Потребно време за читање: 5 минути

2. 3. 2. Структура на однесување

Можеби најзначаен аспект ( не е ли попрецизно да се каже критериум?) во определувањето-дефинирањето на целните групи на слушатели е структурата на однесувањето. Времето, динамиката на животот и квалитетот на живеењето се најнепосредно поврзани токму со структурата на однесувањето. Станува збор за мошне комплексно однесување кое не е статичко, туку, напротив, постојано добива нови содржини и вредности.

Кога говориме за структурата на однесувањето на луѓето во одредена општествено-економска и социјална ситуираност, мислиме пред сè на животниот стандард и „природните“ потреби што тој ги наметнува. Таа е условена колку од општествениот развој, но исто толку, дури и повеќе од потребата за идентификација на човековиот индивидуалитет (духовен и творечки).

Радиото на современата модерност има мошне големи обврски на тој план: не само да го следи менувањето на однесувањето (афинитетност, доминантност), туку и позитивно да го истражува, поттикнува и насочува. Таа обврска ја усложнува улогата на радиото како постојан придружник.

Мошне сериозен пристап кон структурата на однесувањето има Морис Мерло-Понти во своето дело така и насловено: „Структура на однесувањето”(1). Неговата филозофија тргнува од проблемите на односот помеѓу свеста и природата, ги обработува рефлексното и повисоките однесувања, за да заврши со релацијата помеѓу душата и телото и проблемот на перцептивната свест. Во контекстот на нашава тема ќе приведам некои негови ставови:

„Однесувањето, се вели, има свои последни корени и ефекти во географската околина, дури и кога се (…) однесува спрема неа само со посредство на околината својствена на својот вид и на секој индивидуум…Во една филозофија, која навистина би се откажала од поимот на супстанцијата, би можел да постои само еден универзум кој би бил универзум на формите: помеѓу различни видови форми, кои имаат еднакви права, помеѓу физичките релации и релациите што се имплицирани во дескрипцијата на однесувањето, не би можел да се претпостави никаков однос на изведување или каузалитет, ниту, значи, да се бараат физички модели кои би служеле физиолошките или психолошките форми да се внесат во битието… Воведувајќи ги структуралните посматрања, психологијата на формата не мисли дека го надвладеала поимот на физичкиот свет како omnitudo realitatis, бидејќи структурите веќе се наоѓаат во него. Веќе во физичкиот свет преминот од услов кон консеквенции е дисконтинуиран.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Наместо да зборуваме за активност, како што тоа го прават повеќето од современите психолози, ние го избираме хегелијанскиот термин „работа“ кој означува вкупност на човечки дејности со чие посредство човекот ја трансформира физичката и живата природа. Затоа што ако ништо не е пообично од врзувањето на човековата свест за активноста, ретко човечката активност се сфаќа со својата изворна смисла и со својата конкретна содржина… Токму човечките акти-актот на говорот, работата, актот на облекувањето, на пример-немаат сопствено значење. Ти се разбираат со упатување на интенциите на животот: костумот е вештачко крзно, орудието го заменува еден орган, говорот е средство на прилагодување на „неоргански цврстото“.

…Она што човекот го дефинира не е способноста да создаде една друга природа-економска, социјална и културна-од онаа страна на биолошката природа, туку пред сè способноста да ги надмине создадените структури за да создаде други. А ова движење е веќе видливо во секој посебен производ на човечкиот труд.

Повисокото однесување во сегашната длабочина на својата егзистенција чува субординирани дијалектики, почнувајќи од онаа на физичкиот систем и неговите топографски услови, па сè до дијалектиката на организмот и неговата „средина“. Тие не се препознатливи во целина, кога таа коректно функционира, но нивната иманентност се потврдува со дезинтеграција во случај на парцијална лезија. Не постои некоја сушност на мислата која со една контингентност на нашата нервна ситуација и како услов на егзистенцијата би попримила посебни форми на „визуелно“ и „аудитивно“ мислење“.

Надминувањето на создадените структури со создавање на други, како што нагласува Мерло-Понти, е всушност оној незапирлив творечки агенс во човекот што го придвижува напред и го иницира неговото однесување. Силата на тој творечки агенс е различна кај секој индивидуум, па тешко дека би можела да се генерализира на една група. Па сепак, не само „нервната ситуација“, туку и односите со другите индивидууми ја создаваат структурата на однесувањето на човекот. Токму тие односи, заедно со способноста за адаптација и систематичност, овозможуваат радиото да се „практицира“ себеси, а притоа да ја сочува својата специфичност и универалност. (Во други контексти контрадикторни поими, а во овој во „равенство“: се брани специфичноста затоа што е/станала универзална, се потврдила со своите вредности!)

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Ќе понудам конкретен пример: повратната спрега помеѓу етно-радио и слушателите (слушател-целна група) кои со особен респект се однесуваат спрема традицијата, историјата, корените, фолклорот, обичаите.

