Потребно време за читање: < 1 минута

71. Како деца

Се собрала група средовечни мажи жени. Испоседнала на клупи околу долга ореова маса, на трем на куќа средсело, во распаѓање, веќе без покрив. Селото е пусто и запустено, како многу други околу него. Нема веселост на нивните лица. На нив најмногу студена рамнодушност. Се познаваат? Да не се ближни, блиски роднини?

Евоцираат спомени од детството. Всушност, евоцира најстар меѓу нив, седнат на чело на масата. Другите молчат, често речиси незабежливо климајќи со главите. Неговиот глас е напати трепетен, напати возбуден, напати монотон.

Најчесто повторува:

-Имавме сиромашно, ама убаво детство во нашево село. Безгрижно, со многу играње, со многу игри, но и секидневна ука и поука од родителите и старите…Неповторливо…Денешниве не можат ни да ги замислат убавините и среќата…Во мене, а верувам и во сите вас детето е живо. Тоа што сме живи најмногу му должиме токму на нашето детство во селово. А селово…Да, да, мораме да го оживееме. Секој како знае, умее и може.