Потребно време за читање: 4 минути

10. 3. Програмска шема

Програмската шема на едно радио претставува систематизација и конкретизација не само на програмската концепција и програмско-уредувачката политика, туку и на сè она што значи негов имиџ (бренд). Од друга страна, таа го идентификува радиото како масмедиум со препознатлива програмска структура и ритам, а кои овозможуваат непосредна врска со слушателот. Тоа на своевиден начин овозможува да стане негов постојан придружник. Идентификувачката и придружната функција на радиото се афирмираат преку програмската шема доколку е таа постојана-неменлива и конзистентна, а едновремено го одразува животот на современиот човек: постојаност-неменливост во темпоралноста, конзистентност во основната ориентација, одраз на сушноста на просторот и времето.

Тоа се постигнува единствено со стручност и темелност, знаење и компетенција, односно со пристап кој не дозволува никаква импровизација или волунтаризам. Ниту од страна на нејзиниот идеен творец, ниту од оние што ја надградуваат низ практиката. Секој поинаков однос спрема оваа мошне сложена материја не може да оствари решенија и резултати со кои радиото на современата модерност ќе ги брани вредноста и достоинството, ќе се афирмира себеси како најмоќен електронски медиум.

Програмската шема на радиото може да се дефинира како анатомија на неговата душа и тело. Колку што е овој израз метафоричен, исто толку, па и многу повеќе е синтеза на сè она што го „случуваше“ радиото во минатото, на она што значи негова сегашност-современост, но и најава-антиципација на идното време. Исто како и анатомијата на телото и душата на човекот-неговиот слушател, идентитетот и интегритетот на личноста.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Пред да ја прзентирам анатомијата на душата и телото на радиото на современата модерност (всушност, се мисли на конкретност на програмската структура), малку ќе се позанимавам токму со неговата душа и тело.

Поимот душа се толкува како севкупност на животни, посебно психички појави, а со оглед на неговата етимолошка поврзаност со дишењето. Издвојувањето на душата од телото, како независна материјална сушност, претставува основа за проучување на нејзиното божествено потекло, бесмртноста и тн., како дел од религиското толкување и прифаќање на светот и животот.

Посочувам и на филозофското сфаќање на душата како витален принцип („ентелехија на телото“), од Аристотел до различните идеалистички сфаќања, како и на поимот „душа на светот“ кој го означува севкупниот живот на светот како организам, како општ живот.

Телото се однесува пред сè на човечкото тело, но и на секој друг физички предмет. Тоа е појавно-стварно, живо-дел од природата, променливо, и мртво-каменето, статично, неменливо. Како човечко, телото е постојано во движење, а неговиот динамизам се манифестира не само во прилагодувањето на времето и просторот, туку и во нивното менување, во придвижувањето на светот напред. Како физички предмет, телото е секогаш затворено (поим што сугерира круг, заокруженост, исполнетост), а го отвора надворешна сила за да го разгради, деструира или надополни, обогати.

Телото во однос на својата „спротивност“ или на спротивниот „пол“-душата се јавува како основа, како лик, израз, рамка, круг на душата.

Во филозофската традиција се среќаваат: „знак на душата“ (питагорејците), „затвор на душата“ (Платон и неоплатоновците), „сад на душата“ (Цицерон), „орган на душата“ (Стал). Декартовото дуалистичко одредување на телото како res extensa спротивставено на душата како res cogitans проблемот на односот помеќу телото и душата го поставува на нов начин: како паралелни манифестации на нивната посебност (психичкото и физичкото како две рамноправни страни на исто битие)-теорија на психофизичкиот паралелизам1). Во таа смисла може да се говори и за предизвик на творецот-уметникот на телото да му даде душа, да го оживее или, напротив, тој да биде поттикнат да го разбие-атомизира за да создаде ново тело, нова конструкција во која восприемачот-оној што го гледа, слуша, допира ќе пренесе дел од сопствената душа.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Сите наведени општи назнаки-сфаќања на телото и душата еднакво се однесуваат и на програмската шема на радиото на современата модерност. Во зависност од тоа со каква сериозност и внимание се пристапува при осмислувањето и особено реализацијата, таа ќе биде повеќе тело или душа, тело со или без душа, колку тело, толку душа. Со други зборови, програмската шема често не го менува телото, туку при конкретната реализација се богати нејзината душа.

Оттука е сосема погрешна практиката од често радикално менување на шемата на едно радио, освен кога таа не била поставена темелно, стручно и компетентно. Тоа се случува поради амбицијата да се направи, создаде, изгради ново тело за стара душа. Напротив, сериозноста, темелноста, стручноста поставуваат поинаква задача: така изработената и разработена (детализирана) програмска шема постојано да се одржува, ревитализира или регенерира со нови форми („освежување на телото“) и нови содржини („нов говор на душата“).

Програмската шема на Евергрин Гром радио претставува суштина и конкретизација на програмската структура. Не само во однос на основните определби, туку и на планот на нивната просторно-временска детерминација. Па така, едукативно-забавната програма главно се реализира во рамките на „живата“ радио-енциклопедија „Универзалии-Паноптикум“ и во рубриките под заеднички наслов (со поднаслови) „Живот и ритам“; информативно-контактната има повеќе програми, емисии и рубрики, но не и поголема просторно-временска димензионираност: утринска програма „Хрономер“, вечерна под наслов „Мост“, потоа рубрика вести под наслов „Што има ново?“, информативни рубрики „Огледало на денот“, „Печат- тема за дилема“ и „Ден и ноќ“; кога станува збор за забавно-музичката програма (со едукативни елементи), таа се реализира преку програми во чии рамки се поместени повеќе редовни и алтернативни рубрики: „Ноќна ведрина“, „Громобран“, „Урнебесен вентилатор“, „Горе високо, долу длабоко-Вие во средината“, „Песочен часовник“, „Седмиот ден-неделно попладне“ и „Утре е понеделник“; исто така и музичката програма има своја шема: „Музичка антологија“, „Music box“, „Forever-За сите времиња-евергрин топ листа“ и „MMM-Multi Music of Macedonia“-топ листа на македонски и хитови на националностите во Македонија“, како и рубрики од сите музички жанри во текот на дневната и вечерната програма; главни програмски сегменти од бизнис програмата се рекламните блокови под заеднички наслов „Сервис маркет“, специјалните комерцијални емисии и рубриката „Радио шоп“.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Како пример на стручно, компентентно оформена и темелно-детално осмислена, а најпрвин како документ на 10-годишно траење-опстојување во македонскиот етер, ја приложувам програмската шема на Евергрин Гром радио:

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here