Потребно време за читање: 2 минути

34. Попатна прибелешка за доследноста

Доследноста значи истрајност, упорност, постојаност, неуморност, непоколебливост, ревност, стабилност. (Прво нејзини синоними, а потоа „надополувања“ на значењето.) Различна е, специфична во одделни сфери на животот и работата. Во творештвото највредна, најдоблесна и секако највозвишена е онаа на творецот-доследноста на себеси.

Да се биде доследен на себеси во нашево време и во нашиов простор е многу тешко, за мнозина невозможно. Пред сѐ, затоа што личната егзистенција неретко целосно зависи од други, а не најмногу или единствено од самиот себе. Како што е или би требало да биде во едно развиено демократско, граѓанско, цивилизациско општество (не мора и технолошки развиено).

Со други зборови, доследните се ретки човечки суштества во оние средини во кои честа и достоинството, свеста и совеста, трудот и делото изгубиле секаква вредност, им го отстапиле местото на лагата и полтронството, крадбата и измамата, снаодливоста и подлоста.

Што сè му се случува и допрва може да му се случи на доследниот? Сешто, а најмногу, а најчесто: беда и унижување, презир и самување, премолк и заборав.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Сигурен сум дека, кога би се обиделе, лесно би успеале да ги доброите, а уште полесно да ги препознаете сите доследни што ги познавате и не ги познавате, ги среќавате одвреме-навреме, секој ден или случајно. Едно затоа што во насилна транзиција (читај приватизација, „првобитен капитализам“), која е сама по себе криминална, валкана, грозоморна, срамна, токму доследноста е помеѓу првите жртви, а друго поради мафијашката организација на недоследните.

Знаете ли каде, во што најмногу и најбрзо се намножуваат мафијашите? Каде, во што се најмафијашки организирани? Се разбира, во политиката, ама не само во неа. Зашто таа сама по себе, со такви како такви одамна би пропаднала. Имено, лесно би можела да се смени, тие едноставно да се „избркаат“ од неа.

Да, погодивте уште каде најмногу и најбрзо се намножуваат: во бизнисот. Не во секој, туку само во големиот и брзо успешниот. Во малиот, па и средниот, а особено во оној што се развива ептен бавно односно во макотрпниот се не само малку на број, туку се и малку важни, дури безначајни во мафијашкото хиерархиско скалило. Кога не би било така, тој-макотрпнииот не би бил таков, особено не за газдите-сопствениците на таквиот. Кои немаат никакви илузии дека кога-тогаш ќе застанат на своите „независни“ нозе.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Заборавам на полит-бизнисменската олигархија? Се разбира не, ама досега многупати сум пишувал за неа, па не сакам да се повторувам. Можеби не сум го напишал ова:

Таа никогаш не паѓа на глава, туку е толку прилагодлива што каква било политика да е на власт останува на „својата“ позиција-тоа е што е: најнапред силна, а потоа многу влијателна. И ништо не може да ја „разбие“.

Не е проблем поврзаноста на бизнисот и политиката или обратно-на политиката и бизнисот. Проблемот е што бизнисот е во најголем дел нечист, до „гуша“ извалкан, па и да сака политиката со него не може да биде „чиста“. Таа комбинација не може да се нарече поинаку, освен како што ја нарекувам јас: полит-бизнисменска олигархија.

Можам јас, како вие, да изнаредам безброј недоследни и во бизнисот и во политиката, но и во други области на нашево севкупно живуркање. Што ги среќавам секој ден, со чии недоследности се соочувам постојано.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Но, знаете ли кои се најдоследните?

Сигурно знаете: оние што градат и создаваат за себе и за други, оние што ја знаат и ценат вредноста на творечкиот ангажман, оние што чесноста и достоинството не ги сметаат за доблести, туку за карактерни особини.

Има еден голем српски сатиричар по име Влада Булатовиќ Виб, кој успеал да ги „открие“ најдоследните. Рекол:

„Подлеците се најдоследни: секогаш остануваат подлеци“.

Јас доречувам:

Вардете се од подлеците. Тие се најопасни во својата доследност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here