори или тоа да му го препушти на некој од неговите потомци; тој или некој од неговите потомци да не дозволи да се објави ниедно од нив долго време, а кое би било време на заборавот. Или, пак, да ги остави таму кај што се-во „Фиоката на Заборавот“ на Интернет, со едновремено бришење/блокирање/„затворање“/непристапност на неговата творечка односно мислечко/книжевна веб страница.
Кулминацијата на јас како обичен смртник? Таа е одамна предвидена и испланирана:
Јас обичен смртник ќе отиде во неврат тивко, незабележливо, испратен само од најближните. Пред очи му е сè: се простува со секој од нив смирено, дури рамнодушно, ги потсетува што треба да пишува на надгробната плоча (има белешка во делово) и се загледува во секој од нив како да сака засекогаш да ги запамети. Им наредува да не тагуваат (може тоа?), животот е пред нив колку што е, па треба да го одживеат како што и колку што знаат најдобро. Додека го паметат, одвреме-навреме нека му идат со понекој цвет и нека му запалат свеќа. Сигурен е дека бавното гаснење на нејзиниот плам не ја симболизира само минливоста на животот, туку и на неговото паметење.
Најважно од сè: за неговото одење во неврат никој друг да не дознае што е можно подолго време! Ни местото на неговото вечно почивалиште. Може тоа? Зошто да не може? Тој не гледа никаков проблем.
Пресвртот на Јас како мислител и книжевник и Јас како обичен смртник:
Бадемите, оревите, лешниците, павловниите и арониите што ги посадив меѓу нив на мојот рид, околу неговиот врв во мое време и кога имав снага, веќе закоренија. Павловниите веќе го надминаа врвот. Се извишија до небо, не се ни догледуваат.
Никој не забележа, можеби ни моите најближни, дека ноќеска, точно на полноќ прво се искачив на врвот за последен пат, а потоа ги легнав, всушност ги сокрив моите коски меѓу нивните корени.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here