Потребно време за читање: 3 минути

2. 1. Радио на случување

Радиото не се „случува“ („случено“ е многу одамна, веќе има сопствена богата историја), како што се „случуваат“ денес сè нови и нови печатени и електронски медиуми (-Интернет), освен во развојна смисла (осовременување-модернизација). Радиото е медиум на случувањето.

Имено, со својот динамизам, прилагодливост на ритамот на актуелните збиднувања, како и со следењето на промените во однос на квалитетот на живеењето на човекот, тоа е „најживиот“ медиум кој не само што пренесува, посредува, активира и мобилизира (мисла, дело, творештво), туку и е и треба да биде секогаш чекор понапред од другите и од времето сегашно. Доколку се мисли дека во однос на другите, пред сè електронските медиуми радиото се мајоризира, ќе посочам на феноменот на „индивидуалното слушање“ кое не значи „затворање“ на личноста-нејзина алиенација, туку, напротив, самопрепознавање во глобалниот свет на комуникациите (во постојан дијалог со надворешниот свет). Притоа, акустичкото доживување е многу посилно, поверодостојно, посугестивно и поуверливо од визуелното.

Во тој однос, приоритетно значење има дијалогот, и тоа пред сè внатрешниот (не само „со себеси“). Што значи дека човекот-слушателот-рецепиентот го восприема случувањето (-ја прима информацијата) и воспоставува критички однос спрема него, односно го проценува, преоценува, вреднува. Не само од причина што случувањето-информацијата станува суштински сегмент на животот (само информираниот човек е слободен, со потврден индивидуалитет, и јавен, едновремено придвижувач-насочувач на сопственото и на колективното време, го регулира-прилагодува и менува ритамот на животот), туку и поради фактот дека моментот на случувањето станува conditio sine qua non за спознавањето на стварноста и нејзината антиципација.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Брзината на пренесувањето на информацијата за радиото на современата модерност станува сè помалку релевантна (да се биде прв на местото на настанот и „моето радио“ прво да информира за него), а сè поважно станува навременото информирање ( кое погрешно се идентификува со вистинското време, со оглед на неговата релативност). Многу поблиско и во попродлабочен корелативен однос со него е моето време. Тоа, пак, го претпоставува текот на случувањето. Меѓу другото, и затоа што веќе во нашево време сите се први благодарение на новата аудио-радио технологија (-дигиталното радио кое нуди максимален, совршен зук и тон, но и преносен сигнал).

Во обидот што попрецизно да го дефинирам радиото на случување, нужно е посебно да се задржам на категоријата динамизам. Притоа, водејќи сметка дека станува збор за мошне комплексна категорија која во никој случај, а особено не при просторно-временската ситуираност, не би смееле да ја сведуваме на програмски радио-ритам, програмска темпоралност или, во најопшта смисла, на некаква специфика во пренесувањето на пораката.

Динамизмот го регулира индивидуалното време, но едновремено го насочува случувањето во посакуваниот правец, во остварувањето на однапред поставената цел. Разграничувањето и спротивставеноста помеѓу ангажираното-творечкото и слободното време (слободното време не во смисла на празно, туку напротив, исполнето со активности кои не ја минмизираат, обезвреднуваат, обезличуваат суштината на егзистенцијата), претставува појдовна основа за идентификација и дефинирање на динамизмот како конкретна осмисленост на движењето на времето. Неговите осцилации во текот на 24 часа (ден и ноќ) директно и индиректно влијаат врз поведението-расположението на личноста.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Психолозите ќе речат дека регулацијата е двонасочна: личноста влијае врз развојот на настанот-случуваањето, но и на тој-настанот односно случувањето лличноста се прилагодува. Во зависност од неговата содржина-тежина, тој да се разбере и прифати или отфрли, да се учествува во него или не, постојат различни појавувања и потврдувања-афирмации на личноста. Конкретно, воени судири или терористички акции ја мобилизираат личноста да им се спротивстави. Но, доколку станат „редовни“ да ги прими, дури и да ги прифати како дел од динамизмот на животот, односно да изгради пасивен, рамнодушен однос спрема нив. Со други зборови, нив личноста ги прифаќа како дел од стварноста. Во однос на информацијата за нив, таа се изедначува со онаа за цените на пазарот или филмскиот репертоар во градските кина. На тој начин се доаѓа само на чекор од манипулацијата, ако веќе не започнала. И тоа манипулација во секоја смисла! Особено во „докажувањето“ на вистината.

Пред да почнат со акции односно воени дејствија, воените стратези детално разработуваат тактика на информативна „обработка“ на динамизмот на случувањето-настаните, со дозирање на информациите (-контрола, па и цензура), водејќи еднакво сметка и за „пријателските“ и за „непријателските“ реакции, инсистирајќи на конечната цел: победа, освојување, пораз-уништување на непријателската сила.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

„Случувањето“ на радиото е пред сè континуирано, што значи во секој негов програмски сегмент: сите програми, емисии и рубрики во рамките на неговата програмската шема се така концепирани што да овозможуваат динамизам прилагоден на настанот, проблемот, на темата што се обработува односно му се нуди, му се „прикажува“ на слушателот. Доколку не се води сметка за тоа, од почетокот до крајот-до конечната реализација, ќе се „случи“ статичноста која ќе предизвика незаинтересираност, инфериорен однос на слушателот, па и негова одбивност.

Притоа, не станува збор само за временскиот опфат-просторната рамка (определување на тн. „мерка на заинтересираност“ или „мерка на нормална издржливост на концентрацијата“), туку и за програмскиот ритам и неговото дизајнирање. Симплификацијата на оваа претпоставка за современост-модерност во радиската практика неа ја сведува на односот помеѓу музиката и говорот, не земајќи ги предвид и другите елементи, а особено вокалната препознатливост, стилот,бојата, тонот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here