Потребно време за читање: 2 минути

11. Бизнис и политика

Христина Радеска е позната деловна и мошне влијателна жена, една од најуспешните во градот; сопственичка на ИТ компанија, со бизнис врски со бројни соодветни компании во странство. Мажена за Спиро Радески, сопственик на неколку маркети. Имаат мошне стабилен брак, со суредени меѓусебни односи, и веќе три израснати деца, тинејџери-две женски и едно машко.

И Христина и Спиро не членуваат во ниедна политичка партија, ниту финансиски или на кој било друг начин поддржуваат некоја од многуте; меѓу кои најмногу оние што ги нарекуваат султан партии. За чудење? Да, со оглед на зависноста на бизнисот од политиката, на политизацијата на сè во животот, поточно на длабоко вкоренетото политикантство во државата и општесвото. Не, ако се имаат предвид нивниот изграден авторитет, особено на Христина во странство, како и високото интелектуално ниво.

Познати се нивните заеднички ставови воопшто за организираната и ефикасна држава и за модерното општество, како и за моментните состојби и процеси. Често јавно искажуваат мошне остри критики за спрегата меѓу бизнисот и политиката, за политичките партии и особено за политикантството.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Од нивни неодамнешни јавни настапи:

Христина Радеска:

„Не ја спорам неминовната поврзаност, па и заемност меѓу бизнисот и политиката. За мене таа е од особено значење кога станува збор за заеднички одлуки и заедничко дејствување за општо добро. Ги имам на ум употребата на власта и моќта во интерес на државата и општеството. Во тие рамки политиката како наука, со основна цел стекнување и примена на моќ. Природно е постоењето на политичките партии кои се формираат за да се стекнат со моќ во власта, а потоа да ја одржуваат што подолго. Меѓутоа, за мене е неприфатлива партија без јасна, дефинирана и конкретизирана идеолошка матрица. А повеќето од нашиве го немаат тоа. Јас не поддржувам ниедна ни финансиски ни на каков било друг начин прво затоа, а после дека поврзаноста и заемноста многу брзо ја претвораат во зависност. И тоа пред сè зависност на бизнисот од политиката“.

Спиро Радески:

„Мене од сè во спрегата меѓу бизнисот и политиката најмногу ми пречат организацијата на партиите, дека речиси сите се султан партии, и политикантите како нивни членови или симпатизери. За мене се тие две работи апсолутно неприфатливи, па затоа не ни помислувам да се зачленам во некоја, ниту ги поддржувам финансиски или на каков било друг начин. Ај организацијата е внатрешна партиска работа, може да се смени, да се надгради и слично, ама политикантите…Токму тие не само што го уриваат дигнитетот на партијата, инаку најголема причина за недовербата на народот кон нив, туку со медиокритетството и понизноста спрема партиската врхушка го деградираат самото нејзино постоење; откако ќе ја освојат власта или ќе влезат во неа долго не опстојуваат како партии, туку се претвораат во полит-бизнис олигархиски ненародни режими кои на секакви начини злоупотребаат, всушност крадат пари од народот“.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 73

Во последно време ИТ компанијата на Христина во помала, а маркетите на Спиро во сè поголема мера се соочуваат со бројни тешкотии и проблеми во своето работење. Власта на прикриени, посредни, но и отворени, директни начини речиси секојдневно им прави секакви пречки.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here