Потребно време за читање: 2 минути

46. Летно невреме

Пороен дожд, сиви и модри облаци, грмотевици, магла, дури студ. Големо невреме среде летово. Не неколку часа, ден, два, туку четири дена и ноќи без престан! Ни трага сончева, макар само еден негов зрак.

Ги изненади метеоролозите. Резервирано прогнозираа „можна краткотрајна промена на времето“, локален дожд, благ пад на температурата, а никако невреме. Еден дури убедуваше дека „на врвот“ на летово едноставно не е можна „драстична“ промена на времето.

Луѓето просто не знаат што да мислат. Ништо не можат да домислат. Некои уверуваат дека не е никакво изненадување со оглед на климатските промени и апокалиптичните предвидувања на иднината на планетата Земја, но најмногу од нив се загрижени за последиците по здравјето и нарушувањето на рамнотежата помеѓу природата и животот во неа. Два-тројца тврдат дека вакво невреме сигурно „произвела“ некоја од велесилите и е дел од сѐ пожестоката глобална хемиско-биолошка војна што трае со години. Всушност, станува збор за геостратегија.

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

А селаните во малото сѐ уште живо село Пакосница, на падините на Гола планина, се толку раскарани меѓусебно што не сакаат очи да си видат. Имено, од година на година е сѐ поголем бројот на секнати извори и се сѐ послаби водните дотеци на реката Бистра, па лете е сѐ поголем недостигот од вода за пиење, за ниви вадење и поење на стоката. Ги закрвија, ги закрвуваат соживотот и меѓусебните роднински и соседски односи со тоа што оние на левиот брег им ги затвораат вентилите од селскиот водовод на оние на десниот и сета вода ја навртуваат накај себе. Па тие по три, четири, дури пет дена и ноќи на ред немаат во чешмите ни капка.

Еден од најстарите селани на Пакосница, сто и двегодишниот Делјан Спасовски, седи на мало триножно дрвено столче на тремот на дотраената куќарка, речиси пред уривање, го втренчил погледот кон поројниот дожд, сивитеи модрите облаци, грмотевиците и маглата, не чувствувајќи го студот, и повторува полугласно, како само за себе:

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, мијатурни раскази/ескизи

„Божја казна за нечовештина. Божјата казна го стигнува секого“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here