Потребно време за читање: 2 минути

67. Брзаница

Средовечен и старец во кафуле, седнати за маса еден спроти друг. Пијат кафе.

Средовечниот замислено:

-Татко, конечно успеав да се оттргнам од брзаницата на животов за да бидеме заедно некој час…Многу ми паѓа тешко тоа дека ретко ти идам дома. Знаеш дека не е зашто не сакам.

Старецот со рамнодушен глас:

-Тамам работа да не сакаш, синко. Го разбирам животов. Брзаницава и троши и одзема сè, а најмногу од личното време. Не ја прифаќам, огорчено сум против неа, ама ништо не ѝ можеме ни јас ни ти. Никој…Како сте дома?

Средовечниот со воздишки:

-Ех како! Кој како. Секој по свое, со свое…а сè помалку наше. Ретко се гледаме меѓусебно, камо ли да седнеме за маса, да поприкажеме за нешто што ни е заедничко…Да размениме мислења, да се посоветуваме. И кога сме сите дома, исто е како да е секој сам со себе…Како да нема никој…Туку, како си ти со здравјето? Секогаш кога ќе те прашам телефонски ми велиш „Добро е, ме крепат нозете“. Ама некако не ми звучиш убедливо. Сè мислам дека така велиш за да не ми натовариш уште една грижа.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Старецот го загледува продорно и молчаливо, се поднаведнува кон него и му одговара со стишан глас:

-Не, синко, не те лажам. Вистина ми е добро…Гледаш сам дека сум уште на нозе…Се знае, здравјето на годиниве е какво што е, ја дроби снагата, па човек додека може може. А кога до толку ќе снеможи што да не може ни да стане од постела, е тогаш…Тогаш ја посакува брзаницата на смртта…Ах, таа брзаница…Туку, како си со пари? Имаш доволно за комотен живот?

Средовечниот одмавнува со рака, па одговара бавно, како да избира зборови:

-Ех доволно…Комотен живот?! Знаеш што, татко мој? Кого да прашам, не знае да ми одговори што е за него комотен живот! Но, и не се согласува со мене дека е тоа да имаш доволно. Секој возвраќа со прашање што е тоа доволно.

Старецот поднасмевнат:

-Знам…Нормално…Доволноста, поточно недоволноста е отсекогаш лична…На пример, на моиве години е доволно да имам да каснам и да пивнам нешто, макар добра вода, да имам при рака лек за кога ќе ме заболи што било…Кога би имал за да прошетам, да видам уште нешто од светов пред да умрам…Јас мислам дека баш недоволноста ја наметнува брзаницата на животот…

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Средовечниот погледнува на рачнииот часовник на десната рака, го повикува келнерот да му плати, станува и вели со брзаница во гласот:

-Мораме да ја завршиме средбава…Баш ми е мило што поседовме и си поприкажавме…Ми мина слободното време…Ме чека многу работа…Ме чекаат луѓе, клиенти…Знаеш како е во бизнисот…Да те одвезам дома, па…Ќе ти се јавам скоро…Ќе најдам време за пак да си поседиме вака…Да бидеме заедно макар час-два.

Стануваат и излегуваат од кафулето.