Потребно време за читање: < 1 минута

25. И со живи и со мртви

Симеон и Катерина Китанови живеат самотно во спомени со свои живи и со свои мртви веќе шест ипол години. Откога последниот нивен жив, Иван, прв братучед на Катерина, почина од неизлечива болештина по двегодишно залудно, измачувачко лечење, и откога со своите години им се доближија на нивните последни мртви-единствениот брат на Симеон, Ведран, и ќерка им Софија; загинати во сообраќајна несреќа со автомобил, во директен судир со камион и пад во длабока провалија.

Самотната живеачка на Симеон и Катерина Китанови, во спомени со свои живи и со свои мртви, е секидневно повторлива: наутро одење на гробишта-посета на семејната гробница, положување свежо цвеќе и палење свеќи, во молк; враќање дома, во еднособниот стан со стар, излитен мебел, размена на понекое заедничко доживување во младоста или со некој од нивните живи или мртви, во молк; малку одмор на снагите, па извршување на од којзнае кога меѓусебно распределени куќни обврски и задолженија, во молк; предавање на попладневно лично задоволство или пасија, во молк; вечерна прошетка по улици на градот, низ продавници, на кеј или во парк, во молк; и легнување и заспивање во доцен ноќен час за совреме станување следното утро, во молк. Сè и секогаш во молк?! Да! Отсекогаш? Не! Од кога? Откога живеат самотно со свои живи и со свои мртви. Веќе шест ипол години.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Јас, Никола Ристовски, сосед на Симеон и Катерина Китанови, можам да посведочам дека и тој и таа некогаш радосно, а поначесто загрижено секој ден молчешкум споделуваат моменти еднакво со свои живи и со свои мртви. Точно знам кога со едните, кога со другите. Најпрвин според нивната расположба, а особено според спокојот и возбудата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here