Потребно време за читање: 2 минути

4. Стрико Јордан

Откога ја закопаа стрина Богданка, уште пред година ипол, стрико Јордан си фати свој ред за сам катаден: во рано утро станување, пиење кафе, полчас шетање низ двор; после поседување во ореов лад, па во первиот часмод попладнето готвење нешто лесно и брзо, ручање; потоа два-три часа дремење и некогаш богами добро наспивање, а квечерум дури се гледа качување до врв на ридот зад куќарката, колку за уморување; на крајот од денот гледање на што-годе на телевизија или читање книга од неговата библиотека со секакви книги. Легнување на час-два пред полноќ и преспивање на ноќта.

Имаше соништа? Велеше дека има секакви, лоши, добри, со мртви, со живи, со сеништа, црна темница, со гласови и тишини. Ама исто како никакви зашто немаше кому да му ги прекажува и со кого да ги толкува. Со мене? Јас му идев ретко, колку да го видам и да бидеме заедно некој час. Едвај имавме време за како си, како здравје, има ли мака, да не му треба нешто. Само стрина Богдана, откога ја закопаа пред година ипол, не можеше да не ни дојде на ред во муабетот.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Последно со неа, заедно на сон, за неа од него:

„Мојата Богдана ме изнафали и неколкупати нагласи дека е изненадена како сум се снашол без неа. Мислела дека ќе биде како што ми велеше дури беше жива-не знам што и како да правам, ништо не сум научил да готвам, сам не знам да си ги перам алиштата, да ја држам чиста куќаркава и просто не сум научил да бидам сам. Без неа не ќе можам уште долго. Годините веќе не ми се за друга друшка, па сигурно скоро ќе ѝ дојдам, ќе ѝ се придружам на оној свет.

Ѝ реков дека човек може секако, научува да живее или живурка како било; се снаоѓа во која било состојба и ситуација. Не ми е лесно без неа, знае дека ми е сè поинаку, ама морам. Човек не испушта душа кога сака, туку кога му е пишано, како Бог му го наредил животецот од раѓање до смрт. Таа се поднасмеа и пред да ми го напушти сонот ми рече:

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 76

-Да знаеш, нема уште долго да те чекам. Скоро ќе се видиме и заедно ќе продолжиме во мојов свет. Дури бев жива не ти признавав, но еве сега ти велам дека ми недостигаш и тешко ми е без тебе.

Ѝ реков дека исто и мене таа ми недостига, ми е тешко без неа и баш ме радува дека скоро пак ќе бидеме заедно. Не мислам на смртта, ниту ја посакувам, ниту ѝ се плашам. Исто ми е како што го прифатив и го прифаќам животот еднакво со она што ми е наредено и онака како што јас си го редам по свое“.

Утрово го најдов стрико Јордан во куќарката, во неговиот кревет. Мртов, бел, студен, вкочанет и со насмеано лице.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here