Потребно време за читање: 2 минути

11.2.35. Слободно време-одмор-забава-игра

Слободното време е резултат на слободниот развој на личноста и ослободувањето на неговото индивидуално време. Слободното време е дел од мошне комплексен процес во кој креативниот дух ги користи внатрешните и надворешните можности, процес во кој работното време на му се спротивставува, туку го разграничува секојдневјето на живеењето, „како се живее од ден на ден“ (Хајдегер); процес во кој целосно, заедно со промената на ритамот на живеењето, се остварува човековата личност, се афирмира неговиот идентитет.

Слободното време го продолжува и засилува интензитетот на живеењето, го продолжува секојдневното време како случување и како енергија насочена против едноличноста на живеењето.

Акцептирањето на „техничките средства за производство на времето“ (С.Московиси) и економизирањето на времето, односно неговото рационално користење („Немаме време да имаме време и тој факт ми изгледа најважен во нашата цивилизација“), треба да имаат подеднаков и адекватен третман во програмската шема на радиото на современата модерност. Притоа, уважувајќи ја дистинкцијата помеѓу „општественото“ време како време на производство и „индивидуалното“ време како време на потрошувачка, тоа претставува цивилизациско достигнување. Конечно, слободното време треба да има пред сè третман на творечко, креативно, индивидуално време со неговото содржинско „профилирање“.

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Конкретно:

Слободното време како релаксирачка активност (хоби, рекреативни активности, лична надградба, активности во рамки на социјални групации-дружења, разговори, сеанси и сл); како афирмација на креативноста-време на култура (следење, непосредно учество во културни збиднувања, проверка и актуелизација на општествени, културни, уметнички, спортски итн. вредности, информативно следење; професионална надградба, надополнување на општата култура на личноста-домашна библиотека, творечка лабораторија и сл., „слободна“ иновативна дејност: лична преокупација-аматеризам), и слободното време како одмор-разонода-игра.

Играта е исполнето слободно време и се третира како „творечки импулс, слобода, пронаоѓачки дух, фантазија и дисциплина во исто време“-(Хуизинга), како природна потреба на човекот. Притоа, треба да се има на ум предупредувањето на Кајоа: „Оној што од играта ќе направи занает, тој не игра. Тој извршува работа. Природата на натпреварувањето или спектаклот не е промена на атлетичарите, односно артистите да се професионалци кои играат за плата, а не аматери кои од тоа очекуваат само задоволство. Разликата се однесува само на нив. Тие наоѓаат разонода играјќи некоја друга игра што не ги ангажира…Кога играат, тие играат некоја друга игра“. Имено, во преден план се назначува слободата и задоволството од играта (забавата), без оглед на неможноста од апсолутна слобода во играта. „Играта не е работа, таа се врши во слободно време. Дури откако ќе стане функција на културата, за неа се врзуваат поимите обврска, работа, должност“ (Хуизинга). Играта е, освен тоа, „извор на радост и разонода“ (Кајоа).

Прочитај и за ... >>  АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Играта и разонодата (забавата), што се во функција на одморот на слушателот, се мошне значаен елемент на забавно-рекреативнните (ревијални) програми, а нивната конкретизација треба да биде составен, интегриран сегмент на современото-модерното радио; како дел од слободното време на слушателот (индивидуални и колективни игри-натпревари, тестови на интелигенција и слично).

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here