Потребно време за читање: 2 минути

159. За грешките

И досега сум поткажувал и докажувал за грешката, ама не ќе е на одмет и сега.

Да, од грешките во животот се учиме цел живот. Повеќе од туѓите одошто од сопствените. Најнапред за да не ги повторуваме, а потоа совреме да ги согледуваме и поправаме односно надминуваме. Се разбира, доколку (си) ги признаваме.

Мислам дека токму тоа-признавањето е најпроблематично и најтешко. Притоа, мислам пред сè на големите грешки, со долгорочни последици. Малите и ситните или просто не ги забележуваме или не им обрнуваме доволно внимание. Најмногу затоа се најповторливи.

Се разбира дека во животот сум направил и големи и мали грешки. Последиците од некои од големите и денес и сега ги чувствувам, може до крајот на животот, а жалам, не можам да си простам дека ги доживеаја, ги преживеаја и последиците од нив сè уште ги чувствуваат мои најблиски. Не знам дали има потреба да истакнувам или се подразбира дека научив многу од нив, а се трудев досега и се трудам да не ги повторам.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Но, што е со грешките кои не (си) ги признаваме, сметаме дека не биле тоа? Некој реторички ќе одговори дека непризнаената грешка не била грешка, не е грешка за оној што ја направил. Јас, пак, како обичен смртник мислам дека од грешка која не (си) ја признаваме не учиме ние, особено не за да не ја повториме, туку совреме, а задоцнето, дури предоцна учат оние што не знаат. Да, мислам на грешката како суштествен дел од искуството.

И ден-денес сум убеден дека не направив грешка, како што мислат и ми префрлаат некои. Најмалку, пак, голема или најголема во животот. Без оглед на последиците, личната огромна саможртва и неизмерното жртвување на моето најтесно семејство. Мислам на 10-годишната навистина жестока борба за опстој и развој на моето/семејното Гром радио/Евергрин Гром радио. Дури и по цена на лично и семејно егзистенцијално загрозување (избегнато мое планирано „исчезнување“)! Оние што беа ангажирани на некој начин, соработуваа и работеа на секојдневната реализација на неговата 24-часовна програма добро знаат за што зборувам. Го почувствуваа „на своја кожа“.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

И ден-денес мислам, не го менувам ставот дека:

Забавно-едукативното Гром радио/Евергрин Гром радио беше/е единствено /неповторливо современо/модерно радио кога било пројавено на македонското радиодифузно „небо“. Постоеше/емитуваше програма точно 10 години (1996-2006), а е незаборавно, на многумина од оние што го слушаа просто им фали и денес. Откако мораше да згасне. Како тоа мораше? Прашајте ги оние што одбегнуваа, се плашеа да го поддржат, да соработуваат, да го помагаат финансиски. Пред сè од политички причини во маркетиншка “обланда“. Не мислам само на деловни „субјекти“.

Тврдам дека кога би го обновил/е, кога би го „оживеале“, што е практично невозможно, и тоа без никакви промени во програмската шема, тоа радио би било единствено вистинско.

Сега нема детално да образложувам, да изнесувам аргументи и факти зошто сметам дека приватното, моето/семејното радио не е моја грешка, особено не најголема во животот. Само ќе посочам на (сè уште) единствената научна студија за радиото како медиум кај нас, чиј автор сум јас: „Аспекти на модерниото радио/Радио на современата модерност“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here