Шемата на програмата на етно-радиото е фундирана врз следниве параметри: вредното и минливото во минатото (презентација-селекција-афирмација); основни вредносни критериуми; кореспонденција со стварноста и светот-опкружувањето; стимулација-истражување-откривање.

Структурата на однесувањето, според кое се определува-дефинира целната група-слушателот (не пренебрегнувајќи ги биолошката и психофизичката конституција, како и просторноста и „природноста“), ги поставува следниве релации: слушање-акција-реакција; мотивација-идентификација; впечаток-детерминација-расположба-континуитет.

Акустичното доживување се „случува“ во временски интервали кои овозможуваат активирање на љубопитството-негово задоволување, но и едукација и релаксација со етно содржини. Тоа „случување“ е циклично, што значи не единствено, а „паузите“ се пополнуваат со следење на дневните актуелности, односно со „денешното време“ (кое не подразбира само тн. дневни настани; можно е тие воопшто и да не се следат, при што информативниот сегмент се остварува во друга димензија-„етно-вести“, активности на соодветни институции, актуелности и согледби итн.).

Во македонскиот радиодифузен простор сè уште нема етно-радио поставено врз ваква основа за да може да се означи како радио на современата модерност. (Некои појави на тн. фолк-радио претставуваат симплификација, па и вулгаризација на идејата која во развиениот медиумски свет одамна се „практицира“).

Која е целната слушателска група на ЕВЕРГРИН ГРОМ РАДИО (радио осмислено од авторот на оваа студија, а кое работеше-дејствуваше во македонскиот радиодифузен простор од 1996. до 2006. година)?

„Распоредот“ односно редоследот на основните, стожерните елементи на радиото на современата модерност: едукација, забава, информација, комуникација, што наедно значат и дефиниција-негово препознавање, произлегува од следнава „спецификација“ на слушателите на кои им се обраќа:

-потребата од постојана, секојдневна едукација ја наметнува модерниот живот и неговата динамика;

-со оглед дека ритамот на животот, организацијата на современото живеење (на работата и на слободното време-за забава, разонода и творештво) и темелните вредности на квалитетот на животот ги детерминираат егзистенцијалниот простор и времето на човекот, таа-едукацијата се задржува на основните информации, на основните сознајни поттикнувачки иманенции на историскиот и цивилизацискиот развој на човештвото, пренесени во радиска форма: редукција-озабавување-максимално искористување на можностите на радио-дизајнот како знак и препознавање (-радио енциклопедија);

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

-слушаноста ја обезбедуваат тн. ангажирани и релаксирачки емисии и рубрики во рамките на дневната програмска шема, со постојани термини и строго утврдена темпоралност (за неа ќе зборувам во посебно поглавје);

-забавата има функција на подготовка на слушателот/слушателите за ангажирано односно активно слушање на радиото од една, а од друга страна за исполнување на слободното време (слободно во смисла на ослободување од делничните грижи и проблеми или нивна „распределба“-растоварување („секогаш имам доволно време за сè”)-одбрана на психофизичката стабилност и ведрина на духот (забавните програми, емисии и рубрики без исклучок содржат сегменти на хумор, сатира, „занимливост“);

-информацијата односно информирањето иницира особен однос спрема дневните актуелности и нивното влијание врз свеста и критичкиот дух: активизам-динамизам-учество (на програмски план тоа се остварува преку тн. флеш-вести со или без утврден термин-на ниво на програма со утврден, а на ниво на емисии и рубрики без), потоа со термински лоцирани информативни рубрики и емисии и информирање од местото на настанот (мобилно репортерство);

-комуникацијата односно контактноста (директна-непосредна и индиректна-посредна) се остварува во рамките на следнава релација: задоволство (-неаздоволство)-соработка-реакција-акција; на програмски план во специјални дебатни емисии и рубрики, писмена кореспонденција (реакција-расправа на одредена тема) и директно учество во програмата-во специјални емисии и рубрики од едукативно-забавен карактер (особено тн. семејни).

Имајќи ги предвид досега изнесените размисли и ставови за целната слушателска група, таа во однос на ЕВЕРГРИН ГРОМ РАДИО може да се определи во следниве соодноси:

-од 5 до 15 години-10% (најниската старосна граница од 5 години бидејќи се смета дека токму од неа почнува подготовката за селективен пристап кон животот и времето, почнува поинтензивното градење на сопствени вредносни критериуми- осамостојување);

-од 15 до 25 години-20%; од 25 до 45 години-40%;

-од 45 до 60 години-20%;

и над 60 години-10% (највисоката старосна граница не може прецизно да се одреди со оглед на индивидуалниот виталитет и способност за дејствување; современиот живот, интензивниот развој во сите негови области, подобрувањето на животните и работните услови, како и развојот на медицината таа граница постојано ја поместуваат).
_____________________
1) Maurice Merleau Ponty: „Struktura ponašanja“, Nolit, Beograd, 1984

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here