Потребно време за читање: 3 минути

46. Независни

Уште додека учеа и студираа, исто така од почетокот на нивното брачно сопатништво, па сè до нивната сегашна (привремена или до којзнае кое и какво време?) насилна разделеност, најмногу што ги поврзува и врзува цврсто е нивната лична независност. Можеби е поточно да се каже дека токму нивната лична независност, односно ученоста, умноста, одлучноста и слободоумноста најмногу ги предизвикуваше досегашните и актуелните властодршци да им „режираат“ секакви собитија со тешки, мачним, дури страдалнички собитија. Просто речено, тие затоа се плашеа од нив и затоа им пречеше нивното сопатништво.

И Бисера и Пламен токму со независноста, наспоредно со неа почитувањето и стекнатиот авторитет, се наметнуваа како личности кои блиските, па и незнајните од сите сфери на животот ги поддржуваа радо подарувајќи им даваа доверба.

Својата независност Пламен и Бисера најмногу ја докажуваа со одбивањето партиски понуди токму како независни кандидати. Додека беа во Македонија, во Скопје, без никаква отстапка држеа дистанца од политиката воопшто, а одбиваа каков било конкретен ангажман непосредно поврзан со власта и владеењето. Беа близу до власта додека имаа свој бизнис, па и кога се откажаа од него, кога тој им пропадна. Дури и кога баш во борбата да останат со него и во него водечките партии им нудеа финансиска поддршка и користење поволни можности за конкретни зделки.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, поглавје 66

И сега, кога се разделени, оддалечени еден од друг, Бисера и Пламен имаат заеднички став за власта како власт, одамна потврден во земји со развиена демократија: таа мора целосно, со конкретни активности и заложби да биде во служба на човекот како индивидуа, но едновремено, а не наспоредно „слуга“ на народот, државата и општеството.

Додека беа во Македонија, во Скопје, а и сега-Бисера во Канада, во Монтреал, Пламен во Англија, во Бирмингем, обајцата се мошне остри критички, можеби е поточно да се каже жестоки противници на актуелната македонска власт. Тврдејќи дека таа всушност не е власт, туку политикантска, корумпирана, криминогена коалиција на партии што не се тоа, туку се акционерски друштва или агенции за вработување на свои членови, послушници и слуги. Кои на сите нивоа и во сите сегменти „сместуваат“ неписмени и полуписмени, дилетанти, недоветни, тапоумни, политиканти, платеници на странски сили, понизни, подлизурковци, мативоди, измамници. И актуелнава, како сите други пред неа, е октроирана власт, значи божем избрана на божем демократски избори. Кое е решението? Кој е спасот на државата и општеството од состојбава, во политикологијата позната како партократија, што во суштина е целосна негација на демократијата, загрозувајќи ги со Устав загарантираните човекови права? (Да, сите нејзини специфики „применети“ во Македонија: власта не е во институциите, туку во владеачките партии; во правосудниот систем наместо стручни и независни, се поставени членови или симпатизери на партија или партии на власт; на раководните места на државните органи-полицијата, инспекциите, системот на безбедност и други, и јавните служби-здравство, образование, комунални служби и други се именуваат лица без стручен и морален интегритет, а верни на партија на власт; се вработуваат членови или симпатизери на партија или партии на власт во јавните служби; партиска и меѓупартиска е распределбата на општественото богатство и природните ресурси.) Како да се сопре системската корупција како последица, а која вклучува распределба на буџетските средства, јавните набавки, системот на образованието, клиентелизмот и непотизмот, организираниот криминал и општата сиромаштија?

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Во расправи и полемики со пријатели и познајници Пламен како единствено брзо, буквално прекуноќно решение го истакнуваше и го истакнува токму „преземањето на државата“ од страна на независни, слободоумни, мислечки, учени и творечки личности. Притоа, имаше и има одговор на прашањето тогаш зошто би постоеле политичките партии чија главна цел е токму освојување на власта: партиите треба да се трансформираат „одземајќи“ им ја таа цел, а дефинирајќи ги како партии кои ќе нудат, ќе предлагаат за реализација не „општа, генерална, државна“ политика, туку свои конкретни политики во една, повеќе или сите сфери на животот. Би прифатиле Бисера и Пламен да бидат дел од тој тим на личности? Обајцата потврдуваа и потврдуваат решително.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here