fbpx Прескокни до главната содржина

ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 77

77. Разрушени

Се разрушуваа долго, многу години. Најсетне, пред два дена конечно се разрушија. И старата куќа и животот во неа. Не се разрушија истовремено, во ист ден, туку едниот во еден а другиот во следен, но тоа е веќе сосем сеедно. А ни нема за кого да не биде. И куќата и животот во неа беа последните уште неразрушени во пустошното село.

Се држеа заедно, се крепеа меѓусебно, иако знаеја дека уште долго не ќе можат. Гледаа и чувствуваа како им се забрзува разрушувањето. Во последниве недели и денови го гледаа и го чувствуваа тоа рамнодушни, како предадени на смрт. Да, разрушувањето одамна го прифатија како долго умирање, а разрушеноста како конечна смрт. Можеа обете уште да им се опираат, да го продолжат умирањето, да се бранат од конечната смрт? Животот можеби можеше, а куќата секако не. Има зошто секако не: од раѓање се заедно. Имено, куќата заврши со градење, со поставување на последната керамида во истиот ден кога се роди животот и никогаш, во сето нивно изминато време не се разделија, не се оставија. Не беа еден без друг ниту миг.

Прочитај и за ... >>  СВЕТОВИ, поезија/припеви, 91-95

Конечно се разрушија од снеможеност и старост? Животот не сосем, куќата сосем да. Животот во голема мера и поради самост. Најточно е да се каже дека куќата се разрушуваше и се разруши конечно од снеможеност и старост зашто животот во голема, можеби и во преголема мера беше самотен.

Куќата и животот во неа конечно се разрушија. Конечно станаа урнатини. Куп камења, дрвени греди, летви, глина, плитари, керамиди, шајки, железни прачки, зборови, кажувања, песни, игри, растења, молчења и тишини. Да, и болештини и смрти во љубов.   

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.