Потребно време за читање: 3 минути

11. 2. 25. Научно-истражувачка дејност

За научно-истражувачката дејност, во прецизно дефинирани просторно-временски координати, може да се говори низ историска ретроспектива, причинско-последична врска со сегашна состојба; потоа, со критички однос спрема моментните практични и сознајно-теоретски вредности (чија „поволност“ или „неповолност“ се мери секогаш според светски норми и вредности); и од аспект на перспективниот развој и влијанието на научно-истражувачката дејност врз севкупниот материјален и општествен развој.

Секој пристап одделно може да оствари одредена цел, но користени интегрално отвораат широки можности за адекватна застапеност на научно-истражувачката дејност на програмата на современото-модерното радио. Нејзината проблематизација, пак, особено во однос на рационалноста и емпиричноста на нејзините методи и техничките аспекти на нејзината апликација, овозможуваат ангажман што резултира со менување на свеста и подготвеност за акција.

Науката како збир на знаења и сознанија, како синтетизирано знаење со разработени методи на истражување, станува не само животна релевантност на одредено интелектуално ниво, туку и содржина на модерниот живот без која тој би немал соодветен интензитет.

Тоа подразбира и следење и анализирање на развојот на природните и општествените насоки, процесите и резултатите на модерната наука, како и сè поголемата развојна специјализација на посебни подрачја, на одделни науки: физиката, хемијата, биологијата и др., потоа на интердисциплинарните, биофизиката, биохемијата и др. Притоа, секогаш треба да се има на ум нивната хуманизација (особено во примената), односно нивната суштина: остварување на хармонијата помеѓу човекот, природата, технологијата и самата наука.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Во рамките на научно-истражувачката дејност одделно значење, не само во недоволно развиените подрачја (споредбеност на моментниот развоен степен утврден според светски параметри), има иновативната дејност. За успешно следење на нејзините резултати е потребно претходно разграничување на основните нејзини фази, потоа дефинирање на дистинкцијата помеѓу иновацијата и пронајдокот, а треба да се имаат предвид и основните фактори на развој на иновативната дејност. Економската теорија и практика веќе ги утврдила овие елементи. За успешно и конзистентно следење на научно-истражувачката дејност тие треба да добиваат сè поголема афирмативна функција.

Создавањето на една иновација се следи низ нејзините четири творечки фази: истражување, пронајдок, иновација и нејзина дифузија. Целиот тој процес може програмски да се иницира и афирмира во неговата комплексност, со сите дивергенции и проблеми што го оневозможуваат тоа. На тој начин ќе се оствари рамномерна застапеност и во иницијацијата и во афирмацијата на техничко-технолошките резултати, чие влијание врз развојот на производството и стопанството во целина е решително, со оние во другите области: организацијата на производството, маркетингот, образованието, медицината, информатиката итн.

Во таа смисла, истражувањето добива третман на индивидуална авантура на духот (експериментирање, теоретски сознанија, хипотетични резултати); самиот пронајдок се афирмира низ воспоставување на спротивни гледишта и ставови, односно проверување на неговата валидност; иновацијата во суштина е првата практична примена на еден пронајдок или научно постигање, а нејзината дифузија е онаа финална фаза чија динамика и ефикасност го условуват самиот технолошки развој.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Следејќи ги иновациските развојни фази, се дефинира и дистинкцијата помеѓу пронајдокот и иновацијата, заедно со нивните меѓуетапи: пронајдокот сам по себе ја нема реалната економска вредност, туку неа ја добива со примената на иновацијата; пронајдокот по правило не ги содржи сите елементи потребни за непосредна реализација во производството; тој станува иновација со технолошката разработка, изработката на прототип, испитување на функционирањето, потоа со деталната разработка на технологијата, изработка на проект итн.

Треба да се има предвид и брзината на примената на пронајдокот, односно времето или бројот на годините од моментот на појавата на пронајдокот до иновацијата, што претставува најважен индикатор на економската ефикасност на научно-истражувачката дејност и воведувањето на нова технологија и техника. Брзината на примената на пронајдокот низ новинарскиот секторски ангажман се афирмира со следење на неговата промоција и презентација, како и на ефектите на неговата примена како иновација, односно нејзиното реализирање на пазарот.

Научно-истражувачката дејност како проблематика и нејзиното динамизирање како развојна компонента зависат од низа фактори, од кои посебно се значајни техничкото и економското ниво на развиеност и стопанскиот систем и општетвените односи во целина.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Техничкото и економското ниво на развој ги воспоставуваат и развојните механизми кои значат соодветна инвестициона интервенција на општеството, а врз основа на долгорочни планови и јасно дефинирани развојни цели. Тоа подразбира развој на нови производи и програми, односно технолошки проекти кои ќе го забрзаат и унапредат стопанскиот и општествен развој на една земја, подрачје, регион. Влијанието, пак, врз стопанскиот систем и општествените односи во целина ја потврдуваат меѓузависноста на овие процеси.

Во визурата на новинарскиот ангажман, а особено во аналитичкиот пристап, секогаш треба да имаат соодветен третман и другите фази на развој, односно можностите и условите од кои зависи брзината на примената на еден пронајдок, на неговата реализација како иновација; влијанието на пронајдокот врз економијата на животот и опредметениот труд, на промените во производствената структура, на конкурентската способност на корисникот на пронајдокот итн.

Следењето и афирмацијата на научно-истражувачките организации и институции, индивидуалниот иноваторски ангажман, реализацијата на конкретни техничко-технолошки проекти и програми, состојбата со патенти и лиценци, иновирањето на организацијата на технолошки процеси, научните собири, симпозиумите, конгресите, меѓународните проекти како фактор на европските и светските интеграции, научната издавачка дејност-сè се тоа прашања од секојдневен интерес на новинарот што ја следи научно-истражувачката проблематика.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here