Потребно време за читање: 3 минути

14. Победите и поразите во животот

Во сечиј живот има мали и големи победи и порази, подеми и падови, но најмногу стоења во место и чекорења напред. Секој не сака да зборува многу за поразите, падовите и стоењата во место. Најмногу се трудат да ги заборават, пред сѐ поради последиците.

Јас немам причина да ги премолчувам, да ги сокривам или сосем да ги откривам победите и поразите. Како во сечиј живот, и во мојот малите се безброј, секојдневни, многу повторени, па и повторливи, многу безначајни и кои не влијаеле врз неговиот тек. Но кога е збор за поразите…

Доживеав два големи што да не можат да бидат поголеми. И според трагите, и според последиците врз моите и врз сегашнината и иднината на најближните. Не само големи, туку и тешки? Па, не знам. Можеби. Еднакви? Којзнае. Едниот е врз едната половина од мојата работна, творечка и животна определба, а другиот врз другата.

Само спомнувањето на едниот во мене буди нерасположба, лутина, горчина, дури гнев. Поврзан е најнепосредно со мојата новинарска професија-радио новинарството и, следствено, со личната и семејната егзистенција. Во мене предизвика дури одбивност спрема медиумот-радиото.

Се пензионирав како новинар, и тоа по седумгодишна безработица токму по доживеаниот пораз. Завршив како невработен, а што сѐ сум работел и сум сработил на и за радиото-радио емисии, програми, проекти, е неброено. Имам напишано дури научна студија за радиото како мас-медиум, објавена на Интернет. Бев и официјално прогласен (со научно испитување на јавното мислење) за најдобар, најслушан, најпочитуван радио-водител во Република Македонија. А ете, цели седум години чекав да ми дојде времето за пензионирање.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

За поразот само два-три збора, не прифаќам детално:

Точно десет години јас и моите најближни, синот Горан и сопругата Гордана, водевме жестока битка, со огромна саможртва, дури на работ на животниот опстој, во македонскиот етер да го одржиме „во живот“ нашето (приватно) радио-„Гром радио“; без сомнение програмски и содржински најбогато и најквалитетно, на највисоко професионално новинарско ниво. (Ова не е само моја оценка). Каква жестока битка, против кого? Против политикантски и политички мрачни сили (без наводници). Престанокот на таа битка, со гаснење на радиото, значеше и наш здравствен-животен „спас во последен час“. Толку за тоа. Можеби и премногу.

За вториот пораз зборувам нерадо. Само ќе речам дека е поврзан со алчноста на ближни која предизвика дури одродување, а поради која останав без никаков показ или доказ на семејна припадност.

Токму овие порази се најголемите романескни искуства, поточно романескни стожери на ова дело. Особено второто за кое, ќе повторам, зборувам нерадо. Не сакам ни сега, ама мислам дека се нужни некои битни детали. Не толку за разбирање и доживување, колку за континуитет кој можеби ќе нема кулминација и некаков расплет.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Тој беше наполно свесен за посесивноста, доминантноста и алчноста на сопругата и ќерката, но немаше ниту волја, ниту сила да им се спротивстави. Имаше свои семејни преокупации и лични обврски што често го премалуваа, не му даваа да земе ниту здив. Добро ги знаеше нивната природа и нивните карактери, па…

Значи ли тоа дека ги прифати такви, престана да им се спротивставува, да ги принуди макар во мала мера да се променат? Да, по секакви и долги обиди да им ја наметне секојдневната грижата за семејството, за поголема толеранција во меѓугенерациските односи. Особено помеѓу нив, сопругата и ќерката, неговите два сина и неговите стари-татко му и мајка му. Крена раце, просто ги остави да тераат по свое. Единствен отпор или само лутина искажуваше одвреме-навреме со неколкудневно молчење и отсуство од домот од утро до доцна вечер.

Ништо не се промени ни кога почнаа умирачките. Прво згасна стариот, татко му, потоа старата, мајка му, па ненадејно помалиот син, па неговата помлада сестра, па ердна негова прва братучеда, па…

Од нив го доживеа најголемот пораз. По кој стана рамнодушен спрема сè.

Кога легна во смртна постела, веќе во длабока старост и со поматен ум, успеаја да го натераат да потпише дека по неговата смрт сè што поседува им остава ним. Што сè? Трисобен стан во стара повеќекатница, незнајна заштеда на девизна сметка, неколку стари златни монети, мало ковчеже со златен накит и воени и цивилни ордени за заслуги.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Својата посесивност, доминантност и алчност сопругата и ќерката ја продолжија по неговата смрт. Прво во односот спрема единствениот ближен-синот и братот, со свое семејство и свој живот. Сокрија дека го натерале ним да им препише сè, а откога тој го откри тоа ќерката со голема итроштина и матни игри успеа да го оневозможи неговото барање за преиспитување. Се избори сè да остане како што е. Потоа успеа да го преземе и делот на мајка им.

Почина и мајка им, исто така во длабока старост, а на големо изненадување на блиските, но не и на синот, по неполна година по неа ненадејно почина и ќерката, сестра му.

Синот само претпоставува дека сè што сестра му остави наследено и стекнато ѝ припадна на ќерка ѝ, од него и блиските одамна знаена како безгранично посесивна, доминантна и алчна.

Не знам и не сум начисто дали дејствово односно поразов во романов ќе го насочам во очекуван или во некој ненадеен правец. Се разбира, доколку го продолжам.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here