Потребно време за читање: 2 минути

73. Матна река

Рекава на чиј десен брег доаѓам често е одамна матна. Некогаш мислам дека мора да е таква штом тече низ голем град кој само до пред дваесетина години беше мал. Во меѓувреме навалија да го населуваат од сите страни млади и стари, напуштајќи ги своите запустени имоти и куќи во внатрешноста на државата, барајќи можности за пристојна живеачка. Па како секоја друга река, и оваа почна да се заматува од ден на ден сè повеќе. Така што можеби веќе не ни може еден ден да се избистри. Поточно да ја избистрат, за пак да заличи на река. Како да ја избистрат? Многу лесно: со пречистителни станици што подалеку, а вдолж нејзиниот водотек, со познати и веќе применети „чистачи“, како и со менување на односот на граѓаните спрема неа. Тогаш зошто сè уште не се презема ништо од тоа или, пак, нешто друго, може и некоја иновација? Просто затоа што не се знае, а всушност се знае точно зошто: рекава е матна затоа што се мати свесно, од интерес, и тоа најмногу личен.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 66

Како и да е, зошто и да е, често доаѓам на десниов брег на одамна матнава река за да го дооткријам и доразберам говорот на нејзиниот водотек. Можеме да разговараме меѓусебно, се разбира пред сè токму за нејзината матност и нејзиното постојано матење.

Всушност, јас и матнава река веќе имаме наш говор. Се разбираме. Таа зборува со своето шумолење и бранување, за други еднолично и со постојани мали и пенливи бранови, јас со загледаноста во неа, со мојата самотност на брегов, и со молкот и мислата за сегашниов сосе можниот иден живот во градов. Се разбира, тие наши разговори не траат долго. Најчесто во зависност од моето и нејзиното време за заедништво.

Ја прашувам матнава река дали се надева скоро да стане бистра или е пред решение да секне. Многу ме загрижи нејзиниот одговор:

-Граѓаните во градов можат да ме избистрат буквално преку ноќ. Се разбира, ако сакаат и ако се подготвени да се вложат себеси и да ги вложат потребните средства за тоа. Засега не слушам, не гледам и не читам дека сакаат, ниту оти се подготвени за тоа. Значи, сум пред решение да секнам. Не знам како не забележа досега дека веќе почнав да секнувам.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 64

Забележав и затоа ја прашав.