Потребно време за читање: 2 минути

31. Јас обичен смртник за отрезнувањето

Тоа секогаш доаѓа болно и по време поминато во надевање, исчекување, очекување, верување, всушност во наивност и заблуди. Некогаш времето побрзо минува, едновремено доаѓа побрзо отрезнувањето, но не чини по него човек да се враќа во нешто претходно. Што било-поминало.

Порано било подобро од сега? Добро, ама е поважно да биде добро отсега, нели?

Отрезнувањето е болно. Навлегува длабоко во свеста, обеспокојува. Треба да се издржи, на нозе да се достои. Дури и без вина се чувствуваш виновен. Ако не за друго, затоа што си дозволил да бидеш заведен, изманипулиран, занесен.

Со очекувањата сѐ било в ред, ама не со оние од кои си очекувал да знаат и умеат. В ред, тие се подготвени за тебе како личност да сторат нешто, а ти не очекуваш ништо премногу. Само она што си го сакал оти знаеш дека било или е можно. Занесот бил голем и траел од долго предолго. Ветувањата преголеми, но остварливи оти биле нужни.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Сепак, никогаш не е доцна. На предоцна не ни помислуваш.

Отрезнувањето секогаш доаѓа со време. За да има уште време за твоја, лична акција. И заедно со други, секако. Да го поправиш расипаното, растуреното, да го доправиш правеното, а недоправеното. По толку разнебитено да почнеш нешто ново.

Почнуваш да мислиш на себе.

Ја напушташ колективната свест, ја поразуваш партијноста со самосвест. Не го прифаќаш заедничкото без твоето. Тоа веќе воопшто не ти треба како закрила, како заветрина. Не ги ни слушаш, а камо ли да ги следиш лидерите кои божем работеле, работат или ветуваат дека ќе работат за доброто на сите, за подобар живот, за благодат на секој; за безбедна, мирна сегашност и иднина. А всушност исклучиво за личен интересе, за лично безмерно богатење.

Продолжуваш јавно да го искажуваш, да го истакнуваш, да го браниш она што отсекогаш не било против, а било за. Ниту, пак, било на туѓа сметка или на чија било штета. Се враќаш на она што отсекогаш ти било важно. Некогаш и најважно, некогаш и единствено:

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Животот одминува, а ти нема да дозволиш лесно да те одмине. Ништо да не му одземеш, ама многу нешто да биде само за тебе, едновремено за заедно со други.

Доволно си моќен за да бидеш еден и свој.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here